Ние сме Македонци, дома никогаш не се зборувало на бугарски! 96 години од херојскиот потег на Мара Бунева!
На денешен ден во 1928 година, македонската револуционерка Мара Бунева го извршила атентатот на српскиот државен обвинител Владимир Прелиќ.
По аферата со затворањето и судењето на македонските студенти во Скопје од страна на српските власти, во 1927 година, Мара Бунева во знак на одмазда на 13 јануари 1928 година извршила атентат врз српскиот државен обвинител Велимир Прелиќ, на кејот на реката Вардар, кај камениот мост во Скопје. Веднаш по атентатот, Бунева самата се застрелала за да не падне во рацете на српските окупаторски власти. На повредите им подлегнала ден подоцна, на 14 јануари.
На атентатот што го извршила Мара Бунева врз Прелиќ му претходел голем судски процес на 20 македонски студенти во Скопје, кој побудил големо интересирање кај европската јавност. Судените биле членови на Македонската младинска тајна револуционерна организација, основана во 1923 година во Виена. Таа имала своја мрежа во Берлин, Грац, Лајпциг, Прага и Париз каде што студирале македонски студенти. Истовремено, свои јадра создала и во Македонија – во Скопје, Штип, Велес, Прилеп, Битола, Крушево, Ресен, Крива Паланка, Куманово, Кратово, Берово, Струмица, Тетово, Радовиш и Неготино. Организатор на ММТРО бил Иван Бојаџиев од Велес, кој студирал во Виена.
Во продолжение пренесуваме сведоштво на внуката на Мара Бунева, која вели дека името на нејзината тетка е неправедно оцрнето.
Секоја година во овие денови сме сведоци на многу вистини и невистини искажани за Мара Бунева. Еве што кажа сега веќе мојата покојна баба (мајка на мојата сопруга) и внука од сестра на Мара Бунева за “Утрински весник” во 2007 год.
ЛИКОТ НА МОЈАТА ТЕТКА Е НЕПРАВЕДНО ОЦРНЕТ, ВЕЛИ ВНУКАТА НА МАРА БУНЕВА
Утрински / 12.03.2007, Пишува: ВИКТОР ЦВЕТАНОСКИ
Судбината на семејството Бунева е трагична како и на многу други македонски семејства.
Едниот внук на Мара Бунева од нејзиниот постар брат Борис живее во Софија и говори бугарски, другиот, од помалиот Лазар, кој почина пред неколку месеци во Белград, зборуваше српски. Тоа ни малку не им пречеше да се сакаат и да си помагаат. Нивните роднински врски не ги прекинаа ниту војните, ниту пробугарските, ниту просрпските пропаганди. „Кога се гледав во Белград со братучед ми Бранко, говореше српски, таму израсна, дали се чувствуваше како Македонец или како Србин никогаш не сум го прашала. Тоа не сум го прашала ниту мојот братучед Милко во Софија, дали е Македонец или Бугарин. Многу помалку контактирав со нив отколку што контактираа тие меѓу себе. Многу се сакаа и често се гледаа. За смртта на Борис пред неколку месеци разбравме токму од Милко. Ни се јави во Скопје. Му помагаше на Борис кога НАТО го бомбардираше Белград, му испратил и пари да му се најдат. Без разлика на кој јазик зборуваа, во се’ се разбираа“, раскажува нивната братучетка Анче Герасимовска, внука на Бунева од нејзината сестра Ленка.
Судбината на семејството на Мара Бунева, атентаторка на Владимир Прелиќ, е трагична како и на многу други македонски семејства кои, подложени на страшниот притисок на пропагандите и борбата за егзистенција, се растурале по светот и понекогаш се вклучувале во спротивставените завојувани страни, кои не одбирале средства за да остварат влијанија на македонските простори. Кога ќе се слушне приказната за Буневи, изворно кажана од човек на семејството, изгледа сосема поинаку од онаа што и ден-денес сакаат да ни ја сервираат определени кругови. Животната врвица на секој нејзин член е слика и прилика на трагичните македонски судбини, кроени и прекројувани од српски, бугарски, грчки и којзнае какви други пропаганди. Страшното време, војните и окупациите, шесте деца на тетовецот Никола ќе ги одведат на разни страни. Најстариот брат Борис ќе стане бугарски офицер, помладиот Лазар ќе влезе во српската војска на Кралска Југославија. Најстарата од четирите сестри Мара, родена во 1902 година, животот ќе го заврши откако ќе го изврши атентат на 13 јануари 1928 година. Една година помалата сестра Ленка ќе остане во Македонија, најмладата Вера ќе се омажи и ќе замине во САД, а четвртата сестра Нада ќе почине многу млада, на 18 години, истата година кога е убиен Прелиќ.
