Meџити: Поразот на локални избори не значи и оставка

t

Првиот вицепремиер Изет Меџити е убеден дека ќе победи на локалните избори, а министерот за социјална политика Фатмир Лимани ќе стане „премиер“ ако изгуби за градоначалник. Вака за „Слободен печат“ одговорија двајцата функционери од Вреди, кои ќе атакуваат министерските да ги заменат со градоначалнички фотелји, откако претходно веќе потврдија дека нема да дадат оставки во Владата и паралелно ќе министеруваат и ќе тераат изборна кампања. Првиот ќе се кандидира за градоначалник на Чаир, a вториот за Кичево. Според ова, ако изгубат, и Меџити и Лимани нема да заминат од Владата, освен ако премиерот Христијан Мицкоски не пресмета поинаку. Или, пак, сами ќе го активираат планот што висок функционер од Вреди веќе го најави за „Слободен печат“ дека ако изгубат на локалните избори од Европскиот фронт, Вреди нема да чека премиерот да ги избрка, туку сами ќе излезат од Владата.

Законски не е спорно
Законски не е спорно дека функционерите во текот на мандатот може да се кандидираат за друга функција, a дали е етички да си ја чуваат во резерва актуелната фотелја, оставени се самите да проценат.
Меџити на прашање на „Слободен печат“ дали ако изгуби од противкандидатот Бујар Османи за градоначалник на Чаир ќе се повлече од функцијата прв вицепремиер и министер за животна средина, само кусо ни одговори дека ќе победи на изборите. И од одговорот што го добивме од министерот за социјална политика Лимани може да се заклучи дека нема намера да замине од Владата по евентуален изборен пораз во Кичево. Негови противкандидати се актуелниот градоначалник на Кичево Фатмир Дехари од Европскиот фронт, независниот Шкодран Алили и докторот Александар Јовановски, кој неофицијално ќе биде изборниот адут на ВМРО-ДПМНЕ.

– Ако „изгубам“ на избори ќе станам премиер – ни пиша Лимани.

Во 34-годишниот македонски плурализам имало примери, иако ретки, кога функционери влегувале во изборна трка по поднесени оставки на актуелните функции, но и такви што поради изборен пораз заминале од сигурната фотелја.

Во 2013 година поднесоа оставки убедени во изборната победа

Специфика за изборите во 2013 година беше токму потегот на министри од ДУИ, а Меџити и Лимани тогаш беа дел од партијата на Али Ахмети, кои пред да се кандидираат за градоначалници, поднесоа оставки од министерските функции во владата на Никола Груевски. Тогаш потпретседателката на ДУИ Теута Арифи поднесе оставка од вицепремиерската функција и се номинира за градоначалничка на Тетово.

Потпретседателот на партијата Невзат Бејта, пак, поднесе оставка од позицијата министер за локална самоуправа и се кандидираше за градоначалник на Гостивар. Прашање е дали оставките ги поднесоа убедени во изборната победа на тогаш силната ДУИ, или, пак, од морални причини.

Арифи тогаш среде мандат изјави дека се повлекува од фотелјата на заменик-претседателка на Владата задолжена за европски прашања и дека целосно ќе ѝ се посвети на изборната кампања во Тетово. Бејта, пак, тогаш рече дека се повлекува од министерската функција, затоа што граѓаните барале тој да биде кандидат за Гостивар.

– Волјата на граѓаните на Гостивар ја прифати партијата и ДУИ ме номинираше за кандидат за градоначалник на Општина Гостивар. За да не се злоупотреби функцијата министер за локална самоуправа, денеска давам оставка. Со ова ги почитувам волјата на граѓаните и демократијата – рече тогаш Бејта.

И додека за тогаш високите експоненти од ДУИ дилемата за оставките останува, без никаков сомнеж или заднина е оставката на Изет Зеќири од партијата на Руфи Османи, кој беше кандидат за градоначалник на Тетово, но изгуби на изборите. Тој по изборниот пораз го врати пратеничкиот мандат. Зеќири, како што изјави тогаш, оставката ја поднел како морален чин, бидејќи на локалните избори ја побарал поддршката од граѓаните како кандидат за градоначалник на Тетово и бидејќи не ја добил, почувствувал морална одговорност. Тој изјави дека по поразот во Тетово смета дека нема легитимитет да продолжи да ги претставува граѓаните на Тетово во Собранието. Овој потег на Зеќири во јавноста беше коментиран како вистински пример за практикување демократија и почит кон граѓаните, но и како нови стандарди во политиката.

Но и тогаш Зеќири остана осамен, затоа што иако изгубија на локалните избори, пратеници што беа кандидати за градоначалници си останаа во собраниските клупи. Пратеничките мандати не ги вратија Беким Фазлиу од ДПА, кој ја изгуби во трката за градоначалник на Скопје, Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ, ниту пратениците на СДСМ што ги изгубија изборите – Андреј Петров изгуби од Стевче Јакимовски во Карпош, Јани Макрадули во Скопје, Миле Андонов во Кочани, Голупчо Ангелов во Делчево и Менде Диневски во Битола.

Меџити и Лимани не се единствените функционери од Вреди што влегуваат во изборната трка. Директорот на Дирекцијата за општи услуги во Универзитетскиот клинички центар Башким Бакиу ќе биде кандидат за градоначалник на Скопје, во Сарај кандидат ќе биде Мухамед Елмази, инаку директор на „Номагас“, во Дебар – Фисник Мела, заменик-директор на Управата за јавни приходи, а директорот на Државните резерви на нафта Неџмедин Садику ќе биде кандидат за Липково. Во Теарце кандидат ќе биде директорот на Бирото за регионален развој Даут Мемиши, а во Брвеница директорот на Државниот инспекторат за локална самоуправа Хаќим Рамадани. Досега ниеден од директорите не најави дека пред официјално да ја достави кандидатурата, ќе поднесе оставка.

Извор: Слободен Печат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Meџити: Поразот на локални избори не значи…

Првиот вицепремиер Изет Меџити е убеден дека…

Трамп и Путин би можеле да се…

Доналд Трамп би можел да се сретне…

Раде Штекли имал халуцинации, му се причинило…

На денешното рочиште за случајот „Штекли“, поврзан…

Стапија на сила новите царини на Доналд…

Стапија во сила новите царини на Доналд…

Ценaтa на нафтата близу 67 долари

Цените на нафтата денес на меѓународните пазари…