Андоновски: Македонија добива Национален центар за вештачка интелигенција – започнува проектот „Везилка“

t

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска официјално го претстави проектот „Везилка“ – Национален центар за вештачка интелигенција, капитален проект со историско значење за дигиталната трансформација на Република Македонија.

Проектот, со вкупна вредност од околу 6 милиони евра, се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија преку програмата Horizon Europe и иницијативата EuroHPC, а е ко-финансиран од Министерството за дигитална трансформација и ФИНКИ – носител на проектот.

„Ова е капитален проект со историско и национално значење – нова страница во дигиталниот развој на Македонија, во која Владата, универзитетите и индустријата заеднички градат национален систем за вештачка интелигенција, со ‘Везилка’, нашата држава станува активен дел од европската мрежа на центри за вештачка интелигенција. Ова е суштински чекор за нашата научна, технолошка и иновациска заедница,“ истакна министерот Андоновски.

Центарот ќе биде придружна единица на европската AI фабрика „Pharos“ со седиште во Грција, што на македонските институции, истражувачи, компании и стартапи ќе им овозможи пристап до европски суперкомпјутери и напредни податочни простори.

Проектот има и јасна општествена мисија – да создаде национален екосистем за одговорна и доверлива примена на ВИ во следните пет приоритетни области:

Прво и најзначајно: Јазик и култура – целта на овој проект пред се е системски развој на македонски јазични модели и дигитална заштита на културното наследство;

Понатаму примена на ВИ во Здравство – анализа на здравствени податоци и подобрување на медицинските услуги;

Енергетика – оптимизација на производството и потрошувачката на енергија;

Јавна администрација – автоматизација на процеси и зголемена транспарентност;

Земјоделие – примена на паметни технологии за современо и одржливо производство.

Суштината на „Везилка“ е едноставна: да создадеме интелигентни решенија кои му служат на човекот – да направиме технологијата достапна, корисна и етична.

Дополнително, „Везилка“ ќе функционира и како центар за обука и развој на човечки капитал, каде ќе се организираат тренинзи, практични проекти и едукативни програми во областа на вештачката интелигенција.

„Создаваме систем, а не ад хок проекти. ‘Везилка’ ја симболизира нашата визија – Македонија како дигитално суверена држава со силна научна и иновациска основа. Ова е чекор со кој нашата земја станува активен партнер во европскиот технолошки простор, а не само набљудувач.“, додаде министерот Андоновски.

На крајот, тој упати јавна покана до сите академски и научни институции, како и до приватниот сектор, да се вклучат во овој национален проект со европска димензија, со цел градење на една паметна, дигитална и иновативна Македонија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ВМРО-ДПМНЕ: СДС никако да престане свесно да…

СДС никако да престане со умисла да…

Одложено денешното рочиште за „Лотарија“, судењето продолжува…

Судското рочиште за предметот „Државна лотарија“, кое…

Муцунски: Работиме на дијалог со Бугарија, за…

Дијалогот што во моментов се води во…

РЕМ покрена нова постапка против телевизијата Информер

Советот на српското Регулаторно тело за електронски…

Народната банка на Србија: Динарот е стабилен,…

Курсот на српскиот динар е стабилен, а…