ПИСМО НА БРАТОТ НА МАРА БУНЕВА ОД 1945: „Кажете им, да им ја е*ам мајката, зашто сакаат автономна Хитлерова Македонија!“

t

Што му пишал на македонскиот министер за внатрешни работи Борис Бунев за неговото великобугарство и за членството во ВМРО? Како ја минирал идејата, по капитулацијата на Бугарија од Македонија да добие автономија под германско покровителство? Колку луѓе спасил од затвор? Зошто за македонската историја и јавност, овој човек, кој вели дека токму поради неговата борба за Македонија бил осуден од Бугарите, е непожелна личност?

Пишува Дарко ЈАНЕВСКИ

Борис Бунев е брат на Мара Бунева, една од најнапаѓаните личности во досегашната македонска историја, жена врз чиј грб стотици подбуцнувачи и се додворуваа на комунистичката и неокомунистичката власт на Македонија и градеа кариера. Пред повеќе години, во Белград, Србија, е откриено едно писмо од Борис Бунев до амбасадата на Демократска Федеративна Југославија во Софија, кое потоа било препратено до Министерството за надворешни работи во Белград, а оттаму до Министерството за внатрешни работи на Демократска Федерална Македонија во Скопје. Писмото прв го објавив, а потоа по принципот копи пејст беше преземано од други сајтови. Писмото е прилично интересно со содржина од која на многумина веројатно ќе им се дигне косата на главата. Станува збор за извонредно сведоштво за настани за кои пошироката македонска јавност речиси ништо не знае, освен тоа што партиските директиви преку своите ‘научници’ и дозволуваа да го знае. Меѓудругото, во писмото се опишуваат и моментите кога е направен обид, по повлекувањето на бугарската војска од Македонија и нејзиното излегување од сојузот со Хитлерова Германија, нашата држава да добие автономија под германско покровителство. Од спомените на Ванчо Михајлов се дознава дека во врска со тоа и тој самиот лично допатувал во Скопје, но ја одбил идејата со мотивација дека таа ќе значи ново пролевање македонска крв. Во ова писмо, Бунев сведочи за тоа како тој размислувал за истото прашање и што кажал на состанокот со бугарската управа на кој биле повикани 30-тина тогашни угледни граѓани на градот со цел да се изјаснат за ова.

Покрај тоа, писмото е изворно сведоштво и за размислувањата на братот на Мара Бунева во врска со односите меѓу Македонците и Бугарите, изнесувајќи работи кои или досега не биле познати или биле строго криени од очите и ушите на Македонците.

ТРИ ГОДИНИ ТАНЦУВАВТЕ

Меѓу двете војни, Борис бил член на михајловистичкото ВМРО, а во 1941 година доаѓа во Скопје и тука живее до 1944 година. Потоа одново се враќа во Бугарија, а на 15 октомври 1945 година го испраќа писмото кое сега го изнесуваме. Во писмото Борис Бунев бара враќање на покуќнината од куќата во Скопје во која живеел за време на војната и во него меѓудругото вели:

‘Почитуван г. министре,

Во текот на септември 1941 година, заедно со семејството, сопругата и синот, се доселив во Скопје, при што од Софија ја пренесов сета покуќнина.

Немајќи сопствен дом, бидејќи моите родители живеат во Тетово, од чиновникот за државни имоти ми беше определено да живеам во куќата на ул. 248 бр.6, во која ја сместив сопствената покуќнина. Поради настаните на 8 септември 1944 г. го напуштив Скопје без да ја изнесам покуќнината и заминав за Софија. Причините поради кои ја напуштив татковината Македонија, ќе ги изнесам подолу.

Поради различните патишта по кои одев за Слободата на Македонија, денес сум обележан како неподобен жител на татковината…, иако постојано живеам со убавата мисла дека ќе ми биде дозволено да живеам во Македонија и да бидам полезен…

Тоа мое решение да живеам во Бугарија е привремено и ми налага да си ја соберам покуќнината.

Домашните ми соопштуваат дека во куќата во која се наоѓа покуќнината, се вселило службено лице, кое одбило да ги предаде работите…’, пишува братот на Мара Бунева.

Но, тоа што за нас е интересно е делот од писмото во кое Бунев се обидува да му објасни на македонскиот министер за внатрешни работи некои работи поврзани со него, а кои се однесуваат на денес веќе стандардните квалификации дека е великобугарин и антимакедонски елемент. Па, вели:

‘На почетокот на молбата ветив дека ќе ги изложам причините поради кои го напуштив Скопје.

