Поранешниот пратеник и министер му ветил на директорот на Платежната агенција 50 илјади евра, а вчера му дал 400 евра

t

Поранешниот пратеник и министер Џевдет Насуфи му ветил на директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој, назначен во време на ВМРО-ДПМНЕ, 50 илјади евра поткуп за да добие пари од ИПАРД-програмата, иако не ги исполнувал условите. Директорот, Илија Стоилев, кој бил и претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Свети Николе, вчера бил фатен со 400 евра кои ги зел како аванс за поткупот.

Вчера попладне полицајци и истражители од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција уапсија петмина за давање и примање на поткуп.

– Првоосомничениот – управител на правно лице, од крајот на февруари годинава до вчера, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, во повеќе наврати, директно и преку посредници му ветил подарок – парични средства од значителна вредност на директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој на РСМ. Останатите тројца осомничени од кои еден даночен референт во УЈП РД Скопје и еден државен службеник вработен во Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство, искористувајки го своето реално влијание и службената положба побарале и го потикнаале директорот на агенцијата да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши. Имено, иако правното лице на првоосомничениот не ги исполнувало условите предвидени во Јавниот повик бр.01/24 за доставување на барања за користење на средства од ИПАРД Програмата за мерка 3, директорот по применото ветување за подарок од значителна вредност во износ од 50 000 евра, во текот на вчерашниот ден потпишал договор за користење на финансиски средства со правното лице и притоа примил дел од паричните средства во износ од 400 евра кои при претрес се пронајдени и одземени – соопшти Обвинителството.

Обвинителството бара притвор за уапсените, а попладнево сите беа однесени пред судија на претходна постапка.

Премиерот Христијан Мицкоски, кој по изборите даде изјава за апсењето на член на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека нема да се толерира девијантно однесување на било кој функционер и ги охрабри граѓаните да пријавуваат.

-Јас и во минатото сум кажал дека таков тип на девијантно однесување нема да се толерира и откако претходно имаше дојави за таков тип на девијантно однесување се случи таа акција и од овој момент па натаму случајот е во рацете на обвинителството судовите итн. Апсолутно сум го кажал тоа многу пати во минатото ќе го повторам, тоа нема да се толерира. Знаете дека во минатото имавме и други вакви случаи меѓу кои беше и со директорот на Геријатрија и ги повикувам сите граѓани, бизнис заедници доколку се жртва на ваков тип на однесување на било кој, да го пријават. Еве ги охрабрувам да го пријават бидејќи нема поголема штета за едно општество од ваков тип на девијантно однесување и затоа ја користам оваа можност да им се обратам на сите оние коишто се жртва на ваков тип на однесување да го пријават. Потоа ние имаме механизми како тоа обезбедиме докази и да биде санкционирано. Мора еднаш засекогаш да се стави крај на ваквите работи ако сакаме да одиме напред – рече Мицкоски.

Стоилев за директор на Агенцијата е назначен во јули 2024 година од страна на Владата. Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој е институција акредитирана за спроведување на ИПАРД-програмата. Таа ги прима и обработува апликациите, спроведува контроли и ја врши исплатата на средствата од европските фондови за рурален развој, во согласност со правилата на Европската унија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Поранешниот пратеник и министер му ветил на…

Поранешниот пратеник и министер Џевдет Насуфи му…

Ѓорѓиевски: Од понеделник 55 приватни автобуси ќе…

Од понедлник 55 приватни автобуси ќе сообраќаат…

Владата ќе именува повереници во Гостивар, Маврово,…

Владата ќе именува повереници кои привремено ќе…

Гермaнија формира тимови за брз одговор против…

Германската војска формира тимови за брза реакција…

40-годишна радовишанка лажно пријавила бомба во основно…

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје…