Стејт департмент: Северна Македонија покажа напредок во борбата против тероризмот

t

Северна Македонија во 2023 година покажала напредок во борбата против тероризмот преку усогласување на стратешките документи со европското законодавство и меѓународните стандарди, зајакнување на капацитетите за истрага и гонење кривични дела поврзани со тероризам, како и размена на информации за спречување на радикализација на насилството. Ова се наведува во последниот извештај на Стејт департментот за тероризмот во светот.

Таа покажала и напредок во реинтеграцијата на повратници од воените зони, се додава во извештајот.

„Владата во мај усвои национални стратегии за контратероризам и спротивставување на насилниот екстремизам со соодветни акциски планови кои се фокусираат на превенција на онлајн радикализација кон насилство, „десничарски екстремизам“, реинтеграција, потреба од специјализирани обуки за полицајци и социјални работници, и ажурирани стратешки приоритети, вклучително и воспоставување база на податоци за повратници. Северна Македонија соработуваше со напорите на САД за контратероризам, вклучително и рана детекција“, се вели во извештајот.

Покрај ова, се наведува и дека главните терористички закани во земјава се поврзани со „претходно репатрирани странски терористички борци од Сирија и Ирак, како и со домашен екстремистички тероризам“.

„Националниот комитет за спротивставување на насилниот екстремизам и тероризмот процени дека 143 граѓани на Северна Македонија (исклучувајќи деца) патувале или се обиделе да патуваат во Сирија или Ирак за да се приклучат на терористички групи во изминатите години. Од овие 143 возрасни (133 мажи, 10 жени), се верува дека само четворица останале во камп за раселени лица во североисточна Сирија. До крајот на 2023 година, Северна Македонија репатрираше 19 раселени и 11 задржани државјани од североисточна Сирија. Македонските власти го проценија нивото на терористичка закана како „средно,“ имајќи ги предвид војната во Украина, развојот на настаните на Блискиот Исток и присуството на поранешни членови и симпатизери на „Исламска држава“, се наведува во извештајот.

Во 2023 година во земјава не биле пријавени терористички инциденти.

Во врска со законодавната рамка на Северна Македонија се истакнува дека таа овозможува гонење на осомничени и соучесници во терористички активности или лица кои учествуваат во странски војни. Се додава дека казните за кривични дела поврзани со тероризам значително се подобриле во споредба со претходните години и со други земји од Западен Балкан.

Министерството за правда на САД обезбеди менторство и докази од бојното поле за случаите на кои работеле обвинители и истражители.

„Апелацискиот суд во Скопје лани во јуни ја зголемил казната на странски терористички борец репатриран во 2021 година за ширење пропаганда на „Исламска држава“ од шест на осум години затвор. Во август, Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција поднесе обвиненија против двајца такви борци за учество во непријателска армија“, пишува во извештајот од Стејт департментот.

Извештајот потенцира дека Северна Македонија го продолжи своето учество во спроведувањето на Заедничкиот акционен план на ЕУ за Западен Балкан за борба против тероризмот и ја зајакна соработката со Европол (Агенција на Европската Унија за соработка за спроведување на законот) и Европравда (Агенција на ЕУ за кривичната правда и соработка).

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Македонски музичари ќе нè забавуваат на Плоштад…

На новогодишната ноќ, на плоштадот „Македонија“ во…

ДПИ: Цените на производите од „новогодишната кошница“…

Од мониторингот кај трговците на мало (маркетите)…

(Видео) Битиќи до Кочоска: Компаниите ги оставивте…

Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната…

Снегот предизвика проблеми во Бугарија, Боровец остана…

Снежното невреме во Бугарија предизвика проблеми во…

Финансиска полиција спроведува акција за апсење на…

Директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан…