Австрија и Словенија го поддржуваат дијалогот меѓу Скопје и Софија

t

Предлог за промена на процесот на одлучување при пристапувањето на земјите кандидатки за членство во Европската Унија е на маса во извршното тело на ЕУ, Европската комисија. Неговата цел е да се забрза процесот на пристапување, преку употреба на гласање со квалификувано мнозинство за техничките меѓучекори, наместо со консензус на сите земји членки.

Гласањето со консензус останува при одлучувањето за почеток и завршување на преговорите со земјите кандидатки.

Иницијативата за измени во процесот на одлучување за ова прашање доаѓа од Австрија и Словенија, заедно со Германија и Италија и засега ја има поддршката на 16 земји членки на Унијата.

За овој потег денеска во Скопје говореа австриската сојузна министерка за Европа, интеграција и семејство, Клаудија Плаколм и државната секретарка во Министерството за надворешни работи и европски прашања на Словенија, Нева Грашич, кои се во посета на земјава.

Плаколм и Грашич, на заедничката прес-конференција сo министерот за европски прашања на С Македонија, Орхан Муртезани, појаснија дека целта на иницијативата е да се забрза процесот на пристапување на кандидатите, со избегнување на внесувањето на билатерални и внатрешно-политички прашања во процесот.

Ова, како што рекоа тие, е со цел да се забрза пристапувањето на земјите од регионот на Западен Балкан, меѓу кои е и земјава, како и на Украина и Молдавија.

Говорејќи во таа насока, австриската сојузна министерка кажа дека во Европската Унија недостасува еден голем дел кој се наоѓа во средиштето на Европа и затоа Унијата, како што кажа, треба да се потруди да ја затвори оваа празнина со поврзување на „она што си припаѓа едно на друго“ и со тоа да ја зголеми својата безбедност.

„Денеска имам новина од Австрија за вас. Австрија ќе се заложи за квалификувано мнозинство во процесот на пристапување на нови земји во ЕУ со цел да се намали бирократијата. Тоа значи дека нема да биде неопходна едногласност за секој технички чекор за секоја земја кандидат. За крајниот процес на пристапување ќе биде потребна едногласност, но во меѓувреме ќе се намалат тензичните билатерални односи  и ќе може во поголема мера неутрално да се носат одлуки“,рече Плаколм.

Како што појасни таа, станува збор за квалификувано мнозинство за техничките чекори, напоменувајќи дека, сепак, е потреба политичка волја за да заживее оваа иницијатива.

„За нас е јасно дека за големите прашања, како заедничката безбедносна и надворешна политика ќе мора да зборуваме во еден глас, но во пристапните разговори не смее да има кочења во меѓучекорите со билатерални и внатрешно-политички прашања, секако за почетокот и крајот на процесот треба да постои едногласност“,рече австриската министерка.

Државната секретарка на словенечкото Министерство за надворешни работи и европски прашања, Грашич надоврзувајќи се рече дека Словенија, како и Австрија, инсистира Северна Македонија што поскоро да стане членка на ЕУ.

Грашич рече дека проширувањето на Унијата и понатаму останува нивен приоритет, пред сè поради геополитичката динамика.  

„Инститираме и Северна Македонија да стане дел од ЕУ до 2030 година и го разбираме разочарувањето“,рече Грашич, додавајќи дека нејзината земја е една од оние кои ја покренале иницијативата за воведување квалификувано мнозинство за техничките прашања.

„Словенија и Германија неодамна предложија гласање со квалификувано мнозинство за технички прашања поврзани со проширувањето и сакаме да ги видиме земјите од Западен Балкан, но и другите од Истокот што е можно побрзо да напредуваат, ова е наш придонес. Кога Словенија се приклучуваше процесот беше полесен, со помалку Аки (усогласување со европското законодавство), сега е потежок во однос на усогласувањето со закодавството на ЕУ. Унијата сега е посилна со поконкретизирани закони“,рече таа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мицкоски: Ширењето паника за водата во Скопје…

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека ширењето информации…

Автобус со 84 српски туристи излетал од…

Автобус со 84 патници, сите државјани на…

Спречен нов масовен обид за илегален влез…

Мароканската полиција уапси најмалку 111 лица кои…

Приведен гевгеличанец: Пијан нападнал полицаец додека извршувал…

Полицијата во Гевгелија приведе 51-годишен жител на…

(Видео) Локализиран пожарот кај село Бибај, Маврово:…

Пожарот што избувна во близина на село…