Отец Партениј секогаш зборувал како македонски патриот со кристално чисто македонско национално сознание! Отец Никанор од Бугарија со отворено писмо до г.г. Стефан

t

По повод претстојниот избор на нов митрополит за Дебарско-Кичевската епархија, бугарскиот православен монах отец Никанор испрати отворено писмо до Архиепископот г.г. Стефан и до членовите на Светиот Синод на МПЦ-ОА, во кое изразува силна поддршка за епископ Партениј од Бигорскиот манастир.

Во писмото, отец Никанор сведочи за патриотизмот, духовната посветеност и плодоносното дело на епископ Партениј, отфрлајќи ги обвиненијата против него како „бугараш“. Тој ги повикува архиереите да го направат изборот единствено водени од христијанската љубов и верските критериуми, а не од национални или политички мотиви.

Ви го пренесуваме писмото на отец Никанор до г.г. Стефан и Светиот синод на МПЦ-ОА во целина и без уредничка интервенциja:

ДЕНЕС Е ДЕНОТ НА МАКЕДОНИЈА

До Неговото Блаженство
Архиепископ СТЕФАН
Поглавар на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија

До Високопреосвештените митрополити – членови на Св. Синод на МПЦ-ОА

ВАШЕ БЛАЖЕНСТВО,
ВАШИ ВИСОКОПРЕОСВЕШТЕНСТВА,

Претстои важен избор на нов митрополит за Дебарско-Кичевската епархија на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија. Тоа е целосно ваше право и ние сите го почитуваме вашето право самите, без надворешно влијание, да ја донесете оваа одговорна одлука.

И сепак, ништо не спречува да ви го споделам моето скромно мислење, кое во никој случај не ве обврзува. Но, сепак е речено дека „спасението е во многу совети“ (Изреки 11:14). Сакам да сведочам пред вас и пред целиот Божји народ за две нешта што ги сметам за важни.

Го познавам Бигорското братство и сестрите уште од 2012 година. Уште тогаш служев со клириците на Македонската православна црква, воден од убедувањето дека таа е благодатна помесна црква, а наметнатата шизма врз неа не е ништо друго освен инает (πείσμα)! Во 2017 година, по богослужбата за Отсекување на главата на Св. Јован Крстител во Бигорскиот манастир, отпатував во Ниш, каде служев со блаженоупокоениот српски патријарх Иринеј, кој не ја изгуби благодатта поради тоа. Денес Македонската православна црква има многу „пријатели“, но се прашувам каде беа тие тогаш? А и нели велат: „пријателот се познава во неволја“!

И така, сведочам пред Бога, дека во многубројните мои средби со Неговото преосвештенство епископ Партениј, тој секогаш зборувал и се однесувал како македонски патриот со кристално чисто македонско национално сознание. Тоа понекогаш водеше до расправии и несогласувања меѓу нас, бидејќи јас сум бугарски патриот – а како што знаете, бугарските и македонските патриоти имаат некои разлики… Но Христовата љубов секогаш ги покриваше сите тие разлики. Од него научив дека навистина се формирал и постои македонски национален идентитет – нешто што во Бугарија сè уште се негира.

Сега слушам обвиненија против владиката, дека бил „бугараш“ и едноставно не можам да им верувам на своите уши! Јас не познавам поавтентичен Македонец, со поголема љубов кон Македонија и македонскиот народ од владика Партениј. Љубов, пројавена не во празни зборови, туку остварена во крстоносно служење цел еден живот, посветен на духовното и материјалното возобновување на Православието на македонската земја. А плодовите на таа љубов се видливи за сите, бидејќи нема поубави и подуховни манастири од оние што ги создаде владика Партениј, и со кои Македонија се гордее низ целиот свет!

Така доаѓаме до второто нешто што сакам да ви го кажам. А тоа е следново: какви и да се вашите мисли, како и да се обидувате да ја смирите својата совест, и практиката и логиката немилосрдно сведочат дека ако не го изберете епископ Партениј, туку некој друг на местото на блаженоупокоениот митрополит Тимотеј, делото на владика Партениј нема да биде продолжено, туку ќе биде уништено! Целата таа духовна убавина – и во Бигор, и во Рајчица, и во Кичево, и на други места, која денес благодатно го милува окото и го грее срцето, ќе помрачи! Аргументи нема да ви наведувам, бидејќи на умниот малку му треба. Само ќе кажам, штетата што ќе произлезе од тоа, нема да биде само за Македонија, туку за целата Православна Црква. И одговорноста ќе се носи пред Главата на Црквата – Христос – како во овој, така и во идниот живот!

Не е грев на владика Партениј тоа што е пријател со Бугари и со Грци. Тоа е заслуга, бидејќи тој е пријател на сите луѓе и не ги дели по националност, бидејќи во Христос веќе „нема ни Јудеин, ни Елин“ (Гал.3:28). Ве молам, не ја претворајте бугарофобијата – на која имате право (иако е грев) – во човеконенавист и богоборство!

И така, претстои избор на еден архиереј што ќе ја води Христовата црква. Покажете ѝ на целата православна вселена дека Македонската православна црква – Охридска Архиепископија е духовно зрела и заслужува целосно канонско признание од сите! Отфрлете ги далеку од вашите умови и срца сите „аргументи“ од национален, политички и геополитички карактер, и кога ќе ја донесувате одлуката за избор на нов Дебарско-Кичевски митрополит, мислете и дејствувајте единствено како соработници на Христос, какви што и сте, барајќи го единствено доброто на Христовата црква, водејќи се само од вера и црковни соображенија во својот избор!

Ваш молитвеник и секогаш пријател во Христа,
монах Никанор

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Владиката Партениј одлучуваше на гробот на Пресвета…

На гробот на Пресвета Богородица во Гетсиманија,…

Епископ Партениј: Државата и јазикот ни се…

Пишува Епископ Антаниски Партениј,Игумен на Свештената Бигорска…

Што е тоа духовник и кој може…

Многумина од оние кои сакаат активно да…