Гаши: Не се сеќавам дека во програмата на „Вреди“ пишуваше оти ќе има уставни измени до Нова година
Собранискиот спикер Африм Гаши вели дека процедурата за уставни измени ќе почне кога парламентарното мнозинство ќе биде сигурно оти тоа ќе биде прифатено од мнозинството пратеници, но и кога ќе бидат убедени дека има предвидливост во процесот, што значи дека нема да има повторно вето за три или шест месеци.
Гаши вели дека процедурата е пропишана во Уставот и Деловникот и секој што ги исполнува условите може да покрене иницијатива.
„Но, ние како парламентарно мнозинство сметаме дека треба да има политичка волја и договор за кога ќе биде почната процедурата, таа да биде и спроведена. Уставни измени се случуваат кога гласаат две третини од нашето Собрание и ние кога ќе сме сигурни дека тоа ќе биде прифатено од мнозинството пратеници, тогаш ќе ја почнеме процедурата. Во друг случај не можеме никому да забраниме, но мислиме дека не е добро да се експериментира со такви постапки“, рече Гаши на денешниот брифинг со новинарите.
Прашан околу предизборното ветување на коалицијата „Вреди“ за уставни измени до Нова година, Гаши рече дека не знае како да одговори, но и оти не се сеќава дека тоа било напишано во програмата.
„Не знам како да ви одговорам на ова прашање. Не се сеќавам дека тоа беше напишано во програмата, но секако имаше такви изјави. Тоа е комплексно прашање и не зависи од еден политички сегмент и елемент, треба две третини од Собранието да гласаат. Како што знаете, сите пратеници од коалицијата ’Вреди’ стојат зад тоа и ако дојдат на дневен ред, ќе ги гласаме и денеска. Но, мислиме дека треба заеднички да се договориме кога е тоа најдобро за државата, за сите граѓани и затоа правиме максимални напори како парламентарно мнозинство да ги донесеме уставните измени кога ќе биде најдобро за нашата држава, кога ќе има политички договор околу тоа“, додаде Гаши.
Гаши вели дека се обидува колку што може да се апстрахира од политичките агенди на политичките партии, одговарајќи на прашањето колку се доведува во прашање учеството на „Вреди“ во Владата откако претходно претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, кажа дека коалициските партнери од коалицијата треба да седнат и да разговараат околу ова прашање.
„Се обидувам да се апстрахирам колку што можам од агендите на политичките партии, вклучително и на мојата коалиција. Не би коментирал такви политички изјави, се обидувам да ја извршувам функцијата совесно, законски и уставно. Во тоа својство кога и да има иницијатива јас ќе ја почнам и ќе ја ставам на дневен ред. Очекувам да биде успешна кога ќе има политички договор и услови за тоа“, одговори Гаши.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Гаши: Не се сеќавам дека во програмата…
Собранискиот спикер Африм Гаши вели дека процедурата…
Адеми: Одлуката на Уставен суд од 9…
Издвоеното мислење на двајца судии на Уставниот…
Падна договор – Ван Дајк ќе комплетира…
Еден од најдобрите играчи на Ливерпул, Вирџил…
Кривична за битолчанка, со туѓи податоци зела…
ОВР Радовиш поднесе кривична пријава против Ц.С.(48)…
Вооружена кражба во Карпош, на мета спортска…
Вчера во 16.20 часот во СВР Скопје…