Случај што го потресе светот: Најстроги казни за сопругот и силувачите на Жизел Пелико
Доминик Пелико е осуден на максимална казна од 20 години затвор поради континуирано силување на својата сопруга Жизел и за канење и снимање на уште десетици мажи како ја силуваат додека таа е во бесознание. Ова е одлуката на Судот од Авињон по тримесечното судење што ја потресе француската, но и светската јавност.
За виновни за силување се прогласени 47 од другите 50 мажи што во изминатите три години прифатиле да имаат сексуални односи со Жизел, иако биле свесни дека таа е дрогирана и дека тоа го прават без нејзина согласност. Двајца се осудени за обид за силување, а еден за сексуален напад. Изречените казни се движат од 3 до 15 години затвор.
Жените низ гратчето Мазан, низ Франција и низ светот ја слават Жизел Пелико како хероина, бидејќи 71-годишната жена имаше храброст не само да го истурка процесот до крај, туку и да го направи тоа јавно, не криејќи го својот идентитет и лик, за да им изрази поддршка на сите жртви на семејно насилство и силувања, како и да ги охрабри сите жени цврсто да им се спротивстават на своите мачители.
Доминик Пелико (72) уште на почетокот од процесот ја прифати вината за сите обвинувања. На клупата за обвинети беа уште 50 мажи, од вкупно 72 што ја силувале Жизел. Обвинителството бараше максимална казна од 20 години затвор за Доминик, наведувајќи дека „тоа е премалку за злосторството што го направил, но најмногу што може во рамките на законот“.
За другите силувачи беа побарани казни од 4 до 18 години затвор. Меѓу нив има мажи од многу возрасти, професии и социјални статуси – камионџии, војници, пожарникари, чувари, продавачи, еден новинар и невработени лица. Најмладиот бил на возраст од 22 години, а највозрасниот сега има 76 години. Многумина од нив имаат семејства и деца, а речиси сите живеат во радиус од 50 километри од домот на жртвата, односно од местото на злосторството.
Некои од обвинетите се жалеа дека „мислеле дека се дел од сексуална игра“ и дека „верувале оти Жизел Пелико е согласна за сексуалните односи“, но првообвинетиот Доминик изјави дека баш на сите им ја објаснил ситуацијата и тие всушност знаеле дека ја силуваат неговата сопруга.
Наместо прошката што ја побара Доминик, Жизел Пелико побара најсурова можна казна за својот сопруг. Кога таа доаѓала во судницата, придружувана од ќерката и двата сина, насобраните луѓе ја поздравиле со ракоплескање и извици: „Правда за Жизел“ и „Браво Жизел“.
– Тој за мене е мртов. Го изгубив својот татко пред четири години – изјави нејзиниот син Флоријан.
Жизел Пелико не била свесна дека е жртва на 92 сериски силувања од страна на 72 мажи во периодот од 2011 до 2020 година, сѐ додека нејзиниот сопруг не бил приведен поради тајно фотографирање девојки во здолништа во супермаркет. При истрагата биле пронајдени снимките што Доминик ги правел од неговата жена додека ја силуваат мажи што ги повикувал преку локалната социјална платформа „Коко“. Пред закажаните „посети“ тој ја дрогирал сопругата, која не била свесна за чинот. Од вкупно 72 снимени лица, идентификувани се само 50.
На компјутерот на Доминик Пелико биле пронајдени и фотографии од неговите снаи додека се тушираат, како и од ќерката Каролине Даријан, како полугола и во бессознание лежи во кревет.