Груевски за Вапцаров: Голем македонски патриот!

t

Никола Јонков Вапцаров

81 година од стрелањето- In memoriam

“Но в бурата пак со тебе ќе сме,
народе мој, зошто си се сакавме!”
Во раката на неговата сопруга, пред да го стрелаат остана ливчето со овие заветени стихови од песната “Предсмртно”
„Ние сме Македонци. Затоа и нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза.“
—Никола Вапцаров, „Реферат“, 1938
„Јас се борев за среќата на мојата Татковина, готов сум да умрам за неа! …„Јас дејствував со полна свест дека и служам како верен син на својата Татковина. Не се каам! Милост од никого не молам!
Пред фашистичкиот суд во Софија
„Мамо, јас треба да умрам. Гледај да свикнеш со таа мисла, смирувај се со зборовите на твојот Христос: Ако житното зрно најнапред не умре, тоа нема да даде плод”.

На мајка му пред стрелањето

***

Ако на неколку минути пред точно 81 години од неговото стрелање треба со неколку зборови да се опише Никола Никола Јонков Вапцаров (7 декември 1909 – 23 јули 1942 година ), веројатно тоа би биле: бунтовник, поет, едеист, македонски патриот, романтичар, социјалист, храбар, жртва.

Тројцата стрелани Македонци – Никола Вапцаров, Антон Попов и Атанас Романов не беа стрелани првенствено како изјавени комунисти, зашто такви беа повеќе десетици на тој голем процес, туку пред се како изразито ангажирани македонски национални дејци, како најистакнати активисти на Македонскиот литературен кружок во периодот (МЛК) од 1936 до 1942 година.

Во април 1939 година е донесен Статут на кружокот, во кој јасно се нагласува дека: „Кружокот е самостојна, независна група од македонски поети и писатели, обединети од заедничка цел да работат за создавање на македонска уметничка литература.“ Кружокот е активен до 1941 година, кога заради прогонствата и затворањата на членовите на кружокот, тој престанува да постои.

Вапцаров започнува илегално да делува и учествува во многу саботажи.

По нападот на нацистичка Германија врз СССР заедно со Антон Попов, кој исто така питекнува од револуционерно семејство, од прадедо, дедо и татко, е македонски писател, патриот и учесник во отпорот против режимот во Бугарија, стануваат членови на Воениот центар при ЦК на бугарската комунистичка партија (БКП).

Во реферат по повод основањето на кружокот, Вапцаров напишал:

„На нас, како Македонци што пишуваат, ни е неопходна една правична емоционална сила, што ќе ни ја раздвижи крвта, ќе ни раздвижи многу претопени чувства, многу спомени… Зашто ако последните години македонската револуционерна борба тапка во место, ми се чини дека причината е во недостигот на жива творечка сила… Се случи така што во српска и грчка Македонија (Вардарска и Егејска) – великобугарските утопии се оладуваат и јакне едно поколение инспирирано од лозунгот…„Слободна и независна Македонија“.

„Тоа е најважната етапа од македонското прашање кое навреме не го забележавме и за чие преспивање носиме одговорност… Ако тагуваме за својата Татковина, ако во нас има капка македонска крв, ако во нас останала капка благодарен патриотизам, овојпат треба да се впрегнеме, ропски да се впрегнеме, за да понесеме дел од одговорноста на едно дело и жестоко величие на една епоха… Ние треба да ја познаваме македонската историја и најмногу историјата на национално-револуционерното движење – Илинден, Гоце, Даме… Ние сме Македонци. Затоа и нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза…“

Следбеник на Мисирков и Чуповски со Македонскиот литературен кружок (МЛК) чии иницијатор и водач е самиот тој во Софија, како продолжение на Македонското научно-литературно другарство во Петроград и предвесник на Друштвото на писателите на Македонија, основано во 1945 година. Јадрото на програмски обновениот Македонски литературен кружокот го сочинуваат Никола Вапцаров, Антон Попов, Михаил Сматракалев (Ангел Жаров), Кирил Николов, Ѓорѓи Абаџиев, Асен Шурдов и др. Член на кружокот бил и Димитар Митрев познат македонски научник и општественик. Подоцна во кружокот беа опфатени уште и македонските поети Коле Неделковски, Венко Марковски и новинарот Митко Зафировски.

