Тешка измама со брзи кредити: 43 луѓе фалсификувале лични податоци на граѓани, а во тоа им помагал вработен во ФЗО
Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против 43 луѓе за фалсификување исправи и злоупотреба на лични податоци и извршиле повеќекратни измами на граѓани со „брзи кредити“. Меѓу осомничените е и вработен во Фондот за здравствено осигурување.
За четворица од осомничените, меѓу кои и едно службено лице од Фондот за здравствено осигурување, е поведена истрага за кривични дела – Фалсификување исправа од член 378, Злоупотреба на лични податоци од член 149, Компјутерска измама од член 251-б од Кривичниот законик, додека останатите се опфатени во постапката со поединечни дејствија на помагање и соизвршителство во секој од случаите поединечно.
„Во текот на предистражната постапка, обвинителството во координација со МВР-СВР Скопје, обезбеди обемен доказен материјал дека почнувајќи од јули 2022 година, користејќи различни модалитети на извршување, осомничените со умисла вршеле временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исти дела. Притоа користеле исти трајни односи, исти прилики и слични околности, а крајната цел им била да прибават за себе имотна корист“ соопшти обвинителството.
Така, дел од осомничените, спротивно на условите утврдени со закон и без согласност на граѓаните користеле туѓи лични податоци, правеле лажни јавни исправи и преправале вистински јавни исправи со намера таквите исправи да се употребат како вистински. Со внесување невистинити податоци во информатичките системи на десетина различни друштва за „брзи кредити“, како и со фалсификување на електронски потписи, без знаење на оштетените на нивно име земале кредити, создавајќи им обврска на лицата да ги враќаат наводно позајмените средства.
„Еден дел од осомничените лажирале податоци за вработување на невработени лица, прикажувајќи ги како вработени и кредитоспособни, па врз основа на тие податоци од кредитните друштва извлекувале пари кои потоа биле ненаплатливи. Во тоа им помагал и осомничениот – службеното лице вработено во Фондот за здравствено осигурување на РСМ, ставајќи им средства на располагање, односно ЕЗБО број кој претходно го обезбедувал преку својот компјутер од електронскиот систем на Фондот“ се наведува во соопштението.
Ваквите лажни податоци лицата ги користеле за да подигнат и по неколку кредити од различни друштва во еден ден, со што прибавувале значителна имотна корист. Потоа парите ги извлекувале од сметка и во најголем дел ги давале на осомничените организатори на вакви измами.
Незаконски прибавената имотна корист од сите вакви дејствија во вкупен обем надминува три милиони денари.
Јавниот обвинител до судијата за претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување мерка притвор за тројца од осомничените опфатени со наредбата за истрага, додека четвртиот веќе се наоѓа во притвор во постапка за друго кривично дело.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Хрватка се претставувала како директорка на банка,…
51-годишна жена од Хрватска лажно се претставувала…
Скопјанец осомничен за измама со фиктивна продажба…
Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за…
Кривична пријава за несовесно работење и фалсификување…
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и…
Руските банки ќе ги простат кредитите на…
Банките самостојно ќе ги отпишуваат кредитите на…
Управител на градежна фирма измамил охриѓанец за…
Вчера во 16.00 часот во СВР Охрид,…