Трендафилов за Инфомакс: Пет синдикални кошнички се замајување, додека работниците гладуваат, функционерите се гоштеваат – Протести доколку нема зголемување на минималецот!

t

Синдикалната минимална кошница не е да им покаже на креаторите на политиките дека со толку се преживува, тука да им покаже дека не се живее ни со толку и дека е потребен раст на платите и тоа веднаш, вели во интервју за Инфомакс претседателот на Сојузот на Синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов.

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, најави дека наместо едната минимална синдикална кошничка која се пресметува со години, сега ќе има пет синдикални кошнички за различни категории на граѓани, што предизвика бурни реакции меѓу синдикатите и работниците, но и во јавноста.

ГГо прашавме претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, која е потребата од пет синдикални кошнички, дали тоа е релевантно за политиките кои се креираат на државно ниво и какви се идните чекори на синдикатите.

Во продолжение пишаното интервју со Трендафилов.

Инфомакс: Која е според Вас потребата да се направат посебни пет потрошувачки кошнички, наменети за различни типови домаќинства – самци, парови, пензионери, млади и неколкучлени семејства?

Трендафилов: Веројатно за да бидат 6, друго логично образложение немаме, имајќи во предвид дека Синдикалната минимална кошница која ја пресметуваме од февруари 2011 година кога Сојузот на синдикатите на Македонија ја претстави истата, направена по сите европски и светски стандарди, а потсетуваме дека нејзиното последно ажурирање беше со поддршка на Меѓународната конфедерација на синдикати ITUC и Шведските синдикати Union to Union, истата е единствениот реален модел на пресметување на трошоците на живот, а веројатно тоа им пречи.

На работниците не им се потребни приказни туку зголемување на платите, затоа што секој еден од работниците знае како преживува, па не му треба некој да му го каже тоа.

Нагласуваме дека целта на Синдикалната минимална кошница не е да им покаже на креаторите на политиките дека со толку се преживува, тука да им покаже дека не се живее ни со толку и дека е потребен раст на платите и тоа веднаш !

Инфомакс: Дали поделбата на едната синдикална кошничка на пет било како ќе биде репрезентативна за креирање на идните економски и социјални политики, во смисла на тоа дали може минималната плата за самци и за семејства да биде различна (имајќи предвид дека минималната кошничка е еден од показателите колку минималната плата е доволна за живот)?

Трендафилов: Синдикалната минимална кошница е алатка на синдикатите насекаде во Европа и во Македонија која го отсликува тешкиот живот на едно семејство и ниските плати, а тоа нема да се поправи со подготовка на уште една, две, три или пет потрошувачки кошници, со кои веројатно само сакаат да им кажат на работниците што да јадат, кога да јадат и колку да јадат, а на таков начин нема да се креираат економски и социјални политики, па тоа изгледа само како дефокус од главната тема, а тоа е дека вредноста на Синдикалната минимална кошница за една година е зголемена за повеќе од 6000 денари (односно, онолку колку што ССМ оправдано бара зголемување на минималната плата и на сите останати плати ), а за само 3 месеци по завршување на мерките, вредноста на истата е зголемена за дополнителни 2.400 денари, што покажува дека платите се ниски и недоволни за живот.

Можеби креирањето на идните економски и социјални политики треба да се темелат на една функционерска кошница која во изминатиот период видовме дека богато се полни.

Инфомакс: Последното барање на ССМ беше 500 евра минимална плата, имајќи предвид дека минималната синдикална кошничка за месец јуни изнесува над 65.000 денари, дали и тоа барање би требало да се ревидира, следејќи го примерот на државите во регионот кои активно ги зголемуваат минималните плати?

Трендафилов: За жал, иако Сојузот на синдикатите на Македонија една година протестира, бара и укажува на потребата за зголемување на минималната плата на најмалку 500 евра и дополнително зголемување на останатите плати за најжалку 100 евра, немаше слух од другата страна и денеска сме на прво место одпозади по висината на минималната и просечната плата во регионот, а за разлика од Македонија, Владите и работодавачите во соседството заради тоа што сочуствуваат со рабтниците и нивните семејства и вонредно, дополнително ја зголемуваат минималната плата како последниот случај во Србија со што истата ќе изнесува 500 евра од октомври 2025 година, па така работниците во Србија во октомври ќе добијат зголемување на нивните платите, а работниците во Македонија ќе добијат избори, но од плата за живее од избори не се живее.

Истовремено, потсетуваме дека Минималната плата во Македонија, веќе е пониска за 100 евра од минималната плата во Србија, за 200 односно 400 евра од минималната плата во Црна Гора и за 200 евра пониска од минималната плата во Босна и Херцеговина, да не зборуваме за Хрватска и Словенија, што покажува дека потребно е дури и повисоко зголемување на минималната плата.

Инфомакс: Согласно вашите податоци 55,7% од македонските граѓани не можат да си дозволат еднонеделен годишен одмор. На кое ниво, односно во друштво на кои држави се става Македонија со вакви поразителни податоци, земајќи предвид дека одморот предвиден во синдикалната кошничка е одмор во Дојран, не луксузно патување надвор од државата.

Трендафилов: Огромен дел од македонските граѓани според Еуростат не можат да си дозволат еднонеделен одмор и тоа 55,7% од нив, а пред се заради ниските плати, па дури не можат да си го дозволат ниту претпоставениот одмор од Синдикалната минимална кошница, во бунгалов во Дојран и тоа 7 дена во јуни, што е пораз за едно општество, а тоа веќе не го кажува само стастичката операција од Синдикалната минимална кошница која ја оспоруваа, туку и реномирани европски институции, па тоа треба да биде дополнителна причина за зголемување на минималната плата и зголемување на сите останати плати во Македонија, за да не бидеме на дното.

Инфомакс: Бидејќи претходно најавивте нови протести доколку минималната плата не се зголеми, дали ССМ се подготвува за некои летни активности по тоа прашање?

Трендафилов: ССМ не само што најавува туку и протестира секогаш кога тоа го бараат работниците, а тоа го покажа особено од 2023 година до денес кога организираше 32 протести и 8 штрајкови, а само оваа година организираше 8 протести и 2 штрајкови, а последниот протест за плата беше во петокот минатата недела, па така, работничката борба не познава годишни времиња.

Барањето за раст на платите е реална потреба за достоинствен живот, а се уште има можност до распишување на локалните избори да се утврди зголемување на платите, вклучително и на минималната плата, но по распишување на истите, доколку не се зголемат платите, работниците ќе бидат оставени на милост и немилост на ценовните шокови и инфлацијата, а тогаш притисокот ќе стане уште поголем.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Трендафилов за Инфомакс: Пет синдикални кошнички се…

Синдикалната минимална кошница не е да им…

ССМ: 55,7% од македонските граѓани не можат…

Минималната плата мора да се зголеми на…

Вучиќ очекува инциденти на денешните протести во…

„Според нашата проценка, се очекува насилството да…

ВМРО-ДПМНЕ работи на поткопување на синдикалната борба…

Левица апелира за обид на ВМРО-ДПМНЕ да…

(Видео) Сакате евтина работна сила за да…

Лесно е со 160.000 месечна плата да…