Становите во Скопје поскапеле за 4,7 отсто
Цените на становите во Скопје во првиот квартал годинава поскапеле за 4,7 отсто на годишнo ниво, а бележат пад од 0,8 проценти во однос на претходниот квартал, покажува Индексот на цените на станови на Народната банка. Ова е прво минимално квартално намалување на цените на становите по долг период, откако последен пат имаше пад од еден процент во третиот квартал од 2020 година.
Според податоците на Народната банка, во последното тримесечје од 2023 година становите поскапеа за еден процент во однос на третото тримесечје, а на годишно ниво за седум проценти. Во првиот квартал лани цените на становите се зголемија за 18,8 проценти на годишно ниво, односно од 1,3 отсто на квартално ниво, во второто тримесечие од 1,6 отсто, односно од 12,9 отсто, а во третиот квартал од 2,9 проценти, односно од 11 проценти.
Никола Велковски од Здружението за градежништво при Стопанската комора, смета дека цените на становите кои подолг период бележaт постојан раст не се реални, но се очекувани.
Велковски во изјава за МИА, укажува дека е намален бројот на интересни профитабилни градежни парцели во поинтересниот дел од градската средина и оти нивната цена расте. Според него, добрата работа е што добар дел од инвеститорите почнаа да градат на периферијата на градот, што е за поздравување, но како што укажува тоа треба да го следи соодветна инфраструктура.
Велковски појаснува дека сега најмалку има градежни фирми екипирани со инеженерски и работнички кадар што тоа им е основна дејност на работење. Сега градители се практично трговци поединци кои еднократно инвестираат, имаат свои пари и ги инвестираат во недвижности и градежништво затоа што тука сега е конјуктурно и профитабилно. Тие единствено го гледаат профитот, па може да биде еднократно да градат една, две, пет згради, но водилка е исклучиво профитот.
Мене не ме лути толку тоа, туку тоа што ние како инженерска фела, како урбанисти им влегуваме во нивната шема на креирање и планирање на просторот. Треба практично да го релаксираме посторот, не мора да се гради секаде затоа што сега најмногу каде се гради по порачка за измена и дополна на урбанистичките планови со самофинансирање. Врз основа на тие инцијативи што ги покренуваат баш овие градители што им се интересни урбанистичките и градежните парцели, потоа се прилагодува кон нивните барања – да стават повеќе објекти во еден блок, повисоко, пониско, па нема ниту осончување, ниту проветрување, а ним им е важно да има кандидатура и износот на профитот на продажбата, вели Велковски за МИА.
Велковски дополнува дека поголемиот проблем е што сега трговците инвеститори со станови немаат свои локации и се обраќаат кај сопствениците на земјиште на кое е предвидено да се гради, кои пак, ги покачија условите и цената.
Порано имаше два модела за договор со инвеститорот, да го откупат земјиштето или да се договорат за заедничка градба со соинвеститороство. Кога сопствениците видоа дека градителите ги покачија цените на становите сега и тие ги зголемија нивните услови Ако порано за заедничка градба се бараше 20, 25, 27, максимум 30 проценти од земјиштето, сега отиде и до 40 проценти од земјиштето, што не е ниту легитимно, легално и логично. Но, затоа што овие сакаат да градат сега овие другите ги зголемуваат условите и потоа се зголемува цената. На крај мене ме чуди која е уште таа категорија која може да поднесе таква цена на станови, а во Скопје сега веќе има 70.000 до 80.000 празни станови, вели Велковски.
Тој појаснува дека ако се оди со моделот со откуп на катастарска парцела во склоп на градежната парцела, тогаш се наоѓаат пари во готовина, имаат веројатно некоја „слободна пара“ која тука се легализира преку откуп на земјиште.
Замката во целата работа е што сега е намален бројот на интересни профитабилни градежни парцели во поинтересниот дел од градската средина и нивната цена сега скока. Добрата работа што ми се допаѓа е што добар дел од инвеститорите почнаа да бегаат по периферијата на градот, во Ѓорче Петров, Волково, Идризово, Петровец,.. што е добро за градот кој треба да се шири, вели Велковски.
Но, како што потенцира Велковски, тој дел треба да го следи соодветна инфраструктура, покрај патишта и училишта, градинки, места за рекреација и спорт.
Сега се гради на многу места, но нема ниту градинки, ниту училишта, зеленило, места за спорт и рекреација… Станот не е само место за спиење, треба да се обезбедат сите услови, посочува Велковски.
Тој укажува дека во формирањето на цената на становите прва е цената на чинење на градежната парцела. Ако порано беше 250 до 300 евра по метар квадратен, Велковски вели дека сега по метар квадратен цената за откуп на земјиштето достигнува и по 1000 евра.
Согласно квадратурата на градбата, односно колку квадрати се градат се формира цената на градежната парцела. Потоа доаѓаат комуналиите кои не се многу зголемени, изнесуваат од 80 до 120, 130 евра по метар квадратен, па учеството на градежните материјали и работната рака. Зголемената цена воопшто не е одраз на цената на градежните материјали кои се поскапени 20 до 30 проценти. Има учество и недостатокот на работна рака, не е толку работата во платата на луѓето, туку во квалитетот на тие кои сега градат бидејќи нема веќе стручни мајстори и тоа е голем проблем. Државата мора да се сврти кон продукција на таков профил на кадар – занаетчии во сите професии. Треба да се стимулираат децата да се запишуваат на такво школовување. Иако се работи повеќе, повеќе и се заработува, вели Велковски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
АХВ: Водата во Скопје е безбедна за…
Инспекциските служби на Агенција за храна и…
Од март директна авиолинија од Скопје до…
Од март ќе биде воведена директна авиолинија…
БРАВО! Скопјани ќе добијат вода за неколку…
Во завршна фаза се активностите за санација…
Од вечер повеќе од половина од Скопје…
Од 22 часот денеска, повеќе од половина од Скопје…
Штедете и гответе оброци што не бараат…
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во пресрет…