Професорот Трајковски повторно ги разобличи: Најновата шашма на власта и нејзините пропагандисти за растот на македонскиот БДП
Тешко на оној народ и онаа земја каде власта секој ден смислува нова приказна за негово замајување и дефокусирање. Најновата е за нашиот „невиден“ и „епохален“ успех, со раст на БДП (бруто домашниот производ) од 3,2%, па и 3,5%. Се прават споредби со Германија (0% раст) или Франција (0,4%), ама не кажуваат дека Либија, Гвајана и Сенегал имале стапки на раст од 17,3%, 10,3% и 8,4% соодветно. Извор: https://www.imf.org/…/NGDP_RPCH@WEO/OEMDC/ADVEC/WEOWORLD
Се премолчува фактот дека Германија или Франција се матурирани економии, со висок БДП кој веќе достигнал плафон, односно заситување. Од друга страна, најголем раст има во најнеразвиените земји или во земјите кои штотуку излегле од разни премрежија. За Либија, којашто одвај закрепнува по граѓанската војна, сигурно не може да се каже дека е економско чудо, без оглед на високата стапка на раст. Вистинско чудо е Полска, која одржува високи стапки на раст последниве две децении и речиси се изедначила со Јапонија.
Каде е тука Македонија? Во првото тримесечие (Т1) од 2025 година, Македонија се наоѓа на 105-тата позиција на ранг листата од 229 земји во светот, со 12-месечна стапка на раст на БДП од 3,2%. Во „златната средина“, би се рекло, но далеку од нешто спектакуларно.
Да не заборавиме дека Владата инјектирала 250 милиони евра од унгарскиот кредит во општините и уште 89 милиони евра во приватните компании, коишто со 339 милиони евра придонеле кон порастот на БДП од 15 милијарди евра за околу 2,3%. Ако не биле овие позајмени и потрошени пари, растот би бил под 1%. Парите се потрошиле, БДП се кренал колку што се кренал, а долговите ни останаа. Сигурно е дека општините повеќе нема да го креваат БДП со парите потрошени на разни тротоари и паркинзи.
Единствениот начин за објективно споредување е – споредувањето сами со себе, односно со стапките на раст што Македонија ги остварила во изминатите тримесечија. За таа цел ќе ги користиме податоците од базата Макстат,
https://makstat.stat.gov.mk/…/125_NacSmA_Mk_01ProKv…/…
Ќе ги табелираме кварталните БДП од 2001 Т1 до 2025 Т1, во милиони евра според референтната 2005 година. Изразувањето на износите во денари од референтната 2005 година служи за да го поништи ефектот на инфлацијата. Потоа од кварталните ги пресметуваме годишните БДП (како подвижни четирипериодни суми), како и нивните годишни стапки на раст.
Сведувајќи ги сите пресметки на денари од референтната 2005 година, ја добиваме најточната вредност (ослободена од инфлацијата) на растот на БДП од 3,00% во првото тромесечие од 2025 година (2025 Т1).
Доколку сакаме, можеме да го пресметаме БДП и неговиот раст и преку тековните цени, но така се добива стапка на раст (со вклучена инфлација) од 6,02%, која потоа се корегира со одземање на стапката на инфлација од 2,5% и така се добива стапката на раст од 3,2% (или 3,5%) со која всушност оперира Владата.
Но, самата вредност на стапката не е толку битна (заради различните методологии), колку што е битно нејзиното споредување со претходните тримесечија. На првата слика гледаме дијаграм на сите 12-месечни стапки на раст во сите тромесечија од 2001 Т1 до 2025 Т1, рангирани по опаднувачки редослед.
Забележуваме дека последната, многурекламирана и „спектакуларна“ стапка на раст е рангирана на 40-та позиција од вкупно 90 тримесечија. Секој ќе се согласи дека таа е далеку од спектакуларна, дури и за македонски прилики. Дури и ако работиме со стапките со вклучена инфлација, порастот од 6,02% има ранг 44 од 90, односно сосема просечен раст.
Понатаму, сите 12-месечни стапки на раст ги класираме во класи според големината. Хистограмот на втората слика ги прикажува зачестеностите на појавата на стапките од разни класи. Годинешнава (2025 Т1) стапка од 3,00% се наоѓа во класата од 2,11% до 3,46%, која воедно е најзачестената класа. Слични стапки имало во 23 од 90 тримесечија, што покажува дека последново е едно сосема обично македонско тримесечие.
За да прогласиме едно извонредно тримесечие, со годишна стапка на раст што неслучајно (статистички значајно) е поголема од просекот, годишната стапка би требало да надмине 6,60%, што се докажува со статистички анализи. Сé друго е случајност, а не тренд, лажење на другите и лажење на самите себе.
=====================================
За оние коишто сакаат уште статистики, да кажеме дека просечната 12-месечна стапка на раст на БДП изнесувала 2,79%, со стандардна девијација од 2,25%.
95-процентниот интервал на доверба, каде припаѓаат 95% од сите промени на БДП, се наоѓа во границите од -1,63% до 7,20%.
Само доколку промената на БДП излегува надвор од овие граници, имаме право да кажеме дека имаме извонредна година. Во спротивно се работи за случајна варијација.
Ќе го поткрепиме ова и со статистичко тестирање на нултата хипотезата (H0) дека последниот раст од 3,00% не е статистички значајно поголем од средната вредност од 2,79%.
z-статистиката изнесува 0,0953 (само 0,0953 стандардни девијации далеку од просекот) , што е помало од прагот на значајност од 1,69 за 5% ризик. Според тоа, не ја отфрламе нултата хипотеза и потврдуваме дека се работи за случајна варијација од просекеот.
p-value (односно вредноста на веројатноста) изнесува дури 46,2%. Толку изнесува ризикот дека ќе направиме грешка ако ја отфрлиме нултата хипотеза и сметаме дека 3,00% е статистички значајно поголемо од 2,79%, за дадената дистрибуција, односно при дадената стандардна девијација.
Само ако 12-месечната стапка на раст надминува 6,60%, z-статистиката би надминала 1,69, а p-value би опаднало под 5% и би можеле да прогласиме стапка на раст што неслучајно е поголема од просекот.
Прилог: Ексел табела со податоците и пресметките (да се даунлоудира за да работат Ексел функциите)
https://docs.google.com/…/18l3lO3ZDtxdVq0WggkE7…/edit…
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Бочварски: Не се знае до кога ќе…
Благој Бочварски од СДСМ во гостување на…
Арсовска: Висар Ганиу не може да уништи…
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска објави фотографии…
Мелони предложи заедничка иницијатива за прекин на…
Италијанскиот премиер Џорџa Мелони предложи заедничка иницијатива…
Радев до Сиљановска: Бугарија никогаш нема да…
Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека Бугарија…
Република Српска не го прифаќа британскиот план…
Премиерот на Република Српска, Радован Вишковиќ, изјави…