Објавено на:

Критики од Рим и Тирана: Мелони и Рама создаваат „италијански Гвантанамо во Албанија“!?

t

Договорот е надвор од сите меѓународни стандарди и од рамките на ЕУ, без можност за проверка какви се условите за луѓето што ќе бидат заклучени во тие центри, вели Рикардо Маџи

Политичари во Рим и во Тирана, групи за човекови права, па и Европската комисија го критикуваат договорот на премиерите на Италија и на Албанија за префрлање мигранти во кампови на албанскиот брег.

Премиерите Џорџа Мелони и Еди Рама прексиноќа потпишаа договор за изградба на „привремени“ центри за мигранти кај јадранското пристаниште Шенѓин и кај Ѓадер во северниот дел на Албанија. Прифатните центри, според договорот, треба да бидат отворени веќе на пролет в година, кога што се очекува новиот бран мигранти преку Средоземно Море до брегот на Италија. Рим ќе преземе финансискиот товар и ќе управува со центрите, но не се знае колку ќе ѝ плати на Тирана за локацијата и отстапениот суверенитет. Албанската полиција ќе ги гарантира „безбедноста и надворешното надгледување на структурите“.

Шефот на италијанската надворешна политика Антонио Тајани инсистира дека договорот со Тирана „ја засилува водечката улога на Италија во Европа“ и дека „отвора нови авении на соработка во Јадранскиот регион против нелегалната миграција и трговијата со луѓе“, но Рикардо Маџи, секретар на партијата Пју Еуропа, смета дека Рим создава „италијански Гвантанамо“ во Албанија.

– Договорот е надвор од сите меѓународни стандарди и од рамките на ЕУ, без можност за проверка какви се условите за луѓето што ќе бидат заклучени во тие центри – вели Маџи.

Европската комисија била информирана, но не била консултирана за договорот и не е запознаена со деталите. Комисијата забележува дека договорот не смее да излегува од европските и од меѓународните правни рамки.

На церемонијата во Рим, Мелони истакнала дека договорот е плод на заедничка иницијатива по средбата со Рама пред еден месец.

– Против овој феномен не може да се борите сам. Албанија ќе ја даде својата поддршка, додека Италија ќе обезбеди финансии – изјави Мелони.

Таа појасни дека центрите ќе бидат под италијанска јурисдикција. Во нив ќе бидат префрлани само мигрантите од бродовите што ќе бидат пресретнати на море. Оние што ќе стапнат на брегот ќе останат во Италија. На албанското пристаниште италијански службеници ќе бидат одговорни за пречекување на мигрантите на брегот, за нивно идентификување и за обработка на податоците. Центарот би требало да има капацитет за згрижување 3.000 лица и за процесирање на 36.000 случаи годишно. Азилантите ќе останат во Албанија сѐ додека не бидат обработени нивните барања за азил, по што би биле прифатени во Италија или би биле репатрирани.

Само во текот на оваа година на бреговите на Италија пристигнале повеќе од 145.000 луѓе, речиси двојно повеќе отколку во истиот период лани. Мелони дојде на власт со ветување дека ќе ја запре нелегалната миграција кон Италија. Поради ограничувањата и внатрешните судири во Европската Унија во врска со прашањето со миграцијата, нејзината десничарска партија Браќата на Италија инсистира азилантите да бидат привремено префрлени во центри надвор од ЕУ, пред сѐ во Северна Африка, но ниту една африканска земја досега не се согласи со тоа. Албанија се наметна како единствено можно решение.

Премиерот Рама изјави дека Албанија не може да го реши проблемот, но може да соработува.

– Ние имаме историја на гостопримство. Албанија прифати повеќе од половина милион луѓе што бегаа од етничкото чистење на Косово. Згриживме и илјадници жени од Авганистан кога НАТО се повлече од Авганистан, како и неколку илјади Иранци – изјави Рама.

Тој додаде дека Албанија „не можела да потпише ваков договор со ниту една друга земја од Европската Унија“, но Италија е исклучок „поради сè што направила за Албанците за време на егзодусот во деведесеттите години од минатиот век“.

– Чувствуваме обврска да се оддолжиме за сѐ она што Италија и народот на Италија го направија за нас, од денот кога стигнавме на оваа страна од брегот. Кога и да се јави Италија, Албанија ќе одговори – изјави Рама.

Албанската опозиција итно го оспори договорот како „предавнички“, оценувајќи го како лична иницијатива на премиерот Рама.

– Договорот е потпишан без дискусија во парламентот, без да ѝ биде претставен на јавноста на анализа, нетранспарентно, без какви било консултации – изјави Бељинд Келичи, член на претседателството на опозициската Демократска партија.

Келичи објаснува дека Тунис неодамна одбил идентична понуда од Италија.

– Додека десетици илјади млади луѓе ја напуштаат земјата секоја година, Рама ги заменува со илегални мигранти – изјави Келичи.

Како голем проблем тој го посочува и давањето италијански суверенитет над албанска територија и прашува како ќе се извршува репатријација без билатерални договори.

Властите во Тирана неодамна беа критикувани и дека настојуваат да постигнат договор со Обединетото Кралство за прифаќање азиланти на своја територија. Додека Тирана упорно негираше дека преговара за таква иницијатива, Обединетото Кралство постигна договор со Руанда, но беше оспорен на суд.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Повеќе од 40.000 туристи се заглавени во…

Будење со звукот на сирените за воздушен…

Левица Градско: Итна еколошка контрола поради загадувањето…

Во центарот на Општина Градско, под плаштот…

Трамп никогаш поостар: Ако го нападне САД,…

Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека Иран…

(Видео) Аеродромот во Тел Авив во пламен,…

Израелските одбранбени сили (ИДФ) денес објавија дека…

ДУИ: Злоупотреби на средства од буџетот на…

УИ изразува длабока загриженост за најновиот скандал…