Календар на МПЦ: Утре се празнуваат овие светители

t

Свети Климент, архиепископ Охридски

Ученик на Светите Методиј и Кирил. По смртта на Св. Методиј Климент, под притисок на Германците, од Моравија тргна на југ. Со Горазд, Наум, Сава и Ангелариј – заедно наречени Петочисленици – го помина Дунав, поседе како гостин при царот Борис Михаил и потоа дојде во охридскиот крај. Прво основа манастир во Белица, кај што му беше и првото епископско седиште. Подоцна се пресели во Охрид и оттаму разви голема архипастирска и просветителска дејност за целата поблиска и подалечна околина. Во Охрид Свети Климент му подигна црква на Св. Пантелејмон. Имаше голем број ученици коишто ги препишуваа книгите со словенски букви за словенскиот народ. При таа дејност особено му помагаше Св. Наум. Вршеше чуда и за време на земниот живот, а неговите мошти до денешен ден пројавуваат исцелителна сила. После големиот труд и верната служба на Бога, се упокои мирно во Охрид, во 916 година. Неговите чудотворни мошти почиваат во некогашниот храм на Пресвета Богородица, којшто подоцна се нарече по Свети Климент.

Тропар
Небесен човеку, ангелу земен на благовестието меѓу народот, кој Бога не Го познаваше, Клименте оче преподобен, љубов од Бога просејќи, вера во Него рашири, надеж во сечие срце положи, Слово Божјо во неракотворни таблици испиша дело Кирило-Методиево во слава Господова апостолска продолжи. Моли се и не отстапувај, праведен учителу, пред Христа за наше спасение, до крајот на вековите.

Светиот великомаченик Пантелејмон

Родум од Никомидија, од мајка христијанка и татко незнабожец. Мајка му се викаше Евула, а татко му Евсторгиј. Како момче ја изучи лекарската наука. Свештеникот Ермолај го повика кај себе, го научи на верата во Христа и го крсти. Пантелејмон чудотворно излечи еден слеп когошто другите лекари залудно го лечеле: го излечи со името на Христос и го крсти. Од завист лекарите го обвинија дека е христијанин, па Пантелејмон излезе на суд пред царот Максимијан. „Со телото застана пред земниот цар, а со умот стоеше пред Царот небесен“. Тој слободно изјави дека е христијанин и пред очите на царот излечи еден фатен човек од долгогодишна болест. Ова чудо ги привлече кон Христа многубројни незнабожци. Царот го подложи Пантелејмон на маки, но Господ му се јави на светителот неколкупати и го избави цел и неповреден. Тогаш пострада и Свети Ермолај заедно со Ермип и Ермократ. Кога беше осуден на смрт, Пантелејмон клекна на молитва. Во тој миг џелатот го мавна со меч по вратот, а мечот се скрши како да беше од восок. И џелатот не можеше да го погуби додека светителот не ја заврши својата молитва и самиот не рече да го заколат. Неговите мошти станаа исцелителни. Свети Пантелејмон беше заклан под некоја маслинка, којашто потоа целата се закити со плод. Името Пантелејмон значи „семилостив“. Семилостивиот Бог ја прими неговата праведна душа и го прослави меѓу Своите големи светители. Овој прекрасен маченик пострада чесно за Христа во својата младост, на 27 јули 304 година. Свети Пантелејмон се повикува при молитвите на водоосветување и елејоосветување (осветување на масло) заедно со Свети Ермолај и останатите бесребреници и чудотворци. Најубавиот храм посветен на овој светител се наоѓа на Света Гора.

Тропар
Страдалецу свети и целителу Пантелелејмоне, моли Го милостивиот Бог, да им даде прошка на гревовите на душите наши.

Кондак
Како подражател на Милостивиот, откако прими од Него благодат за исцеленија, страдалниче и мачениче на Христа Бога, со твоите молитви исцели ги нашите душевни болести, изгонувајќи го секогаш борецот на соблазната од оние што верно ти повикуваат: Спаси н?, Господи.

Светите Седмочисленици

На овој ден се празнува заедничкиот спомен на седумттемина рамноапостолни словенски светители, познати како светите Седмочисленици: свети Кирил, свети Методиј, свети Климент, свети Наум, свети Сава, свети Горазд и свети Ангелариј.

Тропар
Се присоединивте кон соборот на вселенските учители, о Кириле и Методие славни, со Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј. Славата и вистината Господова преку вас мноштво народи ја спознаа. Молете се за нас, вие кои лутавте облагодатени по пештери и земни бездни, плукани и шамарани заради името Христово, а на светот светлината Христова ја исповедавте.

Блажениот Николај

Јуродив заради Христа. Син на богати родители од Новгород. Го остави богатството и како јуродив јуреше по улиците и ги поучуваше луѓето преку јуродството. Другар во истиот подвиг му беше блажениот Теодор. Еднаш додека се бркаа пред народот, обајцата ја претрчаа реката преку вода. Блажениот Николај, заради Христа јуродив, се упокои во Господ во 1392 година.

Тропар
За Горното мудрувајќи, свето си живеел, и славата за светот избегнувајќи ја, јуродство заради Христа си избрал, блажен Николае, и сега во висините пред Пресвета Троица стоејќи, нам кои го славиме чесниот твој спомен и кои со вера кон кивотот на твоите мошти припаѓаме, подај ни исцеление и моли Го Христа Бога да се спасат нашите души!

Преподобна Антуса

После долг осаменички подвиг основа манастир со деведесет сестри. Во времето на иконоборството под Константин Копроним сите деведесет монахињи беа убиени, а потоа преподобна Антуса и самата се упокои во 759 година.

Сто педесет и тројца маченици, потопени во море во Тракија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Стефан Лазаров со апел за донации за…

Еден од најпознатите македонски водители Зоки Фаци…

Роднина на Вјоса Османи убиен на свадба…

Свадба прерасна во трагедија откако полиција убила…

(Видео) СКАНДАЛ: Плативме и за невеста од…

Злоупотребата на службени автомобили останува пракса во…

Дел од Општина Центар утре без струја

Поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа…

Овие 4 хороскопски знаци се родени да…

Астролозите тврдат дека знакот на хороскопот може…