Бев загрижен од навлегувањето на Љотичевците и Дража Михајловичевите вооружни групи, за кои имаше сведоштва дека се веќе кај Сурдулица и второ, ако останев во Скопје, ќе требаше да се потчинам на германските војски.

Од Љотичевците и Дража Михајловичевците се плашев дека како стар борец на ВМРО ќе посегнат по мене, а на Германците не сакав да им служам.

Треба да ви раскажам и за следното:

Неколку денови пред бугарските воени и административни власти да ја напуштат Македонија, во кабинетот на обласниот директор Тома Петров, на состанок бевме повикани околу 30 граѓани.

Обласниот директор ни соопшти дека бугарската влада му наредила да свика состанок со видни граѓани и да основа ‘привремена македонска влада’ под покровителство на германската воена команда и германскиот конзул во Скопје, и таа влада треба да ја објави автономијата на Македонија.

Сите присутни требаше да се изјаснат. Јас прв се јавив за збор и буквално, го кажав следното:

Господине директоре, не во 11 часот, туку сега земете го телефонот и соопштете им на министрите, да им ја ебам мајката, зашто ни советуваат да ја објавуваме автономијата на Македонија. Ние тоа нема да го направиме. И продолжив:

Господине директоре, Вие… не водите сметка дека меѓу нас нема претставници на тие што имаат право да зборуваат, тие што се по планините. Вие ли сте врската со нив, со тие што утре ќе влезат со оружје в рака во градот? Тие со право ќе кажат: Кои сте вие да основате привремена влада на автономна Македонија без да не прашате? Вие ли, кои цели три години танцувавте во воениот клуб, вие ли имате право на такво нешто без да сте ополномоштени од нас, кои во тоа време бевме во планината и водевме борба со бугарските и германските власти?… Затоа господа, предлагам понатаму да не се дебатира по ова прашање.’

Предлогот на Бунев не бил прифатен и сите што биле поканети на тој состанок зеле збор, но се покажало, тврди во писмото братот на Мара Бунева, дека сите размислуваат како него. Затоа состанокот завршил без да се донесе било каков заклучок, сите се разотишле и така не дошло до реализирање на идејата за автономија на Македонија, со сопствена власт под покровителство на Германија.

ЦАРСКИ ПРИЕМ

Потоа, во писмото Бунев продолжува:

‘Господине министре, мојот став по ова прашање им беше познат и на германските воени власти и на германскиот конзул и го ризикував животот во Скопје поради повлекувањето на бугарските власти.

Некој би прашал: А, зошто не отиде в партизани?

На тоа прашање, еден чесен човек како мене би можел кратко да одговори:

Немав гаранција дека ќе бидам примен од нив, ниту пак сакав да бидам смешен и да се определувам во последната минута за да се наредам до тие што со месеци беа по планините’, пишува Бунев.

Потоа, тој додава и други работи кои според него не оделе во прилог на желбата да остане во Скопје. Како пример го наведува случајот со вербалниот судар во ресторанот Метропол со некоја жена чиј татко и брат биле во служба на Германците (му рекла дека ‘вие Бугарите немаше да дојдете во Македонија ако не беа Германците’ на што тој ја нарекол ‘пизда’), како и спасувањето од затвор на некои работници од Кучково, како и работниците Атанас Митрев, Јовчев, Петко и др.

Борис Бунев на министерот се обидел да му објасни и за трите работи со кои е оквалификуван: дека е великобугарин, дека е противпрогресивен елемент и дека е бивш член на ВМРО.

‘Великобугарин сум до толку, до колку сум можел да имам право да живеам во сопствената татковина Македонија, слободен и невознемируван.

За слободата на Македонија сум се борел против велико бугарство, за што во Бугарија сум бил осуден на смрт и сум лежел во затвор 5 години и четири месеци.

Ако бев великобугарин ќе се согласев на државната служба во Скопје која настојчиво ми беше нудена.

Ако бев великобугарин, барем на едно државно собрание во Македонија ќе говорев. Ќе пишував во весниците за великобугарството…

Ако бев великобугарин, немаше да ги одбегнувам прославите и банкетите, иако сум бил специјално канет…

И најпосле, ако бев великобугарин, ќе отидев на приемот во општината организиран од цар Борис. Упорно бев покануван да присуствувам, но откажав и не отидов. Тоа ќе го потврди г. Кирил Жерновски, кој во својство на помошник на кметот имаше наредба да ме покани.

