Објавено на:

„Политико“: Третата светска војна веќе е во тек

t

Ако одевте по борбените линии во првите недели од војната во Украина, можевте да слушнете извици на украински и руски, можеби помешани со гласовите на регионалните јазици како што се бурјатски и чеченски.

Денес, војниците од двете страни на конфликтот комуницираат на шпански, непалски, хинди, сомалиски, српски и корејски. Странските јазици во рововите се само еден од знаците дека конфликтот добива сè поголема меѓународна димензија, пишува Политико.

На небото, иранскиот дрон Шахед може да го пресретне американскиот систем за противвоздушна одбрана, додека на земја, германската артилерија ги надминува севернокорејските гранати. Речиси три години подоцна, тешко е да се нарече конфликтот „регионален“ меѓу Русија и Украина. Она што започна во февруари 2022 година како најголема копнена војна во Европа од Втората светска војна, сега се бори за титулата најглобален конфликт од Студената војна, со десетици земји директно или индиректно вклучени.

Овој аспект на конфликтот би можел да го одреди неговиот исход, бидејќи Украина ризикува да го загуби својот најголем сојузник со доаѓањето на Доналд Трамп на чело на САД, додека Русија ја привлекува поддршката од американските непријатели, како што е Северна Кореја.

„Последниот пат кога видовме вакво нешто веројатно беше советскиот напад врз Авганистан“, истакна историчарот од Студената војна Сергеј Радченко за „Политико“. Тогаш Западот заедно со Пакистан ги поддржа муџахедините и сите се вклучија“.

Двете страни се зависни од надворешна помош

Кога Москва ја започна инвазијата, Кремљ ја оправда како одбранбен потег против НАТО. Нашироко е прифатено дека Путин очекува краткотраен конфликт, потпирајќи се на пасивноста на Западот од минатото кон неговите акции во Украина, Молдавија и Грузија. Сепак, Украинците пружија неочекуван отпор, а Западот брзо реагираше, испраќајќи оружје и разузнавачки информации кои го запреа рускиот напредок и го интернационализираа конфликтот.

„Ќе беше локален конфликт ако брзо завршеше“, рече Радченко. „Но, не е“.

Со текот на времето, меѓународната димензија стана клучна. Денес, двете страни зависат од странска помош: Украина за опстанок, Русија за одржување на доминацијата додека се обидува да ги минимизира ефектите од војната врз сопственото население. Додека Украина тврди дека се бори за „демократија“, Русија ја оправдува својата војна како борба против „американската хегемонија“.

Русија доби сојузници како Иран, кој испорачува беспилотни летала и Северна Кореја, која испраќа ракети и војници. Земјите од БРИКС, незадоволни од западните финансиски институции, често покажуваат наклонетост кон Русија. Кинеската поддршка, која вклучува купување руска нафта и технологија, е клучна за руската економија.

„Индија и другите можат да тргуваат со Русија, што е значајно. Но, ништо не може да се спореди со она што го носи Кина“, рече Александар Габујев, директор на Карнеги центарот за Русија и Евроазија.

Од друга страна, Русија користи хибридни методи за да предизвика проблеми и поделби, вклучително и мешање во изборите и поддршка на проруски групи како Хутите во Јемен. Но, за разлика од Студената војна, Москва нема прокси конфликти каде што може директно да го нападне НАТО.

Западна помош и ограничувања

Западната помош, предводена од САД и НАТО, го обезбеди опстанокот и воениот отпор на Украина. Од почетните хаубици до авионите Ф-16 и ракетите АТАКМС, помошта постепено се зголемуваше. ЕУ, исто така, постигна напредок во пристапните процеси на Украина и Молдавија.

„Без помош од Западот, војната немаше да ја преживее првата година и ќе завршеше со тежок пораз на Украина“, рече Габуев.

И покрај тоа, Западот задржа одредени ограничувања за да спречи ескалација. Украинските барања за удари во Русија долго време се игнорирани, а Москва, иако се заканува со нуклеарни напади, избегнува директни конфронтации со НАТО.

