Калајџиев: Комисијата за помилување не призна грешка како што тврди Мицкоски
Универзитетскиот професор и сега веќе поранешен член на Комисијата за помилување, Гордан Калајџиев тврди дека Комисијата не призна грешка како што тврди премиерот Христијан Мицкоски, туку дека се држи до принципи. Ова беше објавено како коментар на неговиот Фејсбук-профил.
Премиерот претходно рече дека целата одговорност ја гледа во Комисијата и вели дека членовите ја констатирале грешката и постапиле доблесно со тоа што поднесоа оставка.
-Жив човек кој што работи, знае и да погреши. Кога ќе се констатира грешката ако се преземе одговорност, тогаш тоа е и доблесно и јас така можам да ја коментирам одлуката на членовите на Комисијата која што се занимава со теми од областа на помилувањето. Констатирана е очигледно грешката и единственото нешто што тие го имаат како морален чин тоа е да се повлечат и тоа и го направија, така што очекувам тука да се затвори таа тема во јавноста, изјави вчера Мицкоски.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прифати оставките на членовите на Комисијата за помилување кои си поднесуваат колективна оставка од позициите. Одлуката прв ја соопшти Калајџиев.
„Оваа одлука ја донесовме во согласност со нашите лични и професионални принципи“, се вели во објавата на професорот.
Од Кабинетот на претседателката велат дека во следниот период ќе бидат извршени консултации за новиот состав, но и за институционалните и законските слабости кои постојат во системот за помилување на осудените лица.
Министерот за правда, Игор Филков предложи освежување во комисијата за помилување. Според Филков, последното кратење на казни за осудени лица станало предмет на политички игри и препукувања, иако, помилувањата, како што вели, се важна работа за државата. Смета дека наместо повторен суд од јавноста, веќе осудените треба да се упатат на ресоцијализација.
Ваквите реакции доаѓаат откако Комисијата достави листа за помилување на 23-ти октомври, за 10 осудени лица. Нивните имиња предизвикаа лавина реакции во јавноста. Еден од нив е Акиф Равманоски, кој е член на криминална банда, а кој веднаш откако беше помилуван повторно беше вратен зад решетки, поради сомнеж за обид за убиство.