Никола Груевски ден порано го честиташе Илинден

t

ЧЕСТИТКА ЗА ИЛИНДЕН

Во предвечерието на големиот македонски празник – “Илинден”, го честитам македонски национален празник и посакувам успех, напредок и надминување на сите поголеми актуелни предизвици на Македонија и Македонците.

Во контекст со времето и предизвиците со кои се соочува Македонија денес, а во контекст на лажните тези и пропаганди дека Македонците пред 1944 година биле Бугари, со реално, а не понекогаш само формално преставување како Бугари заради околностите за кои повеќе пати сум пишувал, во контекст на тезите дека мајчиниот јазик на Македонците бил бугарскиот јазик, дека и првенците на ВМРО реално се чувствувале за Бугари и се бореле за интересите на Бугарија, ќе потсетам на еден извадок од писмо на охриѓанецот Ефтим Спространов (15 јануари1868 – 5 јули 1939) — македонски револуционер, деец и припадник на Врховниот Македонски Комитет (врховист), и еден од поистакнатите претставници на македонската емиграција во Бугарија, каде што активно се занимавал со општествена работа и учествувал во политичкиот живот на оваа земја. Неговиот литературен и научен опус е мошне богат и се простира врз повеќе области: поезија, проза, есеј, лингвистика, етнографија, историја, фолклористика, превод. Пишувал на бугарски јазик, но и на македонски јазик, односно Охридски дијалект.

Тој бил политички и идеолошки нестабилен и конфузен, политички недоследен. Започнал како соработник на списанието „Лоза“ и симпатизер на ТМОРО за да заврши во круговите на софиските франкмасони, па така може да се пронајдат негови изјави кои идеолошки биле на промакедонска, но и многу на пробугарска линија.

Важи за еден од најголемите критичари на Борис Сарафов и Гоце Делчев.

Во тоа време, во 1903 година, очигледно претставувајќи се со бугарско самочувство, тој испратил писмо до бугарскиот премиер Рачо Петров од 6 декември 1903 година со мошне интересна содржина, погледната од позиција на денешните тврдења на официјална Бугарија, поврзано со Македонците.
Тој пред Премиерот на Бугарија во писмото ја открива вистинската слика за намерите на македонската револуционерна организација (денес позната како ВМРО), односно за нејзините членови кои се борат за посебна македонска национална идентичниот.

Спространов Организацијата ја нарекува “сепаратистичко движење” и вели дека дека ВМРО е “опасност за бугарштината во Македонија”.

Пишува дека е свесен дека “една автономна Македонија со текот на времето неминовно ќе се разбие во макеоднска национална држава”, и дека во таква ситуација “за кратко време народот ќе го отфрли бугарскиот јазик и ќе го прифати македонскиот, односно мајчиниот, бидејќи ќе нема потреба да го учи како што тоа со мака го прави со бугарскиот јазик…”.

Се правда дека тоа што пишувал на македонски јазик по списанија и весници, го правел со цел да се приближи до “сепартитсите”, за да може по подробно да се запознае со нивната дејност.

На крај завршува со една многу важна теза велејќи дека “семето на политичката автономија на Македонија е фрлено многу одамна, и тоа е лозинка на секој Македонец”, и додава дека “Како логична последица на таа политичка автономија доаѓа и нејзиното комплетирање со национална и јазична автономија”.

Да потсетам дека писмото е напишано во време, неколку месеци од кога османлискиот султан Абдул Хамид (21 септември 1842- 10 фебруари 1918), на 7 април 1903 година издал наредба за категорична забрана на терминот Макеоднија:

“… Со високата наредба и Неговото Величество, султанот, се известува за сегашноста па натаму во претставниците и соопштението извршено со работата на царските вилаети на Румелија, категорично се забранува терминот Македонија што се споменува како локално име…“

Потоа го презентирам краткиот извадок, кој и порано го имам презентирано, од разговорот од самиот пријател на писмото од Е. Спространов – претседателот на владата на Бугарија Рачо Петров (19 фебруари 1861- 22 јануари 1941 година) воден во 1904 година, со Јован М. Јовановиќ – Пижон (3 септември 1869-20 јуни 1939), српски дипломат, политичар и писател, во тој момент вршител на должноста дипломатски преставник на Србија во Софија, од кој се гледа дека на Премиерот на Бугарија тогаш во 1904 година добро му биле познати работите за кои претходно му пишува Спространов, дури е поотворен, подиректен и појасен од него, а повеќе од сигурно е дека Спространов не му бил единствениот извор и информатор за состојбите во Македонија на тогашниот многу искусен премиер Рачо Петров.

Рачо Петров во политиката влегол како генерал во војската на кнежеството Бугарија. Тој бил премиер на Бугарија двапати – првиот пат ја предводел привремената 21-ва влада од 25 јануари 1901 година до 4 март 1901 година, а вториот пат – 26-та влада од 19 мај 1903 година до 4 ноември 1906 година, кога истовремено ја вршел и должноста на министер за надворешни работи. Претходно бил и началник на генералштабот на армијата, министер за војна (одбрана) и министер за внатрешни работи.

За време на неговата кариера, тој се сметал за особено близок до принцот Фердинанд.