Никола Јонков Вапцаров сосема оправдано пред десетина години доби свој споменик пред општината Бутел и уште една статуа на мостот на уметноста во строгиот центар на главниот град, каде со статуи се преставени најзначајните македонски уметници.

Роден во градчето Банско во пиринска Македонија, Р.Бугарија, каде го минал и детството, гимназија учел во Разлог, но поради тешката материјална состојба го прекинува образованието и потоа завршува воено поморско- машинско училиште во Варна. Во 1935 година Бугарија веќе била економска криза.

За да преживее Вапцаров работи како физички работник во фабрика во Софија во многу тешки услови, по 12 часа на ден и под огромни количества на јаглерод диоксид, заради што имал здравствени проблеми, па бил принуден неколкупати да менува работа а еден период заедно со сопругата да се без никаква работа и приходи и оставени на помошта на пријателите. Борејќи се со сиромаштијата, ќе доживее лична трагедија – ќе му почине синот единец Јонко. И покрај исклучително мачниот живот, не престанал да пишува.

Со неговите политички, синдикални и патриотски активности тој постојано ги раздразнува властите во Бугарија. Во 1940 година Вапцаров ја издава својата единствена стихозбирка „Моторни песни“ собирајќи самиот при за тоа, и ставајќи се себе како издавач со нецелосно име – Никола Јонков, бидејќи ниту една печатница во Бугарија немала храброст да биде негов издавач.

Овој најпознат македонски поет меѓу македонските поети кои не твореле на македонски јазик, пишувал на јазикот на кој бил образуван и воспитуван – Бугарскиот. Преведуван е на 45 други јазици, меѓу кои и македонскиот.

Потекнува од семејство на патриоти и борци, протестанти-евангелисти, мајка Елена Везјова, учителка, татко Иван (Јонко) Вапцаров, другар и следбеник на Гоце Делчев и поетот, писател и официјален биограф на Гоце Делчев Пејо Јаворов. Татко му бил илиндинец, а подоцна член на ВМРО протогеровистичка.

Никола Јонков Вапцаров бил активист на ВМРО Обединета каде најистакнати дејци биле Димитар Влахов, Павел Шатев, Панко Брашнаров, Методија Шаторов Шарло, Владимир Поп Томов, Ризо Ризов, Симеон Кавракиров, Михаел Герџиков, Георги Занков, Васил Ивановски и други.

Подоцна со прогонот и распуштањето на ВМРО Обединета од страна на бугарската влада, Вапцаров станува член на комунисточката партија на Бугарија и е стрелан од бугарската фашистичка власт на гарнизонското стрелиште во една софијска касарна точно во 21:10 часот на денешен ден пред точно 81 година, одкако истиот ден во 11:00 часот во присуство на неговите и на другите стрелани најблиски им е прочитана пресудата, без право на жалба.

Пишува претежно социјално-класна и патриотска поезија иако има и песни поврзани со шпанската револуција но и љубовна поезија, од која веројатно најпозната е песната која ја напишал неколку часа пред да биде извршена смртната пресуда со стрелање врз него, а ја посветил на неговата сопруга Бојка Вапцарова.

Од стиховите е очигледно дека и покрај големото мачење и тортура, кое го доживеал од апсењето на 4 март, па до стрелањето на 23 јули 1942 година, период во кој знаејќи дека смртта е неизбежна имал и обид за самоубиство со сечење на вените, сепак во часовите пред стрелањето очигледно бил смирен и инспириран за да ги напише стиховите кои денес веќе се антологиски:

ПРОШТАЛНА (на жена ми)
Понекогаш ќе ти доаѓам на сон,
како нечекан и несакан гостин.
Не ме оставај ти надвор, на патон–
вратата не ја лости.
Ќе влезам тивко, кротко ќе седнам,
ќе вперам поглед во мракот да те видам.
Кога ќе се нагледам –
ќе те бакнам и ќе си отидам.