И кога официјалните органи ми составуваа белешки, дека избегнувам од тоа, им одговарав:

‘Додека бугарските власти ја сметаат Македонија за своја колонија, јас не сакам со присуството да го потврдувам тоа’.

За квалификацијата дека е противпрогресивен елемент, Бунев вели: … Ако бев непрогресивен елемент, немаше да молам и да давам гаранции за ослободувањето од затворот на неколку десетина прогресивни младинци. Тоа го знае цело Скопје. Тоа го знае и г. Стамат Дуковски, чии две деца беа ослободени.

Ако бев антипрогресивен елемент, немаше да му одговорам на обвинителот од Воениот суд дека ќе сведочам за судените прогресивни елементи зошто ‘има нешто убаво во нивната борба’.

Ако бев антипрогресивен елемент, немаше да застанам на страната на жителите на с. Вратница, селаните можат да го потврдат тоа, и откако полицијата бесчувствително истепа неколкумина вратничани, да и објавам војна на полицијата…’

Потоа Бунев раскажува како извесен Тома Апостолов во октомври 1944 година дошол дури во Ќустендил со намера да го уапси затоа што не се заложил за уапсените Срби од Тетово, што според Бунев не било точно:

‘Јас успеав да ја издејствувам слободата на многу мои сограѓани. И може да се утврди дека сите работи сум ги извршил без каква и да е материјална придобивка.

‘Па кој ги спаси Сане Јајчар, Ѓоко Михајловиќ, Кочо Богоевиќ, Урош и Владо Парлиќ, Сима Моисиќ, зетот на Стефан Лешков, Славе Парлиќ, Ѓоќо Ристиќ од Скопје, Милан Ристиќ од Скопје, илегалните младинци од Врање, свештеникот од Сурдулица и др.

Да можев ќе сторев многу, но не можев, не ме слушаа’, велел Бунев.

СЕ БОРЕВМЕ ПРОТИВ КРАЛСКА ЈУГОСЛАВИЈА

На крајот од писмото тој се осврнува и на тоа дека бил член на ВМРО, но со логика која веројатно многу комунисти и неокумунисти ќе ги изнервира. Еве што напишал Бунев за тоа:

‘Како член на В.М.Р.О. Да, таков бев и имав престапи против бившото Кралство Југославија. Титовата Југославија и Федерална Македонија не можат и не треба да бараат сметка од тие кои по својата идеологија се бореле против Кралска Југославија.

В.М.Р.О. и неговите членови не водеа борба против новата демократска Титова Југославија.

Почитуван г. Министре

Интересно е да наредите едно сеопфатно истражување на мојата дејност во Скопје за времето до 1941 г. до 8 септември 1944 година… И ако се докажат моите полезни работи во Македонија, да наредите да ми се врати покуќнината според приложениот список, за да останам со добри чувства кон управителите на мојата татковина Македонија во која мечтаам да живеам.

Со почит кон вас и за доброто на мојата татковина Македонија

Софија 15 октомври 1945 г.

Со почит

Борис Бунев’

Ете, тоа е скратената верзија на писмото кое од белградскиот Архив е донесено во Скопје, а кое братот на омразената во Македонија Мара Бунева, го испратил до македонската повоена влада. Бунев, кој за нашата официјална историја е асли Бугарин, непожелна личност, од која треба да се бега безмалку како од чума, со ова писмо се претставува како поинаков човек, дури и само половина од изнесеното во писмото да е вистина. Тој зборува за неговата татковина Македонија, тврди дека поради борбата за слобода на таа татковина токму од Бугарите бил осуден на смрт и лежел во затвор, дека токму тој спасил десетина Македонци од окупаторските власти нудејќи и сведоци за тоа и, во крајна линија, како човек со револуционерно минато, знаел да ја цени борбата што партизаните по планините ја воделе во време на Втората светска војна. Но, можеби токму затоа, токму поради тоа што тој веројатно бил со поинаков лик од сликата што овде ни е наметнувана и ни ја наметнуваат за Мара Бунева и нејзиното семејство, е забранувана личност.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПИСМО НА БРАТОТ НА МАРА БУНЕВА ОД…

Што му пишал на македонскиот министер за…

До понеделник ќе имаме стабилно и суво…

Времето во следните денови ќе биде стабилно…

Северна Кореја реши да привлече туристи

Државната туристичка компанија на Северна Кореја, Korea…

Чаир: Маж ја претепал својата сопруга

На 28.10.2024 во СВР Скопје 44-годишна жена…

Моника Зајкова излегува од коалицијата со СДСМ,…

Лидерката на Либерално-демократската партија и пратеничка Моника…