Изборниот екстерен испит матурантите ќе го полагаат задутре

t

Матурантите в сабота ќе го полагаат вториот, изборен екстерен испит од државната матура. Како и во минатите години, најмногу кандидати (13 198) се пријавени за тестот по Англиски јазик. Испит по Математика ќе полагаат 1356, за Германски јазик се пријавени 114, 37 за Француски јазик, 84 за Естетика и по еден кандидат за Руски јазик и за Филозофија.

Минатата сабота матурантите го полагаа првиот, задолжителен екстерен испит – Мајчин јазик (Македонски/Албански/Турски) и литература.

Најдоцна до 8 јули Државниот испитен центар (ДИЦ) ќе ги објави резултатите од полагањето на двата екстерни испита. Дотогаш треба да има и одлука од комисиите на ДИЦ за поништување на тестови за првиот и за вториот екстерен испит доколку се утврдат прекршувања на правилата на самото полагање или ако се констатираат нерегуларности т.е. преписи при оценувањето на тестовите.

Директорката на ДИЦ Билјана Михајловска за МИА изјави дека покрај комисијата која предлага поништување на испит за кандидати за кои е утврдено дека постоело некакво прекршување во текот на испитот, оваа година ќе бидат формирани и десет комисии, за секој од десетте наставни предмети опфатени со државната матура, кои врз основа на докази за преписи при оценувањето на тестовите ќе предложат евентуално поништување.

– Ова и претходно го правеа оценувачите и беше само нивна констатација, но сега дополнително ќе има комисија, за секој од предметите, која ќе ги проверува доказите што ги доставува оценувачот, појасни Михајловска.

Ќе се разгледува и вибер-групата во која беше споделен празен тест по мајчин јазик на почетокот на испитот минатата сабота. Како што рече директорката, текст од таа вибер-група, како и кој било друг текст што евентуално ќе го најдат во некоја вибер-група, ќе им бидат дадени на оценувачите.

За да има поголема контрола при полагањето, оваа учебна година матурантите првпат тестовите ги решаваат во големи простори – училишните холови или спортски сали. Според Михајловска, решение за обидите да се внесуваат електронски уреди во иднина би било воведување блокатори на сигнали на мобилни телефони.

Рече и дека ќе апелира до МОН на тестаторите да им се плаќа за учество во матурата, како што е предвидено и во недонесениот нов закон за средно образование кој остана во собраниска процедура. Смета дека со некој вид награда/надомест, тестаторите ќе бидат помотивирани за нивниот ангажман во државната матура.

– Во целата оваа ситуација забораваме дека 2000 луѓе си ја завршија одлично работата – и тие што организираа во училиштата, и тие што беа тестатори. Ако некои двајца-тројца ги прекршиле правилата, не треба да го анулираме трудот на сите други, истакна Михајловска за МИА.

Според видот на образование, државна матура во јунската сесија полагаат 6341 матуранти од гимназии, 8230 од стручни и 263 од уметнички училишта.

Матурантите кои во јунската сесија нема да ја положат државната матура или не во целост ќе може да се пријават за августовската сесија кога двата екстерни испита ќе се полагаат на 12 и 14 август 2024.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Студент на ФИНКИ избркан од факултетот –…

Студент на ФИНКИ навредил наставник и го…

Изборниот екстерен испит матурантите ќе го полагаат…

Матурантите в сабота ќе го полагаат вториот,…

Конечно – Се воведуваат стручна матура и…

Владата, на денешната седница, утврди текст на…

Партијата ГРОМ бара докази дали пратеникот од…

Политичката партија ГРОМ денеска преку својата потпретседателка…

МОН: Со дигитализација на образованието, вложуваме во…

Подобрување на квалитетот на наставата, стекнување на…