Неодговорно е да си играме со чувствата на Македонецот, вели Пендаровски
Во годишното обраќање во Собранието претседателот Стевоп Пендаровски оцени дека политички е сосема легитимно некој да биде против европската преговарачка рамка, но, политички е доблесно, исто така, да признае дека постои огромна разлика помеѓу она што Бугарите го бараа од нас на почетокот, и она што од сите тие барања остана на крајот во тој документ.
– Ќе го повторам уште еднаш мојот став, најмногу поради стравовите на македонскиот народ кој е секојдневно бомбардиран со политичка пропаганда. Длабоко сум убеден дека ниту еден од денешната генерација политичари никогаш нема да преговара за идентитетските прашања, затоа што нашите црвени линии не ги утврдивме ние, нив одамна ги имаат утврдено оние кои ја формираа оваа држава во 1944 година со државотворните акти на Првото заседание на АСНОМ.
Дали владите на Бугарија во последниве години, сосема непотребно, повлекоа серија лоши потези кон македонскиот народ – повлекоа, дали довербата на Македонците кон источниот сосед во голема мерка е разнишана и ќе требаат години, можеби и генерации таа да се обнови – и тоа е неспорно, но, сигурно не е во наш стратешки интерес да правиме непријател од Бугарија, затоа што, наш интерес е да имаме стабилно опкружување и продуктивна соработка со сите соседи, наместо бесполезно да ја трошиме енергијата со нив, расправајќи се за историја, рече претседателот Пендаровски.
Тој порача дека со одлагање на уставните промени, ќе пропуштиме уште една прилика која може да не чини најмалку уште една деценија надвор од интеграциите, а тоа ќе значи, помал економски прогрес, полош стандард за граѓаните и поголемо иселување.
– Во таа деценија сигурно нема да ги вратиме младите од Канада, Австралија и Нов Зеланд, ниту од новите дестинации на „емигрантска Македонија“ – Емирати, Малта, Хрватска или Словенија, додаде тој.
Според него, поделбите во македонското национално ткиво за ова прашање се контрапродуктивни за виталноста на нашата кауза. Во таа смисла, како што рече, обновените странски пропаганди „одлично“ си ја вршат својата работа, практично без прекин, повеќе од еден век, така што „нема потреба ние дополнително да копаме за да го продлабочиме јазот меѓу нас“.
– Крајно неодговорно е да си играме со чувствата на Македонецот и на темата страв од наводно губење на идентитетските атрибути да печалиме ситни политички поени. И ова сум го кажал многу пати досега, но, морам да го повторам: доколку обезличувањето на Македонецот е патот по кој треба да одиме за да стигнеме до Унијата, не познавам некој кој е подготвен да чекори по тој пат, рече Пендаровски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ЗЕЛЕНСКИ БАРА ПИСМЕНИ ГАРАНЦИИ ОД ЗАПАДОТ: Украина…
Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од западните…
Мерц му порача на Трамп: Мировниот договор…
Германскиот канцелар Фридрих Мерц му порача на…
НОВИ ЕКСПЛОЗИИ ВО ИРАН: Силни детонации во…
Иранските медиуми јавуваат за нови експлозии во…
ЕУ и НАТО: Претстои уште многу работа…
Европската Унија и НАТО повторија дека претстои…
ИРАК СЕ ПОДГОТВУВА ЗА НОВА ВОЈНА МЕЃУ…
Ирак започнал подготовки за можен нов вооружен…