Црна Гора сè поблиску до седумчасовен работен ден
Премиерот на Црна Гора Милојко Спајиќ најави дека министерката за труд и социјална политика Наида Нишиќ следната недела ќе започне разговори со претставници на синдикатите и работодавачите, каде што ќе се кристализира конечната верзија на реформата со која се воведува седумчасовен работен ден, објавија медиумите од регионот.
„По детално разгледување како да се најде модел што би ги задоволил и синдикатите и работодавачите, можеме да заклучиме дека сме блиску до решение во врска со воведувањето на седумчасовен работен ден“, објави Спајиќ.
Тој наведува дека намерата е преку широки консултации да се спроведе една од најголемите реформи во областа на трудот, која има за цел да го подобри квалитетот на живот на црногорските граѓани и да обезбеди повеќе време за семејствата, како и поефикасна и попродуктивна работа.