Неговата сопруга, инаку ќерка на Македонци, доселеници од Егејска Македонија слично како и неговата мајка, десетина години по неговата смрт објави “Спомени за Вапцаров” каде ги подвлекува неговите зборови: “ Вистинскиот писател треба да се слее со народот, да биде неговото уво, око и срце. Што се однесува за писателите Македонци – за нив е неопходно да ја знаат историјата на македонското национално и револуционерно движење”.

Неговиот верен соборец Михаил Сматраклев во “Никола Јонков Вапцаров, Спомени, писма, документи”ги пренесува следниве зборови на поетот:

„Треба да се собереме, да се организираме, да ги дадеме своите сили за слободата на нашиот измамен македонски народ. Нашата македонска историја врие од ликови, од славни подвизи, од големи револуционерни настани, од легендарни борци; нашата народна песна е чудесно мелодична и трогателна! Но сето тоа нема најдено одраз во литературата. Богатите сижети и за поети и за белетристи стојат нечепнати. Се појавија млади поети. Треба да го разјасниме тој почеток, да ги организираме одделните усилби, да се напнеме да го усвоиме мајсторството, да ги запознаеме темите, да создадеме вистински уметнички дела. Нашата работа е благородна. Ние треба да воздејствуваме врз нашиот народ, да ја појасниме неговата национална свест, да ја разгоруваме неговата борба за национална слобода и за социјална правда.…”.

Пишувајќи за активностите на македонската емиграција во Софија, очигледно Вапцаров и самиот се чувствува емигрант, па во живата дискусија по рефератот било речено: „Ние сме должни, макар и во емиграција, да работиме за создавање македонска литература. А и тука емиграцијата си има свој свет, свои идеи, бит, борби што треба да најдат одраз во нашите творби. Треба да ја разгоруваме националната свест на Македонците. Светот треба да разбере дека ние сме одделна нација, одделен народ, со свои особени квалитети што не одделуваат од другите Јужни Словени”

Со ретки исклучоци, сè до 1956 година и во Софија и во Бугарија главно не се оспорувало македонското национално чувство, македонската национална свест и македонското национално дело на Никола Вапцаров.

Јасно се истакнувало дека татковината на Вапцаров е Македонија, дека земјата на Вапцаров е поделената Македонија и дека народот на Вапцаров е единствено -македонскиот.

Во тој период се создава една прилично богата литература од спомени и истражувања за Македонецот Вапцаров. Меѓутоа, со промената на политичкиот курс во однос на македонската нација, кога Бугарија ја менува политиката, и односот на Бугарија кон Вапцаров се менува, па оддеднаш го присвојуваат како голем бугарски патриот, што многу ја сакал Бугароја, впрочем како и за многу друго македонски дејци.

Сепак националната самосвест на Никола Ј. Вапцаров и во Република Бугарија има различни толкувања. Меѓу истражувачите на вапцаровото дело посебно место завзема бугарскиот филолог (лек Соколов, лексикограф и ономастичар) и виш научен соработник во Институтот за бугарски јазик во БАН во Софија Тодор Георгиев Балкански кој во многуте статии особено во средината на деведесетите години од минатиот век подвлекол неколку работи за Вапцаров, кои во своето дело “Никола Вапцаров и македонскиот литературен кружок” детално ги пренесува и ги анализира академик Блаже Ристевски кого го цитирам подолу во делот на ставовите на Тодор Балкански.

Тој пренесува како Балкански со лутина запишува:

,,1. МЛК (Македонскиот литературен кружок) е првата организација во бугарската литература по “лозарите” од минатиот век што се зафатила со негацијата на бугарското име. Веќе како учесник во овој кружок Н. Вапцаров е завршен македонист и негатор на бугарското народносно и хоронимно име.

2. МЛК ги прероди мисирковските негации на лингвонимот бугарски јазик како јазик на Македонските Бугари, воопшто ја прероди мисирковштината како појава во бугарскиот национален живот, коешто е срам за секој културен народ.
3. МЛК ги создаде најзавршените негатори на бугарското народносно име, на бугарскиот јазик и на нашето државно име, меѓу кои неприкосновени пионери се В.Марковски, Н.Вапцаров, Д.Митрев, К. Неделковски.

