Филков: Од утре почнува реформата на Судскиот совет

t

Министерот за правда Игор Филков осврнувајќи се на извештајот на Европската комисија за напредокот на нашата држава во делот на правосудството, рече дека тој дава реален приказ на достигнувањата и состојбите, но истиот претставува и поттик за испорачување на потребните реформи. Реформите во правосудството според Филков се одвиваат во согласност со Развојната секторска стратегија за правосудство за периодот 2024 – 2028 со нејзиниот Акциски план, а во наредниот период клучен приоритет ќе биде да се реконституира Советот за следење на имплементацијата на Развојната секторска стратегија за правосудство.

„Ни претстои една од најзначајните реформи од кои ќе зависи нашиот напредок на патот кон Европската Унија- Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Веќе од утре почнуваат јавните стручни дебати за нацрт измените и дополнувањата на Законот за Судскиот совет подготвени од страна на работната група формирана од Министерството за правда. Ова ќе биде само еден од неколкуте настани за консултирање на стручната јавност кои Министерството за правда планира да ги организира со цел да се обезбеди транспарентен и инклузивен процес кој ќе придонесе кон унапредување на законската рамка која го уредува работењето на Судскиот совет. Заклучоците и препораките од тркалезната маса ќе бидат основа за понатамошно подобрување на текстот на измените и дополнувањата на Законот за судски совет. Овие дискусии нема да бидат површни. Тие ќе бидат сеопфатни, ќе ги вклучуваат сите релевантни фактори и ќе имаат за цел да создадат решенија кои ќе ја загарантираат независноста на овие институции. Судскиот совет и Јавното обвинителство мора да бидат ослободени од каква било форма на политичко мешање, функционирајќи единствено во служба на правдата. Овие тела ќе бидат реформирани за да работат со најголем интегритет, фокусирајќи се на професионалноста и строгото почитување на владеењето на правото”, изјави министерот за правда Игор Филков на дебатата Платформа:100% посветени за тебе на тема: „Фокус на правдата, безбедноста и одбраната”.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