Битиќи: Македонија е најсилна тогаш кога ги слуша сите свои граѓани – на сите јазици

t

Македонија е најсилна тогаш кога ги слуша сите свои граѓани – на сите јазици, истакнува Фатмир Битиќи – пратеник во Собранието од редовите на СДСМ и поранешен вицепремиер за економски прашања во објава на Фејсбук во врска со седницата на Уставниот суд на која една од точките е расправата по иницијативите за Законот за употреба на јазиците.

– Во овој момент, во 9:30 часот, во судницата на Уставниот суд започнува необичен разговор на нашето општество со себеси, со различностите, кој може да биде дијалог како инклузивен процес или монолог како чин на исклучување. Ова е миг во кој се расправа за кохезијата на општеството, за неговите споделени основи. Во овие моменти, кога судницата станува арена на судир помеѓу историјата и визијата за иднината, свесни сме дека тоа не е само за законот или Уставот, станува збор и за тоа каква држава сакаме да бидеме, наведува Битиќи.

Како што вели, Македонија е татковина за сите и не е само територија, туку приказна за заеднички живот и споделени предизвици во добро и лошо. И во таа заедничка приказна, посочува, јазикот е симбол на нашиот дух, нашето достоинство и нашата слобода.

– Со почит кон македонскиот јазик, јас, како Албанец, го прифаќам неговото значење и вредност за македонскиот народ. Ја прифаќам и мудроста на Крсте Мисирков, кој рекол: „Да се откаже човек од својот народен јазик значи да се откаже тој и од народниот дух и од самиот себе си.“ Овие зборови ме инспирираат да додадам дека истата таа вистина важи за сите јазици во оваа држава, без разлика на тоа кој јазик го зборуваме – македонскиот, албанскиот или било кој друг, посочува Битиќи.

Во овие моменти, кога, како што посочува, самата можност за употребата на албанскиот јазик е доведена во прашање, свесен сум дека можеби утре некој ќе се обиде да го замолчи мојот глас. Но, јазикот е повеќе од зборови – тој е нашиот идентитет, нашето право да бидеме тоа што сме и нашата верба во еднаквоста. Да зборувам на албански јазик во оваа држава, оценува Битиќи, значи да верувам во заедничка татковина каде различностите се вреднуваат како богатство. Македонија е најсилна тогаш кога ги слуша сите свои граѓани – на сите јазици.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Осум минути молк за насилната смрт…

Во Загреб, Сплит и Осиек, точно напладне,…

Над 438 илјади животни ќе се вакцинираат…

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) започна…

Мицкоски: Адвокати и компании свесно се договараат…

Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека адвокатски друштва…

Трајанов: Сега е времето да ги бараме…

Националниот координатор за борба против тероризмот, Павле…

НАТО го засили воздушното набљудување над Бугарија…

Авионите за рано радиолокациско откривање и контрола…