4. МЛК во суштината е антибугарска организација што ја реализира најголемата агресија кон бугарскиот народ, иницирана од Комунистичката интернационала…”

Авторот, во својот „антимакедонизам”, дообјаснува: „Основната задача на Кружокот е да ги создаде основите на јазикот, божем различен од бугарскиот, на кој таа нација да се делегира. Поставена е реалната задача: како прв лектор е претставен најавторитетниот сред пишувачкиот сталеж, Македонец од Штип Тодор Павлов. Тој прв го поставува прашањето за создавањето на македонскиот јазик во едно предавање.

Програмата на Кружокот според Балкански е претставена од самиот Н. Вапцаров, каде што изречно е покажана насоката кон создавање на етнонимно значење во името, Македонци и лингвонимно значење во името „македонски јазик, т.е. отсега натаму Македонците (Македонските Бугари) да се претставуваат како етнички Македонци, македонскиот, говор на бугарскиот јазик како јазик на етничките „Македонци, и респ. географската област од бугарската етничка територија Македонија (со старото име Долна Земја) – како етничка територија на македонскиот народ, а исто така и како јазикова територија на македонскиот јазик.

Балкански со ова само ја потврдува макеоднската самосвест и национална идеологија на Никола Конков Вапцаров и како и повеќето бугарски дејци серо тоа го поврзува со коминтерната.

Балкански се дообјаснува:,,Кружокот вели – по својата суштина е исцело антибугарски; исцело антибугарски се и концепциите за бугарскиот народ како различен од македонскиот, за Бугарија како територија, земја различна од Македонија. Во дејноста на МЛК имињата Бугарија, бугарски и Бугари се натоваруваат со негативен емоционален набој и насекаде, без исклучок, се негираат. Се утврдува како хороним за етничката територија единствено името Македонија, коешто никогаш во нашата историја – вели филологот – немало такво значење.

Бугарите речиси до Преродбата Македонија ја нареч единствено Долна Земја, а нејзините жители – Долноземци….

Авторот тврди дека Вапцаров навистина нема бугарско по содржина творештво“ и врз конкретни примери покажува дека поетот никогаш не се чувствувал Бугарин и своето творештво никогаш не го ни третирал како бугарско. Како следбеник на идеологијата на “лозарите“ и на Македонското научно-литературно другарство во Петербург, Вапцаров навистина има особено видлив пиетет кон Крсте Мисирков. Дури и самиот Балкански кажува дека, заедно со сомислениците од Кружокот, Вапцаров ја посетил сопругата на Мисирков и на неговиот син (на 12 јуни 1940 година) му напишал патриотска посвета на својата штотуку излезена стихозбирка „Моторни песни“. Исто така, тогаш кружочниците ја проучуваат и на состанок колективно ја разгледуваат книгата „За македонцките работи”, па не само што највнимателно ја препишуваат, туку и ја размножуваат (на машина) и еден примерок испраќаат за преобјавување – во Вардарскиот дел на Македонија.

Разгледувајќи ја патриотската македонска линија на Вапцаровата поезија, авторот на книшката оценува дека „крајните антибугарски настроенија на Никола Вапцаров најјарко се изразени во песната, Земја. Вистина, не ги заборава и другите од циклусот „Песни за татковината”, но сепак непара сака да се обѕрне и кон стиховите што не можеа да влезат во стихозбирката,,Моторни песни“.

