Пресудата за Васил Јованов ќе биде објавена на 13 мај
Пресудата за случајот со прегазувањето на Фросина Кулакова ќе биде објавена на 13-ти месецов, откако на судењето што почна денеска во Основниот кривичен суд Скопје, обвинетиот Васил Јованов призна вина за делото „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ за сообраќајката што се случи во јануари годинава на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. Произнесувајќи се за вина пред судот, Васил на семејството на Фросина им изрази сочувство и извинување. Потоа во својата изјава пред судијата порача: „Да, судија, виновен сум“.
Обвинителот Александар Марковски, како докази за одмерување на видот и висината на казната, пред судот го наведе тоа што за Јованов има правосилна пресуда со казна затвор од три години и десет месеци и пет прекршочни постапки кои не се процесуирани за разни сообраќајни прекршоци.
Според обвинението, на 29 јануари 2025 година, Васил Јованов, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, управувал возило со брзина од 91 километар на час на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. На пешачки премин, на црвено светло, удрил во Фросина Кулакова, која поминувала на зелено светло за пешаци. Од силата на ударот, Фросина се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место. За делото за кое се товари Јованов е предвидена затворска казна до 20 години.