Објавено на:

Амбиции на израелскиот премиер Нетанјаху: По Хамас, Хезболах и Сирија, на ред е Иран

t

Идната година е резервирана за Иран, на агендата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој годинава ги прикажува како „триумф“ воените операции против Хамас во Газа, против Хезболах во Либан и уништувањето на одбранбените капацитети на Сирија по соборувањето на режимот на Башар ал Асад, укажуваат аналитичари за Ројтерс.

Режимот во Сирија падна токму во моментот кога Нетанјаху требаше да се појави на суд за да одговара за обвиненијата за корупција. Неколку месеци претходно, тој како личен и национален успех го наведуваше ликвидирањето на лидерите на Хамас и на проиранското движење Хезболах.

Со капитулациите на Хезболах и на Асад не само што Израел остана без моќни противници, туку и Иран остана без главните милиции со кои доминираше во регионот. Аналитичари тврдат дека Нетанјаху сега ќе се фокусира на десеткување на нуклеарните амбиции на Техеран и на програмата за проектили, кои се стратегиска закана за Израел.

Иран, во исто време, е соочен со суров избор, дали упорно да ги развива своите нуклеарни потенцијали, заради одвраќање на Израел, или да им се врати на преговорите за ограничување на нуклеарната програма, што би резултирало и со укинување на меѓународните санкции.

– Иран е многу чувствителен на израелски напад, особено ако е насочен врз неговата нуклеарна програма. Не би се изненадил ако Израел спроведе такво нешто, но тоа не значи дека ќе се ослободи од Иран – вели Јост Хилтерман, директор на Програмата за Блиски Исток и Северна Африка при Меѓународната кризна група.

Палестинскиот аналитичар Гасан Ал Хатиб додава дека Нетанјаху е уште повеќе охрабрен од победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД. Во првиот мандат на Трамп, Нетанјаху успеа да обезбеди поддршка од САД за планот за анектирање територии од Западен Брег и за населување Евреи. Според овој план, Ерусалим беше признаен како „неподелен главен град на Израел“. Таму Трамп ја префрли Амбасадата ана САД.

– Ако тие (Иранците) не потклекнат, Трамп и Нетанјаху може да удрат, бидејќи сега повеќе ништо не ги спречува – вели Хатиб.

Тој смета дека иранското раководство, кое и порано демонстрирало прагматизам, би прифатило компромисно решение за да избегне воена конфронтација.

Трамп уште во првиот мандат направи радикален потег во однос на Иран, кога во 2015 година ги повлече САД од меѓународниот договор за ограничување на нуклеарната програма и на Техеран повторно му наметна санкции. Од неговиот нов претседателски мандат се очекува САД да ги заострат санкциите за нафтениот извоз на Иран, а не да се врати на дијалогот со Техеран.

Аналитичарите очекуваат од Нетанјаху да ја отвори идната година со договор за прекин на огнот во Газа и со ослободување на преостанатите заложници на Хамас, што повторно ќе го претстави како личен успех. Нетанјаху, сепак, инсистира израелските трупи да останат уште долго време во Газа, наспроти планот на САД за предавање на моќта на нови палестински власти, без Хамас.

– Израел ќе остане воено присутен во Газа во догледна иднина, бидејќи секакво повлекување носи ризик од реорганизација на Хамас. Израел е убеден дека воените успеси може да ги задржи само ако остане во Газа – вели Хатиб за Ројтерс.

Таквиот развој на настаните ќе му помогне на Нетанјаху да спречи спроведување на планот „две држави“ и да ја задржи контролата и врз Западниот Брег и Источен Ерусалим, а не само во Газа.

– Готово е со палестинската држава, но Палестинците сѐ уште се таму – преупредува Хилтерман.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Амбиции на израелскиот премиер Нетанјаху: По Хамас,…

Идната година е резервирана за Иран, на…

Кина го гради најголемиот аеродром во светот

Кина го гради најголемиот аеродром на светот…

Словенија бара на Израел да му се…

Словенечкиот јавен сервис – Радио телевизија на…

Иванка Трамп му сврте грб на својот…

Иванка Трамп заврши со политиката и изјави…

Трамп ќе побара од Панама да го…

Новоизбраниот претседател Доналд Трамп во саботата ја…