И прашањето за македонскиот јазик како литературен за Македонците, независно од фактот што Н. Ј. Вапцаров пишуваше на бугарски, е сосем разјаснето. Тоа го признава и Балкански: Вапцаров веќе имал конкретно определен и деклариран однос кон создавањето на македонскиот јазик во тоа време – вели тој и опширно ги цитира зборовите на гостинот на едно заседание на Кружокот бугарскиот славист Симеон Русакиев. Балкански првпат по половина век го цитира искажувањето на Русакиев (што беше исфрлено при второто издание на овие спомени!): „Другарите од Кружокот имаа задача да го разгледаат проблемот за издавањето на една антологија на македонската национална литература. Во таа антологија се проектираше да бидат вклучени литературни творби од времето на Кирила и Методија до нашиве дни. Проблемот беше поставен вонредно сериозно и по него се искажаа сите членови на Кружокот. Се сврзаа спорови, се искажаа различни мислеива. На тоа заседание Вапцаров го направи основното искажување. Тоа што го чув од него, а исто така и од некои други членови на Кружокот, ми направи силен впечаток. Вапцаров зборуваше за македонскиот народ, за неговата ослободителна борба, за неговата национална култура и литература, за неговата иднина. Со својата чудесна логика, со правилното поставување на прашаньата тој го создаде кај мене впечатокот за добро подготвен марксист што ги познава генијалните ленинско-сталински разработки по националното прашање што успешно ги поврзува со борбите и задачите на македонската нација. Вапцаров зборуваше спокојно, но со внатрешно напрегање и страст, со ретка убедливост, со чувство на патриот, на патриот интернационалист. Откако го преброди тешкото историско минато на Македонија, тој се озаруваше кога зборуваше за нејзиното ослободување. Во името на светлата иднина тој ја истакнуваше неопходноста за борба против шовинизмот на бугарската и на југословенската буржоазија. Во своето искажување за македонскиот јазик тој зборуваше за одамнешната книга на Мисирков што за првпат го постави прашањето за македонскиот јазик, зборуваше за Кирил и Методија, Климент Охридски, попот Бо- гомил, Кирил Пејчиновиќ, Јоаким Крчовски, браќата Миладиновци, Григор Прличев и др.”

Но сето тоа не му пречи на авторот упорно да ја тера својата вообразена теза, револтирано се отклонува од научната методологија и неконтролирано пишува:

“И во моментов, кога ги пишувам овие редови, сум огорчен од односот на добриот поет кон единствениот јазик што не обединуваше и не обединува сите Бугари, каде и да сме по светот. Вапцаров беше од оние коминтерновски, касапи што го одделија од телото на бугарскиот јазик т.нар., македонски јазик. Тој почина како антибугарин и не си ја разбра ни грешката, ниту пак илузијата дека создаваниот од него ,македонски јазик не може да биде ништо друго, освен друга, втора литературна норма на бугарскиот јазик, факт познат и од историјата на нашиот јазик, и од историјата на други индоевропски јазици.

Единствениот документиран случај, продолжува Балкански -кога Вапцаров во македонскиот период од својот живот [како да имал и немакедонски период!] ја употребува придавката бугарски, е во судот. Барајќи начин да се спаси, й поставува прашање на Ел. Багрјана: Ги познавате ли моите стихови ?… Претставуваат ли тие принос за бугарската поезија (тука по Ст. Коларов 1979, 203). Другото место, каде што ги има употребено зборовите Бугарин и бугарски, се затворничките формулари, но со нив не можел да постапи на подруг начин [и тука како споредба ја цитира Молбата на Лазар Колишевски од декември 1941 година!].

Како резултат на досега изнесените факти – вели Балкански – тоа е можно да се каже:

1. Вапцаров е еден од последните негатори на бугарскиот јазик сред претставниците на бугарската интелигенција. …

2. Вапцаров е еден од иницијаторите за исполнувањето на коминтерновската порачка, наречена македонски јазик, со што стои на почетокот на најголемата кампања, реализирана воопшто некогаш против бугарскиот јазик. Тој е меѓу најголемите негатори во историјата на бугарскиот македонизам во однос на бугарскиот јазик како присушт на македонските Бугари.
И за Венко Марковски и неговото македонско поетско творештво Балкански наоѓа најгрди квалификации, па констатира дека „немал свест оти прави бугарска литература, туку, македонска. Ја реализирал задачата на компартијата за создавање, македонска литература и „македонски јазик.

