Калас: Набавка на воена опрема од европските производители е приоритет
Шефицата за надворешна политика на ЕУ Каја Калас и комесарот за одбрана Андриус Кубилиус предлагаат европските земји да ја намалат зависноста од САД за воена опрема на стратешкиот сојуз, се вели во нацрт-документот во кој имаше увид германската новинска агенција.
Нацртот за таканаречената „бела книга за иднината на европската одбрана“ предупредува дека САД потенцијално би можеле да одлучат да ја ограничат употребата или дури и да го стопираат снабдувањето со компоненти важни за воените оперативни способности.
Единствениот начин да се надминат таквите зависности е да се развијат потребните способности преку заеднички европски одбранбени програми, предвидува планот.
Иницијативата е главно мотивирана од војната во Украина и неодамнешното искуство на Украина за тоа како САД ја користат својата позиција на снабдувач на оружје како потпора.
Администрацијата на Трамп го запре снабдувањето со оружје и военото разузнавање за Киев, откако тој се спротивстави на американските барања во врска со мировните преговори со Русија и не потпиша договор за суровини.
Ова ги зголеми стравувањата дека САД во иднина би можеле да ја запрат или ограничат употребата на системи за оружје што ги доставуваат до партнерите во НАТО, особено во случај на несогласувања или конфликти.
Производите со висока технологија, како што се борбените авиони F-35A Lightning II на Lockheed Martin – од кои 35 Германија ги нарача пред само три години – предизвикуваат сериозна загриженост.
За да се забрза независноста на Европа, Калас и Кумблиус се залагаат за издавање директива со која приоритет ќе биде купувањето на воена опрема од европските производители.
ЕУ, исто така, се стреми да го прошири сопствениот производствен капацитет во критичните технологии, според планот.