Објавено на:

Панама негира дека дозволила американски владини бродови бесплатно да транзитираат низ Панамскиот Канал

t

Панама негира дека направила промени со кои им се дозволува на бродовите на владата на Соединетите Американски Држави бесплатно да транзитираат низ Панамскиот Канал, по тврдењата на официјален Вашингтон дека централноамериканската држава се согласила на ваков потег, пренесе Би-би-си.

Имено, Стејт департментот на платформата Икс објави соопштение во кое се вели дека американските владини бродови „сега ќе можат да транзитираат низ Панамскиот Канал без надоместоци, со што американската влада ќе заштеди милиони долари годишно“.

Одговарајќи на ваквите наводи, Управата на Панамскиот Канал денеска соопшти дека е „овластена да поставува патарини и други такси за транзит низ Каналот“, додавајќи дека „не направила никакви приспособувања на нив“.

Панамскиот Канал се најде во фокусот на светската јавност, откако американскиот претседател Доналд Трамп за време на изборната кампања, како и по преземањето на функцијата во Белата куќа, постојано вели дека САД треба повторно да ја преземат контролата врз овој клучен трговски коридор.

Панамскиот Канал, кој е долг 82 километри и ја сече оваа централноамериканска држава, е главната врска помеѓу Атлантскиот и Тихиот Океан.

Државниот секретар Марко Рубио, кој оваа недела беше во посета на земјите од Латинска Америка, побара од Панама да направи „итни промени“ во она што тој го нарекува „влијание и контрола“ на Кина врз Каналот.

Највисокиот американски дипломат рече дека Панама мора да дејствува или САД ќе ги преземат неопходните мерки за заштита на своите права, согласно договорот меѓу двете земји.

За време на посетата на земјата, Рубио се сретна со претседателот на Панама, Хозе Раул Мулино, како и со администраторот на Каналот, Рикаурте Васкез Моралес. По посетата, Управата на Панамскиот Канал соопшти дека на американскиот државен секретар му била пренесена намерата на земјата да работи со морнарицата на САД и да го оптимизира транзитниот приоритет на нејзините бродови низ Каналот.

Во посебна изјава вчера, од Управата соопштија дека остануваат на определбата за дијалог со Вашингтон.

Американските бродови сочинуваат значителен дел од сообраќајот низ Каналот. Според властите кои управуваат со него, 52 отсто од бродовите кои лани транзитирале низ овој поморски коридор тргнувале или крајна дестинација им биле пристаништа во Соединетите Американски Држави.

Како што наведува Би-би-си, околу 14 000 бродови го користат Каналот секоја година за да избегнат долго и скапо патување околу Јужна Америка.

Новиот американски претседател Доналд Трамп, во својот инаугуративен говор на 20 јануари рече дека планира да го „врати“ Каналот под американска контрола, тврдејќи дека сега со него управува Кина, а Панама го „прекршила“ ветувањето дека ќе остане неутрална.

Панамскиот претседател Мулино остро реагираше на наводите на Трамп, велејќи дека клучниот трговски пат е и ќе остане во нивни раце.

Тој, исто така, ги отфрли наводите на Трамп за влијанието на Кина, велејќи дека „нема присуство на ниту една нација во светот што се меша во нашата администрација“.

Каналот е изграден на почетокот на 20. век од страна на Соединетите Држави, но по неколкугодишни протести тогашниот американски претседателот Џими Картер во 1977 потпиша договор за постепено враќање на коридорот под управа на Панама, потег што Трамп го нарече голема грешка.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

„ЈА ПОВИКУВАМ СИЛЈАНОВСКА ДА СТАВИ ПРСТ НА…

На седумгодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор,…

Димитриоска Кочоска: За нула евра сме ја…

Во овој момент за нула евра сме…

„Супорт Кочани“ ја покри целата вредност на…

Организацијата „Супорт Кочани“ ја прими првата пратка…

Жалбата на пратеничката Мојсоска уважена: Собранието ќе…

Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, на својот…

Москва тврди: Западот подготвува провокација против американски…

Руската Служба за надворешно разузнавање (СВР) обвини…