(Фото) Кој е Бојан Христовски: На 1 септември ја погреба АНБ, од вчера е нејзин директор

t

Неколку часа откако „360 степени“ објави дека на фејсбук-профилот на новиот директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, пишува дека е политичар, забележлива е промена, пренесува 360 степени.

Во секцијата вовед (Intro) на фесјбук-профилот на Христовски сега стои дека тој е „јавна личност“ (Public figure).

Ова засега е единствената видлива реакција од Христовски откако вчера на владина седница е именуван за нов директор на Агенцијата задолжена за безбедност и контраразузнавање. Тој на позицијата го наследува Зарко Милошевски, кому не му е истечен мандатот, туку е разрешен од фунцијата, која ја извршуваше неполни две години, иако мандатот на директорот, според закон, е четири години.

Од Владата досега не излегоа со информации или соопштение за причините за разрешувањето на Милошевски, ниту, пак, за именувањето на новиот директор и прашањата што тоа ги отвора, а се во врска со активниот партиско-политички ангажман како член на ВМРО-ДПМНЕ.

Иако од Владата вчера за „360 степени“ изјавија дека Бојан Христовски од 2023 година не е член на партија, откако си поднел оставка по неговото враќање на работа во Министерството за внатрешни работи, од неодамнешните објави на неговиот фејсбук-профил забележлива е активност и пропагирање во прилог на партијата.

Меѓу поновите објави, една е особено интересна. Датира од 1 септември годинава, а е поврзана токму со Агенцијата за национална безбедност.

Во неа тој го честита петтиот роденден на Агенцијата, наведувајќи дека е последен.

„Нека е честит петтиот и последен роденден на Агенцијата за национална безбедност!

Шупливите темели на формирањето на новата Агенција во старт го зацртаа и краткиот рок на траење!

Дојде време на темелни реформи и нов почеток“, пишува Христовски во објавата.

Месец и пол подоцна тој е назначен за директор на АНБ.

„Дојде време на темелни реформи и нов почеток“, најверојатно, се однеува на најавите на ВМРО-ДПМНЕ за спојување на АНБ и Агенцијата за разузнавање (АР) во заедничка нова институција. Наводно, новата власт веќе активно работи на реализација на тој план.

Она што останува неодговорено, а предизвикува контроверзии, е партиско-политички ангажман на Бојан Христовски, за што сведочат неговите објави на Фејсбук и други јавни настапи.

Законот за АНБ во членот 10, во кој се пропишани условите за тоа кој може да биде директор на Агенцијата, е јасен и вели:

„Да не е член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија“.

Христовски, според Владата, формално не е во конфликт со овој услов, но неизбежен е впечатокот дека негвоите јавно декаларирани ставови, па и во последните неколку недели, се во корелација со политиките и потезите на ВМРО-ДПМНЕ.

Последната негова објава на Фејсбук е честитка по повод 11 Октомври. Но, претходните се поврзани со активности на владејачката партија и одлуки на Владата.

Така, на 20 септември, тој ќе го пофали министерот за локална самоуправа Златко Перински за пристапот „функцонери на терен“.

„Нова ера за Македонија! Нова надеж за татковината“,

ќе напише Христовски на 24 јуни по формирањето на новата Влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Дел од неговите објави се однесуваат и на критики кон актуелната градоначалничка на Скопје, чиј соработник како директор на Јавното претпријатие „Градски паркинг“ беше Христовски пред да си поднесе оставка по разидувањето на Арсовска со ВМРО-ДПМНЕ.

„Се бара под дрво и под камен. Скопје пропаѓа, а Данела се крие од прашањата на градските советници! Непочитувањето на Советот е непочитување на жителите на Скопје”, вели новиот директор на АНБ во пост објавне на 26 септември.

Лани во февруари Христовски беше назначен за прв човек на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.

Христовски, како што објави ТВ Телма денеска, е поранешен припадник на Управата за безбедност контраразузнавање, кој по формирањето на АНБ не беше вработен во Агенцијата бидејќи не му беше издаден безбедносен сертификат. Образложението за одземање на сертификатот е учество на неговиот татко во протестите против Преспанскиот договор и сомнежи за руско влијание. И Христовски и неговиот татко ги негираа обвинувањата и тврдеа дека се измислици на поранешната власт за да го елиминираат од службата.

Тој потоа поднесе тужба поради одземањето на сертификатот. Управниот суд донесе одлука дека му е одземен незаконски и тој повторно го доби назад, по што со друга судска одлука беше вратен на работа во МВР.

По изборите Христовски станува советник на директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, чии активности, исто така, редовно ги споедлува на својот фесјбук-профил.

Освен за именувањето на Христовски, од Владата сè уште нема образложение за причините и основот по кој е разрешен досегашниот директор Зарко Милошевски.

Единствениот одговор што досега го добивме од владината портпаролка Марија Митева е дека „кадровските промени во безбедносните служби се прават врз основа на темелни анализи и проверки и истатата одлука е донесена согласно тие состојби“.

Сепак, како што објавивме вчера, во Законот за АНБ постојат прецизни одредби под кои околности може предвреме да престане мандатот на директорот на АНБ и поради што може да биде разрешен од функцијата.

Извор: 360 степени

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Фото) Кој е Бојан Христовски: На 1…

Неколку часа откако „360 степени“ објави дека…

Минчев: Треба да се донесе закон за…

Министерот за јавна администрација Горан Минчев смета…

Бронзениот каратист Стефан Стојановиќ на прием кај…

Министерот за спорт Борко Ристовски му го…

Утре ден на жалост во Велес поради…

На денешната редовна 55. седница, Советот на…

(Видео) 100-годишниот поранешен претседател на САД гласаше…

39-от претседател на САД и добитник на…