Отворено писмо до Марта Кос: Македонскиот идентитет е многу повеќе!

t

Отворено писмо до Марта Кос и до Меѓународната јавност

Во одбрана на Македонскиот идентитет.

Пишува: Весна Дамчевска Илиевска, една од оние што не се откажуваат од своето име и својата суштина.

Почитувана г-ѓа Марта Кос,

почитувани пријатели од Меѓународната заедница,

Со внимание ја проследив вашата изјава дека „Македонскиот идентитет е поистоветен со македонската храна“.

Разбирам дека можеби таа формулација беше дадена со намера да се пофали нашата гастрономија, да се изрази пријателство и наклонетост.

Но мораме да бидеме искрени и прецизни:

Македонскиот идентитет не е ниту тавче-гравче, ниту ајвар, ниту шопска салата.

Македонскиот идентитет е многу повеќе!

Тој е историско право, духовен континуитет и политичка реалност.

И не може да се сведе на вкус – тој се сведочи со збор, дело и саможртва.

Ние, Македонците, не сме само готвачи на традиционални јадења.

Тие Македонски, традиционални јадења се богатство и на Европа.

Ние сме народ со свој јазик, култура, историја и колективна меморија, запишана и прелеана низ вековите.

Сме ги преживеале империите, негирањата, понижувањата, но сме опстанале токму поради силниот идентитет што не може да се „приготви“, туку се чува во срцето.

Македонскиот идентитет е:

– името на мојот татко, дедо, прадедо,

– везот од рацете на мојата мајка,

– книгата на мојот прв учител,

– борбата на секој што се спротивставил на бришењето на нашето постоење.

Да, храната е дел од нашата традиција. Но да се сведе целиот идентитет на трпеза, значи да се минимизира борбата на генерации што го чувале македонското име, јазик и обележја со својот живот.

Ова писмо не го напишав за да нападнам, туку да дообјаснам.

Не за да навредам, туку за да се доразбереме.

Народите не се непријатели едни на други – но ниеден народ не смее да биде сведен на гастрономски симбол.

Ни треба вистинско признавање, не само формално пријателство.

Ни треба поддршка за достоинството, не утеха со пофалби за кујната.

Македонскиот идентитет е наследство, не специјалитет.

Го носиме со себе, низ сите времиња – и ќе го носиме понатаму.

Со почит кон дипломатските обиди за разубавување на реалноста, сепак, должни сме да одговориме:

Македонскиот идентитет не е вкус, туку глас на вековното постоење.

Гласот на Преродбениците, Просветителите, на Непобедените.

Ние не го „готвиме“ идентитетот – ние го градиме.

Тоа не е рецепт, туку родослов.

Не е специјалитет, туку светост.

Идентитетот е наше право – неповредливо и незаменливо.

Македонскиот идентитет е:

– историја што не може да се избрише,

– јазик што не може да се негира,

– народ што не може да се претопи.

Тој е всаден во мене.

Мојот, македонски идентитет – не е само збор, туку чувство.

Не е декларација, туку живот.

Не е минато, туку континуитет – од прадедовскиот корен до моето јас денес.

Не го носам само во презимето, туку:

🔸️во начинот на кој зборувам,

🔸️во песната што ја творам,

🔸️во истрајноста со која се соочувам со неправдата,

🔸️во гордоста што не ја продавам.

Мојот идентитет не е резултат на политички договор,

ниту производ на историско прекројување.

Тој е непресушен како Вардар,

висок колку Шар Планина,

цврст како каменот на Маркови Кули и Свет како ѕвоната на Македонските манастири.

Јас сум родена како Македонка.

Така го чувам, бранам и им го предавам мојот идентитет –

на моите потомци, на мојата земја, на времето што доаѓа.

Македонштината не се мери со партиска книшка,

ниту со декларативни изјави.

Се мери со љубов, со одговорност,

со жртвата да останеш свој и кога е најтешко.

Затоа, кога велам: „мојот, Македонски идентитет“,

тоа е и мојата крв, мојот јазик, мојата болка, мојата радост.

Тоа е мојата должност пред предците, и моето право за иднината.

Нека знаат сите:

не се откажувам од она што сум.

Може да не прекрстуваат, да не негираат, да не искушуваат –

но мојата совест останува исправена,

а моето име – Македонка – засекогаш во мене.

Со почит,

Една од оние што не се откажуваат од своето име и својата суштина

Д-р Весна Дамчевска Илиевска

Доктор на мир и развој

ЛИНК од објавата

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Спасовски: Работна група проценува што од архивите…

Формирана е работна група од претставници на…

Апсолутно никој не смее и не може…

Никој апсолутно не смее и не може…

Професорот Марковиќ: Идентитетот е една од најважните…

На денешната трибина по повод Денот на…

Идентитетот бетон, медиумската историја во ветер

Враќањето во македонското минато честопати е со…