Груевски: На државата ѝ припаѓа цел спрат во објектот кој некогаш бил офицерски дом!
НА ДРЖАВАТА И ПРИПАЃА ЕДЕН ЦЕЛ СПРАТ ВО ОБЈЕКТОТ ВО ГРАДБА НА ПЛОШТАДОТ МАКЕДОНИЈА КОЈ НЕКОГАШ БИЛ ОФИЦЕРСКИ ДОМ
Кога се објавуваа јавните повици за продажба на земјата заради изградба на двата еден до друг објекти на плоштадот Македонија во Скопје, идејата беше сопственикот да може да изгради комерцијални објекти но надворешниот изглед на објектите со самиот јавен повик за продавање на земјиштето беше одреден од страна на владата и тоа не може да се промени, затоа што се работи за објекти на централниот плоштад во главниот град.
Во едната од објектите, онаа која некогаш пред скопскиот земјотрес во 1963 година била офицерски дом, предвидено е согласно јавниот повик еден цел спрат, и тоа најубавиот, првиот кат над високото приземје, да биде сопстевност на државата. Од тој прв кат со стилски овални надворешни скали ќе се влегува и излегува директно од и на плоштадот Македонија, така што тој ќе биде сам по себе засебна целина на објектот независен од другиот дел на објектот. Тоа е објект кон кој повозрасните скопјани имаа посебен сентимент и затоа сакавме еден дел да биде отворен за нив, да биде нивни.
Во тоа време размислувавме за различни намени на тој прв кат, кој исто така е со високи тавани, значително повисоки од стандардните, согласно стилот на бароктните објекти. Но, последната која беше одредена и според која се направи како да биде внатрешниот распоред, за што се нарача и проект кој го направи архитект и беше за две намени, односно два дела:
Првиот дел, градска сала за граѓански венчавки, матична сала, место каде скопјани ќе ги склучуваат браковите.
Тоа што во Скопје се користи како просторија за склучување на венчавки е во стари руинирани бараки во општината центар и воопшто не е репрезентативно.
Се внимаваше да биде со едно место за влез, а со друго за излез, бидејќи архитектите кажаа дека постои суеверие меѓу многу луѓе дека веќе венчаната невеста несмее да излезе од истата врата од каде што влегла влегла пред да се склучи бракот.
Вториот и поголем дел од соработка, кој архитектите го направија така да може целосно одвоено и самостојно да функционира од првиот, беше огромна градска читална со ентериер во историски стил и со тоа прекрасен амбиент. Скопје и Македонија немаат репрезентативна читална.
Беа предвидени и повеќе помали соби за вработените и техничкиот персонал, тоалети, соби каде би се собрале сите столици и маси за читање доколку треба да се испразни читалната, но и соби за подготвување или сортирање на закуски за разни приеми, бидејќи се предвидуваше салата повремено навечер да се издава за разни приеми, одбележувања на годишнини и значајни настани на компании и државни субјекти, коктел прослави од различен тип, поетски читања, промоција на книги, камерни концерти и слично, и за тоа да има ценовник по кој ќе може да се закупи.
Тој момент беше важен не само заради финасиска самостојност на читалната кој би го обезбедувале од издавањата на неколку часови во вечерните часови на користење просторот кој беше предвиден да изгледа многу убав, туку и би било многу добро и убаво место за собирање, а тука би можеле да се ангажираат и вечерни коктели по повод доаѓање на високи гости и делегации, давање вечера кога се одржуваат разни самити со високи политички гости, како што е и во многу други држави.
Ова значи дека инвеститорот на објектот е задолжен, по завршување на објектот без надомест да го одстапи овој простор на државата која би го доуредила согласно проектот.
Од она што се сеќавам сопственикот на земјиштето кој победи на јавен повик за продажба на земјата, неколку години подоцна фирмата која го доби договорот ја продаде на друг инвеститор, но изградбата оди многу бавно. Во една прилика уште додека бев во Македонија во 2018 година еден од одговорните лица на фирмата кого случајно го сретнав во Охрид ме информираше дека новата власт со сите можни дозволени и недозволени инструменти се труди да го запре проектот и дека заради тоа градбата се одвива многу бавно а можно е и да запре. Подоцна прочитав и изјави дека до некакви нотарски измами некој сакал да му го присвои објектот, и незнам понатаму што се случи. Не ме изненади сето тоа, бидејќи власта така се однесуваше кон секој проект започнат од или во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Па така, направија сѐ, плоштадот Македонија во овие седум години да изгледа како грдо градилиште, плашејќи се од блескавоста на двата објекти во историски архитектонски стил, односно дека тоа народот може да го поздрави, па така тие чувствуваат како да нешто губат или ќе губат од тоа.
