Не сум виновен, рече Сулејман Љамалари обвинет за нападот на Данела Арсовска и се смешкаше додека таа сведочеше

t

Сулејман Љамалари, обвинет дека ја нападнал градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, кога таа излегла на терен да контролира дивоградби во Чаир и диви приклучоци на вода и струја, денеска во судница седна на обвинителна клупа и се изјасни за невин. Неговата адвокатка Ивана Јакимовска рече дека Љамалари во полициска станица дента кога е обвинет дека ја нападнал Арсовска, всушност пријавил дека самиот бил жртва на физички напад и ја пријавил градоначалничката за насилство. Обвинителот Александар Давчевски рече дека оваа пријава е направена со цел да се изманипулира постапката и да се поведе прекршочна постапка за истиот настан. Обвинителот рече дека Љамалари сторил кривично дело а не како што сака да се претстави, дека е жртва, пренесува Слободен Печат.

-Го молам судот ако се поведе прекршочна постапка, да се реагира до одделот за прекршоци таа да биде прекината до завршување на оваа кривична постапка која има повисок степен, рече обвинителот Давчевски.

Арсовска сведочеше дека додека стоела под чадорот наспроти дивоградбата, се приближил Љамалари на тротинет, почнал да мафта со рацете, да се заканува и да гестикулира, ја удрил двапати по лицето и горниот дел од телото и повеќе од 40 минути траела неговата вербална агресија, во присуство на полициски службеници, дури и откако тие го оттргнале од неа.

Арсовска рече дека и вербален напад е недозволив кон носител на јавна функција, жена, мајка и човек и дека поради тие закани се чувствувала загрозена. Љаламлари се смееше додека Арсовска на барање на обвинителот ги повторуваше зборовите со кои Љаламлари ја навредувал. Арсовска сведочеше дека Љамалари чувствувајќи се многу моќен и на полицајците им се обраќал насилнички, барал да му се јават на шефот, по што наместо да биде спречен му било дозволено да се јавува телефонски повеќе пати. Градоначалничката се расплака во судница кога кажа дека ниту во еден момент видела каење кај обвинетиот кој како што рече – ѝ приредил едночасовен терор во Чаир. Таа побара штета од обвинетиот и се приклучи кон кривичниот прогон.

-Гледам дека ни денес нема каење, за нешто што нема оправдание, некого да го тероризирате еден час, физички да го нападнете и ниту грам жал да нема за стореното кон некој што не само што е јавен функционер, туку е и жена мајка. Затоа се приклучувам кон кривичниот прогон, рече Арсовска.

-Имав чувство на страв и несигурност и во ниедна секунда кај него немаше ниту трошка жалење за тоа што го направи. Напротив, агресијата континуирано растеше и продолжуваше со бројни закани и навреди, рече Арсовска.

Таа рече дека Љаламлари се обидувал да ги нападне и советничката Ирена Витина, инспекторот Дарко Митевски и секретарот на Град Скопје.

– Во моментот бев под сенката, почна со рацете да мафта да се заканува и да гестикулира по што откако ја кренав раката ме удри два пати со раката во горниот дел од телото лицето при што направив чекор наназад да направам дистанца и ја кренав ногата во самоодбрана. Понатаму имаше и кревање на нога од негова страна, но сакам да се задржам на вербалниот напад кој беше надвор од границите на нормалното, рече Арсовска.

Повтори дека пред да оди во ГОБ „8 Септември“ поминало време и морало да дојде интервентна полиција за воопшто да може да се изведе извлекувањето од таму.

-Тоа покажува дека местото беше небезбедно за секој од нас, а таму преживеавме едночасовен терор. Реалната проценка на опасност со која бев соочена во тој момент ја оценија како оправдана и од тој момент ми е доделено 24-часовно полициско обезбедување, рече Арсовска.

Според неа, во првите три секунди од нападот веднаш било пријавено на 192.

Според обвинителството Љамалари на 11.07.2025 околу 11 часот и 30 минути на улица „Севастополска“ во Скопје извршил грубо насилство врз оштетената Данела Арсовска која имала за последица предизвикување телесна повреда кај оштетената а со тоа во јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв. Ја удрил со нога во левата потколеница, со што ѝ ја нагмечил левата потколеница а притоа за целото време ѝ се заканувал и по семејството и по неа самата. Обвинителството достави УСБ со фотографии и видео материјали од самиот нстан, како и медицинско вештачење добиено од Институтот за судка медицина криминалистика и медицинска деонтологија за повредите на градоначалничката.

Извор и Фото: Слободен Печат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Не сум виновен, рече Сулејман Љамалари обвинет…

Сулејман Љамалари, обвинет дека ја нападнал градоначалничката…

ВМРО-ДПМНЕ: Македонските служби успешно се справуваат со…

Пожари беснеат во целиот регион. Сушното лето…

ССМ бара 500 евра минималец и поголеми…

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) го…

Го искористија како потрошна роба: ВМРО-ДПМНЕ ќе…

На дневен ред на денешната собраниска седница…

Државниот обвинител Коцевски,, на тапет” пред пратениците

Собранието денеска во рамки на 64. седница…