Разговараме во домот на Анче Герасимовска во Тетово, професорка по музика во пензија. Сакаме од неа да слушнеме за нејзината тетка чие име и ден-денес многумина го користат за своите пропагандни цели.
Вели дека страшно е револтирана од многу невистини што деновиве се изговорени и напишани за Мара, чиј подвиг и по осумдесетина години предизвикува расправии и делби меѓу Македонците. Признава дека и’ е тешко да говори за тие времиња, до сега за тоа не говорела пред ниту еден новинар, но сега, откако ги слушнала сите невистини, сака да ги соопшти своите видувања и на некој начин да се исправи неправдата што и’ е нанесена на тетка и’ Мара, а со тоа и на нивното семејство.
„На една од телевизиите, сега покојниот Спасе Шуплиновски изјави дека и’ бил роднина на тетка ми. Јавноста треба да знае дека не е никаков род со нас, ние него не го познаваме, немаме никаква семејна врска со него. На истата телевизија слушнав изјава и на еден свештеник, која по панихидата во црквата ’Св. Димитрија’ рече дека Мара не била чесна жена, имала повеќе мажи, дека му била љубовница на Владимир Прелиќ, што не е вистина. Не е вистина и тоа дека била љубовница на адвокатот Андрејчин од Тетово, кого српските власти го ликвидирале истиот ден кога е извршен атентатот. Со семејството Андрејчин бевме соседи и големи пријатели. Многу невистини се кажаа за тетка ми Мара и се извалка нејзиниот образ. Таа била омажена жена, а атентатот го извршила од патриотски побуди. Не е вистина ниту тоа дека во нашето семејство се говорело бугарски, како што тврдат некои. Мојата баба никогаш не сум ја слушнала да каже ниту еден збор бугарски. Многу добро се сеќавам на неа. Мајка ми од Скопје ќе ме испратеше за Тетово со малиот воз, кој патуваше девет часа, и јас кај неа ќе останев цело лето. Не паметам да ми прозборила бугарски збор“, вели револтирано внуката на Мара Бунева.
Буневи е познато тетовско семејство. Никола Бунев бил писмен човек, се школувал во Солунската гимназија. Читал многу, бил учител, но за трговија не го бидувало. „Имаше многу книги. Не знам каде отидоа, кој ги зеде. Откако ја продадовме, куќата ги снема“, вели неговата внука Анче. Нејзината баба била од богато трговско семејство. Убавата двоспратна куќа во која живееле ја изградил таткото на баба и’, како и тетовската црква „Св Димитрија“ во Тетово.
Како се случило едниот брат да се најде во бугарската, а другиот во српската војска кои многупати војувале за Македонија. Анче вели дека нејзиниот дедо за време на Првата светска војна кога Тетово го окупирале Бугарите бил кмет на градот. По војната, кога дошле Србите, останал без работа. Морало да се бара некакво чаре за егзистенција. Па така, Лазар го испратил во Белград, а Борис во Софија.
За време на Втората светска војна, Глигор, таткото на Анче, своето семејство ќе го пресели во Скопје. Во Тетово ќе остане само баба и’ да ја чува куќата. Во 1941 година, по италјанската и албанската окупација на западна Македонија, Македонците ќе се најдат под голем притисок на бандите на Џемо, особено во Тетово. Таа раскажува како во тоа време одвај спасиле жива глава, а нејзиниот брат и сестра ги криеле Албанци во селото Шемшово се’ додека не се префрлиле во Скопје. Во тоа време со бугарската војска како нивен офицер во Скопје ќе дојде и нејзиниот вујко Борис и тука ќе живее се’ до капитулацијата на Бугарија. Вели дека сите тетовци го паметат по многуте добра што им ги направил. Во тие тешки времиња на војна им помогнал на многумина кај бугарските власти. По повлекувањето на бугарските војски, си заминал . По доаѓањето на власт на комунистите во Бугарија, бил уапсен и повеќе години поминал затвор. Во 1961 година Борис изразил желба да ја посети Македонија. За да бидат сигурни дека нема да има проблеми, таткото на Анче претходно отишол кај надлежните служби да праша дали ќе му дозволат да дојде во Македонија. Му рекле дека слободно може да дојде, зашто не направил ништо лошо. Кога стасал во Скопје, бил многу среќен, посебно кога на Радио Скопје ги слушал емисиите на македонски јазик. Секој ден купувал и читал „Нова Македонија“. Расположен и весел еден ден им рекол. „Еве, за ова ние се боревме, за своја држава, за свој јазик“.
