Морбиден профит: Аналитичарот Петар Арсовски и доктор Драган Даниловски најнови жртви на измамниците што со лажни интервјуа продаваат чај
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски и професор доктор Драган Даниловски се најновите жртви на измамниците кои со лажен и манипулативен маркетинг продаваат чаеви на кои им припишуваат „магични лековити својства“.
Овојпат станува збор за измислено интервју кое се шири на социјалните мрежи, а во кое лажно се тврди дека „Петар Арсовски повторно бил на границата меѓу животот и смртта“. Во измисленото интервју злоупотребено е и логото на „Канал 5“ телевизија, како и фотографија од презентерката Татјана Стојановска, за да се создаде лажна слика за веродостојноста на интервјуто, кое всушност никогаш не било направено ниту објавено.
Во интервјуто Арсовски невистинито е презентиран како „македонски актер“ кој „паднал поради хроничен висок крвен притисок и се здобил со скршеница“. Фантазијата на маркетинг гуруата кои стојат зад овие измами, оди дотаму што тие ги обвинуваат докторите што наводно го хоспитализирале Арсовски – дека го третирале само за скршеницата а не и за срцевата слабост, односно дека не му давале терапија. За да се добие на драматичност, во лажното интервју се вклучува и невистинито тврдење дека „македонскиот доктор Драган Даниловски му препишал на Арсовски билно средство за чистење на крвните садови – Хипертеа и така состојбата почнала да му се подобрува“.
-По којзнае кој пат, пак е злоупотребено моето име за рекламирање на безвреден чај! Не наседнувајте! Целата содржина на написот вклучително и „разговорот“ со мене на Канал 5 е сосема измислена! Ја информирам јавноста дека ќе ги преземам сите правни чекори за санкционирање на измамниците, напиша професор доктор Даниловски на Фејсбук.
Целта на оваа манипулативна реклама е да се измамат граѓаните да нарачаат од чајот по цена од 2.400 денари откако ќе бидат наведени да поверуваат во оваа лажна приказна.
-Го видов ова интервју и секако дека е невистинито. Го пријавив ова во „Фејсбук“ но во македонските институции не сум се обратил, изјави за „Слободен печат“ политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Тој не е првата жртва на измамничките реклами со чија помош во земјава се продаваат чаеви со злоупотреба на личните податоци на познати личности. Целта е да се креира кредибилна слика за тоа дека медицински професионалци се промотори на одредени препарати или суплементи, со цел да се придобие довербата од наивните потрошувачи.
Од сите дезинформации на интернет просторот, најстрашни се оние кои може да му повлијаат на човековото физичко здравје. Пациентите со најразлични дијагнози секој ден се изложени на наплив од лаги на интернет просторот кога им се ветуваат чудотворни резултати.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Утре е Петровден, задутре Павловден, се верува…
Утре, 12-ти јули е Петровден, а на…
Морбиден профит: Аналитичарот Петар Арсовски и доктор…
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски и професор доктор Драган Даниловски се најновите…
Апел за помош: Да му помогнеме на…
Почитувани пријатели,ова е мојот син Петар има…
(Фото+Видео) Се бараше во јама до 70…
Се уште се бара исчезнатиот Петар Џобоски,…
(Видео) Петар кој ја насмеа Македонија стана…
Петар е детето кое ја насмеа македонската…