Жителите на Чашка револтирани: Министерката нѐ убедуваше да има настава на албански јазик, па избега од нас!

t

Јаневска продолжува по стапките на Јетон Шаќири, велат за Инфомакс револтирани жители на Општина Чашка и родители кои ја бојкотираат наставата поради воведувањето на албанска паралелка во училиштето.

Како што велат жителите на Чашка, денеска се одржала средба помеѓу министерката за образование, Весна Јаневска, градоначалникот на Општина Чашка и локалното население, претежно родители кои се незадоволни од одлуката за формирање на албанска паралелка. Според нашите информации, родителите најверојатно ќе го продолжат бојкотот на наставата, поради формирањето на албанската паралелка бидејќи МОН не го испочитувал договорот склучен минатата година.

Лани советот на родители, МОН и Општина Чашка се договориле дека до почетокот на оваа учебна година МОН ќе обезбеди одвоено училиште за дечињата кои сакаат да следат настава на мајчин албански јазик, но досега поставена е само платформа, а од училиштето нема ни трага ни глас.

Како што информираат граѓани на Чашка, денешната средба била тензична, имало и расправија на висок тон бидејќи Јаневска ги застапувала истите ставови кои ги имал Јетон Шаќири и ги убедувала родителите дека децата мора да учат во тоа училиште уште три-четири месеци. Откако граѓаните видно револтирани почнале расправа на висок тон, министерката си заминала од местото.

Како што велат граѓаните на Чашка тие се крајно незадоволни што новата министерка продолжува по стапките на поранешниот министер Јетон Шаќири. Според нашите информации, од политичките партии на денешниот состанок присутни биле само претставници на Левица.

Инаку претходно, тројца од присутните родители и граѓани на протестите пред ОУ „Тодор Јанев“ во општина Чашка, беа на информативен разговор од полициска станица. Директорката на училиштето Елена Николова ги пријавила за физичко и вербално малтретирање откако таа со полициски кордон едвај успеа да влезе во училиштето.

Цвета Пешевска, претседател на Советот на родители во ОУ „Тодор Јанев“ во Чашка каде се протестираше против тоа што, како што велат, незаконски била формирана паралелка на албански јазик во која треба да учат 4 ученици, за медиумите претходно изјави дека проблемот не е во самото формирање на паралелката, туку во тоа што се прекршени процедурите и на мала врата се направил обид да се прекршат законите.

– Како претседател на Советот на родители, целата работа ја почнавме правно. Имаме правен тим, односно адвокати кои ја вршат работата. Организатор на протестот е населението, а ние сме на улица во нивна поддршка.  Проблемот е во тоа што МОН за време на летниот распуст ги презема ингеренциите врз училиштето од општината и го прескокна училишниот одбор и си назначи в.д. директор. Меѓутоа, во законот убаво стои дека се назначува прво училишен одбор кој има мандат една година, па преку тој училишен одбор се назначува в.д. директор кој ќе биде на функција 6 месеци. Но, од старт тука училишниот одбор е прескокнат. После тоа се објавија огласи за вработување без училишен одбор. Се смени систематизацијата на училиштето без училишен одбор. На крајот на сето ова, се отвари албанската паралелка без училишен одбор и со тоа е прекршен статутот на училиштето, изјави Пешевска за „Слободен печат“.

Таа додава дека во училиштето има 200 ученици, а во албанската паралелка треба да учат четири.

– Внесени се тие 4 дечиња во главна книга, т.е. во дневник со првачињата од македонска националност. Оттаму ги извадија за да формираат албанска паралелка и сега се внесени во тој дневник, но без број на главна книга. Паралелката си функционира, но правно не е впишана никаде, значи не постои. Ова е сосема погрешна слика што се претставува дека „има паралелка“ и дека образовен процес во „ОУ Тодор Јанев“ во Чашка има. Нема! Паралелката беше отворена само за да се направи дефокус од главниот проблем. Затоа што ние кога го известивме училиштето, во известувањето убаво стои дека проблемот е незаконското работење на в.д. директорката. Првиот ден на бојкотот, министерот за образование објави дека била отворена албанска паралелка во Чашка. Тоа беше со намера да се направи дефокус на главниот проблем. Како што можете да забележите дека и ден денеска се става акцент на тоа дека луѓето што протестираат пред училиштето, протестираат „против албанската паралелка“ што не е точно. Протестираат против беззаконието со кое е формирана албанската паралелка, додаде Пешевска.

Јавноста вчера сведочеше на тензии пред училиштето во моментот кога директорката беше дочекана од револтирани граѓани и таа мораше да влезе во зградата со полициски кордон. Родителите ја бојкотираат работата на училиштето трета недела.

-Вчера имаше околу 50 луѓе. Страшно беше. Полиција премногу, непотребна. Дури и од страна на директорката ни беше кажано, „ќе видите, ќе донесам полиција од Велес“. Некој ги вика дечињата од албанската паралелка за да седат во дворот и да се прикаже слика дека ние нив ги малтретираме што не е точно. Дечињата си доаѓаат, даден им е простор да влезат, не се должни да мрзнат надвор. За голем одмор си излегуваат, купуваат јадење и пак си влегуваат внатре. И за на крај нам да ни биде кажано дека ќе ни покренеле обвинение за булинг врз деца. Од страна на директорката се вршат секакви притисоци врз нас, а исто и врз вработените. Кога бевме на средба со министерот еден од вработените се дрзна, собра храброст да каже дека му се врши мобинг, на што доби одговор – не сум јас институција каде што треба да се обратите за тоа. Односот е страшен. Вчера беше тензично, директорката бара да ѝ се направи кордон од полиција за да влезе. Тргна низ кордонот да влегува, имаше туркање. Па се обиде да се врати, но не ѝ беше дозволено, пак од полицијата. И на крај, откако си влезе во училиштето за 20 минути добивме информација дека повикала брза помош и дека не ѝ е добро, додаде Пешевска тогаш.

Своевремено и тогашната претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ во Чашка протестирала против отворањето на албанска паралелка, но потоа таа се декларираше како Албанка за да се вработи во училиштето.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Жителите на Чашка револтирани: Министерката нѐ убедуваше…

Јаневска продолжува по стапките на Јетон Шаќири,…

Брука: Деца и родители се тепале во…

Основното јавно обвинителство Струга поднесе Обвинителен предлог…

Повторно активен пожарот на планината Голешница во…

Регионалниот ЦУК Велес, известува дека шумски пожар…

Немало никаква намера да се повреди 3-месечното…

Директорот на Детската клиника, Реџеп Мемеди денеска…

Оставиле деца заклучени во автомобили: На родителите…

Пожарникари вчера спасија две деца од заклучени…