Синот на Борис, кој сега живее во Софија, една година студирал во Белград. „Тоа беше истиот период кога и јас студирав таму. Беше запишан на странски јазици. Остана само една година. Понекогаш доаѓа во Македонија за да се видиме“, раскажува Анче Герасимовска. Лазар имал полоша судбина од својот брат. Се оженил со Србинка, со која немал среќен брак. Лага е дека бил убиен од српските власти веднаш по атентатот на Прелиќ, како што тврди Ванчо Михајлов. Тој останал и натаму во војската на Кралска Југославија, а германската окупацијата ја дочекал во Белград. Не е вистина дека бил ликвидиран од Руси, туку го убиле Срби при крајот на војната, откако неговата сопруга ќе го наклевети.
Вера, најмладата сестра на Мара, се’ уште е жива, а неодамна навршила 90 години. Во САД заминала во 1935 година од Софија. Таму отишла кај братот Борис и тогаш се запознала со нејзиниот иден сопруг, инаку крушевчанец. Имал завршено теологија, а бугарската црква го испратила во САД. Им се изродиле четири деца, најпрво двајца близнаци, потоа уште еден син и, на крајот, ќерката, која е омажена за правнук на познатиот руски писател Толстој. Вера пред неколку години ја посетила Македонија заедно со тројцата синови. Била во Скопје, Охрид и во Тетово за да го види уште еднаш родното место. Нејзината внука од сестрата Ленка добро се сеќава на средбата што ја имала со неа и на нејзините зборови. Кога дошла кај неа во Тетово, и’ рекла: „Па овде ви е убаво, како и кај нас во Америка“. За Мара не зборувале.
Какви се сеќавањата на семејството на Мара, по што ја паметат нејзините внуци, што се раскажувало за неа. Анче вели дека за животот на тетка и’ не знае многу, бидејќи нејзините родители ништо не говореле за неа пред децата. „Тоа што го знам ми го кажа мајка ми. Таа раскажуваше дека тетка ми Мара кога ќе работела низ куќата во Тетово, секогаш пеела песни за Гоце Делчев, за Јане Сандански и плачела. Им се восхитувала на македонските револуционери. Се раскажуваше и тоа откако го извршила атентатот, кога лекарот од Белград ја прашал зошто го убила Прелиќ, му одговорила – за Македонија. По атентатот моите домашни ги уапсиле. Во затвор бил и дедо ми и татко ми. Татко ми го пуштиле брзо, а дедо ми го задржале 7-8 месеци“, раскажува Анче Герасимовска.
Поради тоа што тетка и’ била атентаторка немале никакви проблеми. „Израснавме во Скопје, учевме средно училиште во Скопје, брат ми отиде да студира во Љубљана, каде што се ожени со Словенка. Ни дадоа стипендија и нему и мене. Не сме имале никакви проблеми. Некој ќе рече овие биле бугаромани, другите србомани. Такви биле тогаш времињата. А дали можеш некого да судиш за тоа. Тогаш никој не можел да каже дека е Македонец. Страшна е судбината на нас Македонците, да не можеш да се кажеш што си. Фала му на Бога, сега можеме да кажеме тоа што сме. Ние дома сите се чувствуваме Македонци. И сестра ми и брат ми, кој почина многу млад. Беше голем патриот. И мајка ми и татко ми се чувствуваа Македонци“, раскажува Герасимовска, која се омажила во Тетово, каде што и денес живее
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Груевски објави факти за Царот Самоил: Не…
Не постои запис кој ќе потврди како…
ВРЕДИ: Очекуваме Минчев да ги поништи огласите…
Кадрите на ЗНАМ имаат погрешна проценка дека…
Активни се пожарите во Чашка, Велес, на…
РЦУК Велес, известува дека шумски пожар на…
Изгубено 3-годишно девојче во Неа Флогита, се…
Во познатото туристичко место Неа Флогита, Грција…
(Видео) Ново видео од пцовките на Даку…
По обидот за извинување од страна на…