Во „Свети Наум Охридски“ двајца пациенти се на респиратор, состојбата се менува од час во час, вели директорот
„Изгорениците тргнуваат од пет, седум проценти и одат до 60 проценти со тоа што најголем дел од опекотините се во пределот на главата, вратот и лицето што подразбира дека најверојатно дошло и до вдишување како на гасови, така и на пламенот и затоа не може да бидеме децидни колку ќе имаат потреба од респиратор или не“, додава Настов
Во клиниката „Свети Наум Охридски“се хоспитализирани 29 пациенти на возраст од 17 до 45 години, од кои двајца се на распираторна поддршка, вели директорот Небојша Настов.
Сепак, Настов вели дека состојбата кај пациентите со изгореници се менува од час во час.
„Обично таквите пациенти во првиот момент се условно кажано најдобри и во зависност од сите оние повреди што не можат првично да се забележат знае да дојде до влошување на состојбата. Онаму каде веќе се евидентни изгорениците може да претпоставиме како ќе оди лекувањето. Засега има двајца пациенти на респиратор и уште двајца други кои потенцијално може да завршат на респиратор во текот на денот и оставам простор дека може да се влоши состојбата и кај други, но со надеж дека до тоа нема да дојде“,
рече Настов.
Тој рече дека на пациентите им се направени класични интервенции за ваков тип на повреди, а тоа е обработка на самите опекотини.
„Обработка на самите опекотини односно примарно отстанување на девитализираното ткиво. Во првиот момент не може да видите кое ткиво е девитализирано и се прават преврски секој ден или на секои два дена каде се увидува потреба од дополнително отстранување. Изгорениците тргнуваат од пет, седум проценти и одат до 60 проценти со тоа што најголем дел од опекотините се во пределот на главата, вратот и лицето што подразбира дека најверојатно дошло и до вдишување како на гасови, така и на пламенот и затоа не може да бидеме децидни колку ќе имаат потреба од респиратор или не“,
додаде директорот.
Прашан дали освен со изгореници има пациенти и со други повреди предизвикани од стампедо, Настов рече дека има со набиеници и оти кај една пациентка е утврдено насобирање воздух меѓу плочните марамици каде е поставен торакален дрен, а други посериозни повреди нема.
Во однос на тоа дали некој од пациентите што се хоспитализирани на нивната клиника би бил префрлен во други болници, односно во приватните, Настов рече дека досега такво барање немаат стигнато.
Тој додаде и дека искуството што го имаат соседните земји, во однос на ваков тип на повреди секако е добредојдено.
„Евалуацијата ќе ја правиме на дневна база, да не речам на секој саат и ако има потреба апсолутно сме подготвени да ги испратиме пациентите. Колку што разбрав имаме понуда од Република Бугарија и од република Србија така што ќе ги искористиме сите ресурси што ни се на располагање за доброто на пациентите“,
додаде тој.
Певземено од 360
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Во „Свети Наум Охридски“ двајца пациенти се…
„Изгорениците тргнуваат од пет, седум проценти и…