Мошне е љубопитно и пишувањето на Балкански за односот на Н. Вапцаров кон хоронимите Македонија и Бугарија“ при што констатира:

,,1. Името Бугарија просто никаде не присуствува во творештвото на поетот. Тоа е само заменето со синонимниот еуфемизам: Оваа земја, простете, е туѓа.

2.Називот Македонија исто така не присуствува конкретно, но е претставен со географијата на името: Пирин, Елтепе, Охрид и сл. Освен тоа, постои и извесна документарна историја: а) во антологијата „Македония в песни Вапцаров е вклучен со песните “Песна” и “Ајдутска”. Ал. Балабанов кон оваа антологија го напишал предговорот. Нашите песни за Македонија, верувајќи дека и Вапцаров по етнонимната определба е бугарски пост. Проф. Балабанов не ги познавал крајните антибугарски расположенија на Н. Вапцаров, изразени најјарко во “Земја”. Тоа, меѓутоа, не и попречило на Б. Вапцарова (Вапцаров сред братята си по перо, С., 1989, 49) преку балабановската концепција за бугарската суштина на Македонија и Македонците да го претстави и самиот Вапцаров за Бугарин по убедување;

б) стихотворбата “Земја”, каде што Вапцаров најјасно го вплел својот македонизам, и респ. антибугаризам, е со документирана историја: создадена е по задача-конкурс, објавен од МЛК, за напишување, песна за родната земја – Македонија – веќе не како дел од Бугарија. Овој факт повеќе отколку што треба е документиран;

в) во циклусот,Песни за Татковината (“Татковина”,”Земја”, “Песна”, “Си имам татковина“, „Ајдутска”, “Елтепе”) географијата е таква каква што е во согласност со коминтерновското разбирање како одделна етничка територија, се разбира, несообразено со историјата на тоа име.

Пред крајот на книшката Тодор Балкански додава еден краток Заклучок што заслужува да биде интегрално цитиран:

,,По својата антибугарска концепција кон имињата Бугарин, бугарски и Бугарија, Н. Вапцаров по ништо не се разликува од ни еден претставник на Македонскиот литературен кружок, од ни еден голем негатор на бугарското име. Од тој аспект текстот за “туѓата земја” не треба да се мистифицира, туку да се прима во светлината на Вапцаровиот измамнички коминтерновски антибугаризам. Н. Вапцаров, како сите што и се потчинија на комунистичката идеологија, нема историска памет на претставник на нашиот народ, не ги цени ни традициите на Бугарите, нема дури ни семејна историска памет, не го цени ни домашното воспитание, каде што е одгледан единствено како Бугарин. Тој е првиот голем творец ренегат, создаден од Бугарската комунистичка партија. Тој е завршена идеолошка творба на Коминтерната и на БКП, еден од помаците на новото време, чијшто почеток беше поставен од В. Марковски, продолжен од Никола Недјалков (Коле Неделковски) и завршен од Н. Вапцаров-Багрицки. Ренегатскава тројка е факт, како во историјата на бугарската литература, така и во историјата на бугарскиот јазик, што, за жал, е останата незабележана од оваа научна дисциплина. Терминот помак го користам сосем фигуративно, зашто во суштината Н. Вапцаров е псевдоетнички продукт, аналогно на нашите, српските и хрватските, грчките и романските помаци, создадени од туѓа на бугарскиот народ идеологија и култура.

Н. Вапцаров – завршува Балкански – од гледиштето на точната бугарскалингвистика и нејзината ономастичка и етнонимска наука е ренегат што без причина го заменил бугарскиот етноним со етнорегионалното име на бугарскиот народ, Македонци и исто така без причина ја раскинал хоронимската целост на името Бугарија со самоизмамата за утврдување на небугарска Македонија. Н. Вапцаров од позициите на применетата ономастика и етнонимија е преседан во историјата на нашиот народ, поради што беше напишан и овој лингвистички по суштината труд кон неговата просопографија. ”

Ваквите толкувана на македонскиот ентитет, на македонскиот јазик и на македонската историја и култура не е откритие и привилегија само на Тошо Балкански. Веќе скоро век и половина бугарските културно- национални дејци, државници и политичари настојуваат да го убедат не само својот народ, туку и светот, дека нема Македонци и Македонија како етно-културна историска категорија, ниту посебен македонски јазик во словенскиот свет, туку дека ние сме само дел од Бугарија и бугарскиот народ…”

Овие ставови на Тодор Балкански, цитирани од делото на академик Блаже Ристевски, денес триесетина години подоцна звучат како да се дел од некој денешен натпис или вести од соседна Бугарија.