Така на пример пешачкиот мост од објектот на МЕПСО до зградите на МНТ и Музејот на македонската борба, кој го наследија недовршен, го сменија проектот и го направија да не биде така убав како што беше замислен.
Штетата е општа.
Ја анулираа и градбата на панорамското тркало, какво што денес има во секој трет главен град низ Европа, а гледам во Унгарија, дека освен во Будимпешта такви има и во помали градови кои имаат по 50-60 илјади жители но кои се посетени од туристи, како на пример градот Егер.
Панорамското тркало во Скопје беше предвидено да биде високо околу 60 метри, изградено на средината на мостот од каде ќе беше качувањето и симнувањето, а под него на самиот мост мал ресторант. Стилот исто така беше предвидено да биде бароктен, а гондолите во кој ќе влегуваа посетителите беше передвидено бајковито да личат од надвор како златни кочии. Проектиран беше од врвен инжињер од Виена, а избраната локација нудеше поглед на скопското Кале, старата скопска чаршија, камениот мост, сите нови објекти од проектот Скопје 2014 долж реката Вардар, плоштадот Македонија итн.
Објектот на поранешниот офицерски дом како надворешен изглед беше целосно превземен од стариот некогашен објект срушен во земјотресот, со тоа што неговите димензии се значително поголеми во висина, должина и ширина од поранешниот срушен објект на тоа место.
Сепак во времето кога првично се изградил меѓу двете светски војни, Скопје бил многу помал град и провинција во тогашното Кралство на СХС, во која не доаѓале многу туристи и која не била метропола на главен град.
Објектот има и своја историја. Пред него таму имало џамија, а пред џамијата пред повеќе векови имало црква. Имавме и реакции од високи преставници на некои држави, во смисла зошто не се изградила џамија на тоа место. Објаснуваме дека претходно на местото имало и црква и дека што и да се изгради во еден мултиконфесионален град ќе предизвика реакции кај дел од населението, како што предизвика реакции првичниот план за обнова на црквата Св.Константин и Елена токму на местото каде е сега тревникот на плоштадот засаден на приватна земја. Таа земја по дислоцирањето на црквата Св.Константин и Елена на улица Македонија, на околу 200 метри од плоштадот Македонија, се продаде на јавно наддавање на приватен инвеститор кој планираше градба на хотел со уникатен изглед од многу висока категорија, но новата власт на СДСМ, дивјачки го стопираше, по што дознав дека инвеститорот побарал заштита на меѓународен суд.
Како и да е, последно што бев чул е дека во остатокот на објектот кој е понапредна фаза на градба а кој некогаш се викал “Офицерски дом”, се планираше хотел со франшиза од познат американски светски ланец на хотели, а во објектот до него, бев разбрал дека се планирало хотелски апартмани комбинирано со шопинг центар.
Незнам дали тие намени сеуште се актуелни, но и да се променети, тоа ќе бидат два исклучително маркантни објекти на централниот плоштадот во главниот град со повеќе намени, од кои дел како јавен простор наменет за сите граѓани: салата за венчавки и големата читална.
Паметам дека архитектот кој го проектираше објектот до офицерскиот дом во една прилика ми кажа дека цртајќи го дизајнот на изгледот на фасадата бил инспириран од објектот на операта во Парис, што сигурно не значи дека тоа ќе биде некаква копија, но барем во некои делови ќе потсетува или делумно ќе има сличности со тој објект. Дали и тоа не е променето под политички притисок подоцна, не знам.
Инаку Офицерскиот дом оргинално е дело на Вилијем Баумгартен како познат и стилски изграден руски архитект по нарачка на воените власти во тоа време. Проектиран е во 1925/26 година кога почнала и градбата и завршила во 1929 година. Срушен е една година по земјотресот во 1963,година бидејќи е многу оштетен од земјотресот и тогашните власти одлучиле да не го рестартираат односно обноват.Тој процес на негова реставрација започна во 2013 година.
*Фејсбук статус на поранешниот премиер Никола Груевски
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Тешка кражба во Скопје
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против…
(Видео) ЕКСКЛУЗИВНИ ДЕТАЛИ ЗА СКАНДАЛОТ НА СКОПСКИОТ…
Во вечерашната вонредна епизода на „Тешки муабети“…
(Видео) Андов: Ќе тужам за незаконското разрешување…
Ќе тужам поради незаконското разрешување од позицијата,…
Се намалува цената на парното во Скопје
Од први август скопјани ќе плаќаат пониска…
Денеска ќе знаеме колку ќе поскапи парното…
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) денеска на…