Работеле спротивно на Виенската конвенција, МНР се огласи за протерувањето на тројца руски дипломати
Во медиумите се појавија првите информации за протерување на руски дипломати од Македонија. Како што објави порталот Алмакос, станува збор за политичките советници И.Хропјалков, А.Рождевсдвенски и аташето С.Попов. Се наведува дека тројцата дипломати го прекршиле дипломатскиот кодекс со сомнителни активности и несоодветни дипломатски дејствија. Дури според другиот портал Религија.мк, покрај тројцата дипломати, протеран е и еден архимандрит. Според порталот, станува збор за поглаварот на Руската црква во Софија, Васијан Змеев, кој минатата година имаше интензивни посети на земјава, со претставници на православната црква, Охридската архиепископија. Ја имаше улогата на координатор на руската црковна политика на Балканот, со посебно влијание во Бугарија и Македонија.
Министерството за надворешни работи го потврди протерувањето на руските дипломати, но не соопштува детали. Од таму само велат дека ја прекршиле Виенската конвенција за дипломатски односи.
„На 12 септември во Министерството за надворешни работи е повикан амбасадорот на Руската Федерација, кому му била врачена дипломатска нота, со која тројца дипломати на Амбасадата на Руската Федерација во Скопје биле прогласени за непожелни во земјава (персона нон грата ). Оваа одлука е донесена по добиени информации од надлежните органи за преземени активности кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи.“, велат од МНР.
На протерувањето реагираше и руската амбасада во Македонија. Пренесувајќи ја изјавата на портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, велат дека протерувањето се случило без никаква причина и нема да останат без одговор.
„На 12 септември властите на Македонија, без да ги образложат причините, објавија тројца дипломати на руската амбасада во Скопје за персона нон грата. Овој неодговорен и непријателски чекор на властите на Македонија нема да остане без одговор.“, стои во соопштението на Захарова.
Инаку, претседателот на државата, Стево Пендаровски, предупреди на црковни врски со руската дипломатија. Пендаровски пред неколку месеци во интервју за ТВ24 рече дека од разузнавачките служби добил информации дека руските служби и се “умилкуваат“ на највисокото раководство на Македонската црква.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
НБ: Од денес достапни електронското и мобилното…
Народната банка продолжува со постепено олеснување на…
Ден на жалост во Бугарија по тешката…
Владата на Бугарија утрешниот ден ќе го…
Албанското Специјално обвинителство отвори истрага против Рама…
Албанското Специјално обвинителство за борба против корупцијата…
ЕУ одобри 10 милиони евра за Бугарија…
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер…
Димитриеска-Кочоска: Ребалансот е навремена реакција на новите…
Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2026 година…