(Видео) Трајчулески: Бегството на Блерим Рамадани е организирано од структури на МВР и вработени во институциите

t

Време е јавноста конечно да ја дознае вистината за скандалот поврзан со бегството на Блерим Рамадани, вистина која се крие од страна на МВР по секоја цена. Вистина која ја разоткрива целосната шема за тоа кој го организирал и овозможил бегството на Рамадани. И како всушност е партизирана и узурпирана државната граница со Косово од страна на структури од власта, соопшти денеска на прес-конференција пратеникот од редовите на СДСМ, Митко Трајчулески.

– Денес ќе поставиме прашања, и доколку Владата и МВР не се одважат да излезат и јавно да ја соопштат вистината за целата организација на бегството на Рамадани,, СДСМ ќе го објави целиот скандал. По сите информации кои ги имаме јасно е дека Владата и МВР точно знаат што се случило и молчат.

Денеска го прашуваме Тошковски, ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, и им даваме можност сами да излезат во јавноста со фактите, а потоа да започне процес на истрага и оставки од сите вклучени во скандалот со бегството на Блерим Рамадани.

Прво, дали е точно, дека на 10.8., кога Рамадани бил во куќен притвор, тој всушност си бил на Косово? Дали е точно дека на тој ден околу 18 часот и 40 минути, Рамадани со возило, без да биде застанато на границата, бил однесен на Косово и доцна вечерта вратен во куќниот притвор во Македонија? Потсетуваме дека ги имаме деталите и секоја лага на Владата и институциите во однос на ова е кривично дело.

Понатаму, прашуваме, дали е точно дека на 14.8 односно дента кога е избеган Рамадани, тој ја напуштил државата на ист начин со службено возило на државна институција, управувано од човек вработен во институциите, а повторно пропуштен на граничниот премин без никаква контрола?

Дали ова не значи дека не станува збор за бегствто, туку организирано пуштање на затвореникот во Косово во кое учествувале македонските институции? Дали ова не е всушност партиско полициска организирана шема?

Го прашуваме Тошковски, дали е можно човек баран со меѓународна потерница буквално да се шетал преку границата два пати додека де факто е во притвор кој треба да го обезбедува МВР?

Која е улогата на МВР во овозможување на прошетките на Рамадани и негово конечно напуштање непречено на државата?

Очекуваме одговори во следните 24 часа, доколку не ги добиеме, ќе ги објавиме сите информации од свиркачите кои ги добивме. – вели Трајчулески.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