Никола Јонков Вапцаров е неуморен пропагатор за македоснката кауза.

Од средбата на македонските студенти од Белградскиот универзитет во мај 1939 година со членовите на МЛК во Софија во еден зачуван нотес меѓу другото има и еден личен запис на Вапцаров од состаноците на Македонците од двата дела на Македонија, на коишто се воделе значајни разговори и се разгледувале основните прашања на македонската националноослободителна борба. Притоа настапил и Н. Вапцаров. Во неговото „Карирано тефтерче” самиот запишал: „Ако вие – им рекол тогаш Вапцаров на гостите студенти во Белград од Вардарско – што сте илјадници километри далеку од нашата татковина, не сте ја заборавиле и толку ја сакате, живеете со верата дека ќе биде ослободена, белки во синовите на вашиот народ, распрснати по сите меридијани, не изгаснал копнежот по родната земја; верувајте, утре таа ќе биде слободна, зашто овие години на ропство не можеа да го погребат прогонството… Овој народ – рекол и своерачно запишал Вапцаров – ќе си ја извојува својата слобода… Ние ве поздравуваме за огромната услуга што денеска и ја правите на македонската кауза и ве уверуваме дека очите на целиот народ ве следат со бодрост и вера. Верувајте исто така и дека стоиме здраво на својот пост и никогаш не сме го заборавиле својот долг како писатели”.

Впрочем во песната “Татковина” лесно може да се препознае што Никола Вапцаров го сметал за своја татковина:

Над мојата земја
во небото опира Пирин
И мурите
во бура
илинденски приказни
пеат.
Над Охрид е лазурот
просторен толку
и син
А подолу уште
е светскиот брег
на Егејот

На крај ова сеќавање на македонскиот револуционер и поет Никола Јонков Вапцаров ќе ја завршам со неговата песна “Земја” напишана и објавена во 1939 година кога живеел и работел во Софија. Затоа на почетокот на песната кажува:
– „ Таа земја сега што ја чекорам, таа земја не е моја земја, таа земја простете е туѓа…“

Но подолу во песната Пиринскиот револуционер јасно ќе каже која е неговата земја – Пирин, Егеј, Вардар…

ЗЕМЈА

Таа земја сега што ја чекорам
таа земја в пролет што ја буди југот
таа земјa не е моја земја
таа земја простете е туѓа.
Наутро тргам
по фабрички друм.
Безброј рубашки
се ројат.
Слеани сме
со раце, со ум
но земјата не ја чувствувам за моја!
Над мојата земја
во пролет бликаат зраци
водопади грмат
од сонцето над неа.
Ја чувствуваш длабоко
ти неа за блиска
и гледаш скокум
безброј цвеќа раснат.
Над мојата земја
до небото Пирин се дига
Боровите в бура
илинденски приказни пеат.
Над Охрид модрината
е толку просторна и сина
а подолу уште
е светлиот брег на Егеја.
Ќе си спомнам само
и крвта в миг ќе јурне
во срцето
кое се топи во некаква нежност.
Моја родна земјо!
Земјо лична.
Поена со крв
и лулана од бури.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ВОЛСТРИТ ЏУРНАЛ: NVIDIA СЕ ПОДГОТВУВА ДА ГО…

Управниот одбор на американскиот технолошки гигант NVIDIA…

Мерц подготвен за разговор со Путин? Договорот…

Разговори меѓу германскиот канцелар Фридрих Мерц и…

АЛ-МАДА: САД ПОДГОТВЕНИ ДА ПРИФАТАТ ЧЕТИРИ ОД…

Соединетите Американски Држави наводно се подготвени да…

Иран отвори прв воен камп за обука…

Иран го отвори својот прв воен камп…