Договорот за спречување инфекции во болниците „фати сепса“ и може да ја чини Македонија 100 милиони евра, а пациентите живот!

t

Македонија ризикува да загуби 100 милиони евра на арбитража, бидејќи од мистериозни причини не спроведува јавно-приватно партнерство за заштита од болнички инфекции, иако е обврзана со договор што го потпишало Министерството за здравство уште во 2019 година, пренесува Слободен Печат.

Приватниот партнер е конзорциум на фирми, од кои дел котираат на италијанската берза. Од конзорциумот за „Слободен печат“ откриваат дека се подготвени да почнат со работа уште утре, но немале административен амин од неколку минати министри за здравство.

Во меѓувреме стерилизацијата на инструментите за операции во болниците се одвива со антички методи, интрахоспиталните инфекции ги демнат пациентите и нивните животи, а јавното здравство троши пари на компликациите после хируршките зафати наместо да ги превенира.

Одвреме навреме, во медиумите провејува црната статистика која честопати е скриена – дека во прилепската болница од стафилокока починала 52-годишна прилепчанка после киретажа. Или дека пациент фатил бактерија „серација“ при ортопедска операција, ама преживеал.

Во 1993 година аферата со „серација“, опасна бактерија што во вода може да преживее 30 години – беше причина неколку македонски пациенти да останат без око откако направиле операција на катаракта. Бактеријата им останала во окото, и за да не навлезе во крвта и да им се спаси животот, окото морало да се извади.

„Слободен печат“ две недели чекаше одговори од Министерството за здравство на нашите прашања зошто не почнуваат да го спроведуваат договорот за интегрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати и здравствена заштита од болнички инфекции, но одговор и покрај бројните ургенции и инсистирања, не пристигна.

Кога во 2019 година Министерството за здравство потпишало договор за јавно-приватно партнерство со фирмата „Скопстер“ (заедничко вложување на „Евита“, „Делта Фарма“ и „Сервици Италија“) намерата била возвишена – да се спасат животите на пациентите од заканата од болнички инфекции кои се несакан натрапник и ризик секогаш кога се изведува хируршка операција.

Целта на ова јавно-приватно партнерство со долго име и краток живот, била да се создадат 4 центри (два во Скопје, еден во Охрид и еден во Кавадарци) во кои ќе се стерилизираат хируршките инструменти за сите болници од државното здравство.

Од тие центри, конзорциумот на приватниот партнер, требало да доставува персонализирани комплети на стерилни хируршки инструменти до сите државни болници наредните 15 години, а потоа инструментите и целата инфраструктура да ѝ останат во сопственост на Македонија.

Требало да им обезбедуваат на хирурзите облека за една употреба во хируршките сали, да го отстрануваат биолошкиот отпад, а после секоја операција да ја дезинфицираат салата.

Но, во 2025 година ова јавно-приватно партнерство има „фатено сепса“. Од четирите планирани центри, има само еден во „Мајчин Дом“ во Скопје, зашто другите три не им биле ни дадени во владение од страна на државата. Наместо европски начин на стерилизација на инструментите за операции во македонските болници, современа дезинфекција на хируршките сали и правилно менаџирање со отпадот, пациентите во државните болници легнуваат на операциони маси не знаејќи дека инструментите со кои им се прави операцијата се стерилизираат со методи од 60-тите години, кои се застарени и не гарантираат заштита од интрахоспиталните инфекции.

Додека хирурзите по цел ден носат искинати и изветвени зелени униформи, фирмите што се извисени во ова јавно-приватно партнерство се на крстопат. За „Слободен печат“ од „Скопстер“ велат дека ако наскоро не се најде чаре, на располагање им е да почнат постапка за арбитража пред меѓународен суд.

Сите документи што ги разгледа „Слободен печат“ во врска со оваа занемарена, а клучна зделка од стратешки интерес за јавното здравство, покажуваат дека Министерството за здравство како јавен партнер, го има прекршено договорот и роковите, а тоа е на штета на пациентите.

 

Целиот текст прочитајте го на Слободен Печат.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Договорот за спречување инфекции во болниците „фати…

Македонија ризикува да загуби 100 милиони евра…

(Видео) Дарко Златев, еден од повредените во…

Дарко Златев, еден од повредените во пожарот…

МНР со апел до граѓаните да се…

МНР со апел да се избегнуваат патувања…

(Видео) Вистински херој од Виница: Бесплатно ќе…

Во време кога солидарноста е најпотребна, Борчо…

Големите експерти во енергетика: Шест дена рек…

Откако на 18 јуни Термоблокот 2 од…