Од друга страна, Русија користи сојузници како Северна Кореја за да обезбеди ресурси и војници, додека Украина нуди финансиски и историски стимулации за странските борци. Меѓутоа, како што војната влегува во својата четврта година, ниту една страна не ја добива сета помош што ја сака.

Замрзнување на конфликти и политичко влијание

Идејата за замрзнување на конфликтот, кој вклучува територијални отстапки од Украина, повеќе не е табу тема, туку сериозно се разгледува.

„Од самиот почеток беше јасно дека Америка ќе се откаже доколку Украина не победи доволно брзо“, вели Нина Хрушчова, професорка по меѓународни односи во „The New School“ во Њујорк и правнука на советскиот лидер Никита Хрушчов.

„Од почетокот на се се гледаше како на холивудска серија“, вели таа. На почетокот, сојузниците мислеа дека ќе заврши по една сезона. Но, потоа следеше уште една.

„И сега сме во третата сезона и секако дека вниманието е намалено“, изјави таа. „Не сакаме четврта сезона, но тоа ќе се случи.

„За Америка избегнувањето нуклеарна војна со Русија отсекогаш било приоритет број еден. Вториот беше да и помогне на Украина да победи. Мора некако да се преклопат тие две цели“, вели Радченко.

Крај на војната

Како што конфликтот влегува во својата четврта година, ниту една страна не ја добива сета помош што ја сака. Конфликтот се повеќе наликува на војна за трошење од Првата светска војна отколку на трета светска војна со висока технологија.

„Би било логично да видиме илјадници Иранци и компактна кинеска војска како се борат за Русија во Украина во моментов“, напиша во октомври ултранационалистичкиот руски мислител Александар Дугин, кој се смета за еден од идеолозите на војната во Украина.

„Логично е оние кои се против западната хегемонија и за мултиполарен свет да ја поддржуваат Русија со дејствување. И Русија тогаш ќе ги поддржи во нивните антиимперијалистички војни“.

Украина е во уште потешка позиција. Сомнежите за длабочината на поддршката на Западот растат токму кога Украинците влегуваат во уште една зима, ослабени од слабиот морал и недостатокот на речиси сè. Според проценките на Пентагон, земјата има доволно ресурси за уште шест до дванаесет месеци пред да се соочи со сериозни проблеми.

Двете страни се повеќе користат странски борци, главно од сиромашните земји. Заедно со војниците обезбедени од Пјонгјанг, Москва регрутира борци од Куба, Индија, Непал, Сирија, Србија, Централноафриканската Република и Либија, ветувајќи великодушни плати и руско државјанство.

Од друга страна, Украина, освен финансиски стимулации, на странците им нуди можност да бидат на „вистинската страна на историјата“.

„Заедно го победивме Хитлер, ќе го победиме и Путин“, напиша тогашниот украински министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на платформата Х во 2022 година.

Ова доведе до ситуација кога, повеќе од три децении по распадот на СССР и наводниот „крај на историјата“, Колумбијците се борат против Кубанците.

Крајот на конфликтот најверојатно ќе зависи од одлуката на клучните поддржувачи. Ако НАТО ја повлече поддршката, Украина нема да преживее. Слично на тоа, ако Кина ја повлече својата поддршка за Русија, Москва ќе биде принудена да ги ограничи своите апетити.

Засега војната продолжува да ја обликува глобалната политика, додека ризикот од ескалација останува. Секој нов учесник или надворешен фактор, како што се конфликтите на Индо-Пацификот или на Блискиот Исток, може да го промени правецот на конфликтот. Додека војната продолжува, опасноста од вклучување на дополнителни актери останува голема, заклучува Политико.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

„Политико“: Третата светска војна веќе е во…

Ако одевте по борбените линии во првите…

„Политико“: Судот ја прогласи Белгија за виновна…

Бриселскиот апелационен суд во понеделник ја прогласи…

Политико: Истрага во Европол!

Обвинителите на Европската унија го истражуваат Европол,…

Политико: Австрија го поддржува предлогот да се…

Австриските власти го поддржаа предлогот на Белгија…

Политико: Лоши прогнози за Фон дер Лајен

Актуелната претседателка на Европската комисија, Урсула фон…