Од дипломатските белешки се гледа дека тој му рекол на српскиот дипломат:

“ Македонците се комплетно неискрени во односот со вас и со нас”… “Се додека македонците не се ослободат, ќе бидат и со вас и со нас. Меѓутоа кога тоа ќе се случи, тогаш ќе ни кажат и вам и нам подалеку-тргнете си ги рацете”…

1. Извадок од писмото од Ефтим Спространов до претседателот на владата на Бугарија Рачо Петров:
„Би сакал Македонија да биде исцело присоединета кон Бугарија, но сум свесен дека во сегашниве услови тоа не може да стане. Затоа, во моментов сум приврзан кон идејата за нејзина политичка автономија. Го знам и тоа, господин претседател, дека една автономна Македонија со текот на времето неминовно ќе се развие во македонска национална држава и засекогаш ќе биде загубена за Бугарија. Пишувајќи Ви ги моиве лични сфаќања за иднината на мојата татковина Македонија, ги имам предвид големите опасности што се кријат во сепаратистичкото национално движење меѓу дел од македонската интелигенција, коешто зад себе влече и македонски народни маси, особено во југозападниот дел на Македонија, со центар во Охрид, Ресен, Битола, Прилеп… Ако притоа додадам дека пропагаторите на македонскиот сепаратизам се зафатиле мошне студиозно и со ентузијазам да печатат книги, речници читанки, историски учебници и граматика на македонски јазик, тогаш можете да ја сфатите пореално опасноста за бугарштината во Македонија. Убеден сум дека за мошне кратко време, освен тенкиот слој македонската интелигенција школувана во бугарските училишта, народот ќе го отфли бугарскиот јазик и ќе го прифати македонскиот, односно мајчиниот, бидејќи ќе нема потреба да го учи како што тоа со мака го прави со бугарскиот јазик… Принуден сум да признам и самиот дека сепаратизмот што се шири во Македонија можеби во мемонтов е единствениот излез за мојата татковина.

Вашите забелешки дека не сум и служел чесно на државата од којашто сум примал плата посебно ме жалости. Колку што се однесува за моето пишување по списанијата и весниците на македонско наречје, тоа го правев со единствена цел да се приближам до сепаратистите за да можам поподробно да се запознам со нивната дејност. Ако притоа резултатот од таквата моја дејност го оценувате како штетен за бугарското дело во Македонија, јас не сум виновен, бидејќи тие списанија и весници ќе излегуваа на македонското наречје и без моите статии и творби, како што и сепаратистичкото движење и натаму ќе се шири, го сакале тоа ние или не… Ако од тој аспект погледнете на проблемот, ако ја земете организациската и ударната сила на Организацијата во служба на македонското национално движење, дури тогаш во вистинска светлина се јавува опасноста за бугарското дело во Македонија…
Ваквиот развиток на настаните во врска со македонското национално движење не треба да ве чуди, господин министер-претседател, бидејќи семето за политичка автономија на Македонија е фрлено многу одамна, и тоа е лозинка на секој Македонец. Како логична последица на таа политичка автономија доаѓа и нејзиното комплетирање со национална и јазична автономија.

2. Извадок од разговорот на Премиерот на Бугарија Рачо Петров до српскиот пратеник Јован М. Јовановиќ:
Во разговорот на бугарскиот премиер со српскиот пратеник во Софија, Јован М. Јовановиќ, околу состојбата со Македонија и Македонците, Рачо Петров нагласил:
„Факт е веќе дека Македонија се одвои, верувајте ми. Македонците се комплетно неискрени во односот и кон вас (се мисли на Србите) и кон нас (се мисли на Бугарите).
Се додека Македонците не се ослободат(се мисли од османлиската империја) ќе бидат и со вас и со нас. Меѓутоа, кога тоа ќе се случи, тогаш ќе ни кажат и нам и вам, подалеку тргнете си ги рацете.
Во такви услови, ниту еден од вас не би можел да добие во Македонија никакво место (се мисли на позиција или функција) ниту, пак, служба.

Зарем мислите дека тие се луди да прифатат ние или вие да го присоединиме кон нас или да ги поделиме. Не, тие би биле против тоа.

Користени извадоци од

-“Македонци…” Бранислав Светозаревиќ Покорни,
-Спространов во својот дневник, Ристовски, Б. Историја на македонската нација…, 310-314,
-Митрова, М. За македонскиот идентитет: Српски дипломатски извештаи (1903-1913), Македонскиот идентитет низ историјата. ИНИ. Скопје, 2010: 211; Архив на Македонија, Скопје, ППО, м. 225, пов. бр. 70,

-Başsbakanlik Devlel Arşivleri Genel Müdürlügü, Osmanli daire Balkanligi, Rumeli Müfettişligi Tasnifi, sadaret ve Bakitabet Evraki. Телеграма од 7.4.1903 год. Генерален директорат за државни архиви на Владата, Секретаријат за османлиски работи Инспекторат за класификација на румелиски документи во Истанбул. Превод: А. Стојановски, Македонија под турска власт. Скопје, 2006: 317.
(Фотографии подолу од: Прослава на Илинденското востание во Крушево, Ефтим Спространов, Рачо Петров, Султан Абдул Хамид II и Јован М. Јовановиќ Пижон)

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Никола Груевски ден порано го честиташе Илинден

ЧЕСТИТКА ЗА ИЛИНДЕН Во предвечерието на големиот…

Трамп: Наредив две нуклеарни подморници да бидат…

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп,…

Бркотница како на филм во Скопје: Уапсени…

Двајца државјани на Косово се уапсени синоќа…

Путин до Трамп: Што се однесува до…

Лидерот на Кремљ, Владимир Путин, ги даде…

Сиљановска – Давкова загрижена што дел од…

Денеска се одржа втората седница на Советот…