ССМ бара итно зголемување на минималната плата на 500 евра
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска официјално поднесе барање до Собранието за итно зголемување на минималната плата на 500 евра. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, изјави дека барањето е темелено на реалните економски и социјални услови во земјата, како и на споредбите со платите во регионот и земјите од ЕУ.
Трендафилов повика пратениците веднаш да започнат со законска процедура, со што, според ССМ, зголемената минимална плата би можела да се исплати уште од августовската плата во 2025 година. Тој порача дека ваквиот потег е неопходен за да се спречи ситуацијата во која македонските работници се најниско платени, додека функционерите уживаат плати што се меѓу највисоките во регионот.
„Да видиме кој е со, а кој против работниците“, изјави остро Трендафилов, алудирајќи на тоа дека синдикатите очекуваат јасно изјаснување од секој пратеник.
На последната седница на Економско-социјалниот совет, ССМ добил одговор од Владата дека „работниците многу бараат“ и дека треба да бидат „среќни со тоа што го имаат“. Иако иницијативата за раст на платите во приватниот и јавниот сектор формално била прифатена, реални изгледи за конкретна акција – според Трендафилов – засега нема.
Дополнително, работодавачите, според информациите од ССМ, сметаат дека нема економски простор за зголемување на минималната плата, обвинувајќи ги работниците дека не се доволно продуктивни.
Трендафилов најави дека ССМ до средината на август ќе одржи внатрешна седница, на која ќе се одлучи за понатамошни чекори, вклучително и можни протести, штрајкови или други синдикални активности.
Во моментот, околу 35.000 работници во Македонија се на минимална плата, а барањето за нејзино зголемување на 500 евра станува една од клучните социјални теми во државата. Синдикатите порачуваат дека ако институциите не постапат, ќе следуваат масовни реакции во одбрана на работничките права.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ССМ бара итно зголемување на минималната плата…
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска…
Големи измени: Од кандидатите за виза може…
Американскиот Стејт департмент треба да воведе пилот-програма…
Да живуркаат ситните души на македонските граѓани…
Очигледно е дека владата на Мицкоски го…
Легендата вели дека Мицкоски уште анализира: Годишна…
Државната статистика ја објави информацијата за измерена…
„Протече“ американскиот предлог за Путин: Дали Москва…
Според Onet, овој предлог би ги исполнил…