Филипче: По олку лош извештај на ЕК, може да добиеме и нови услови за преговори

t

Лидерот на СДСМ и претседавач со Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, порача дека извештајот на Европската Комисија е показател дека власта нема политичка волја да продолжи со реформите.

„Жалам што слушаме пораки на евроскептицизам тука во телата, во Собирањето, во кои што најмногу треба да се работи и на полето на реформите и на тоа што државата треба да испорача за да станеме полноправна членка на Европска Унија. Ниту има алтернатива, ниту некој разговара за алтернативи за Европската Унија. Сето тоа се спинови на нечии изјави со цел да се намали дополнително желбата, ентузијазмот на граѓаните за вистинските чекори кои што треба да следат од страна на владата. Помина година и половина од влада и нема веќе кој да е крив за овој извештај кој што опфаќа една година од целосно нивно владеење“, рече Филипче.

На седницата на која што се дискутираше за последниот извештај на ЕК за напредокот на Македонија, Филипче посочи дека државата назадува поради неспособноста на власта која треба да излезе од пасивноста и преземе конкретни активности.

„Претставниците на владата, на извршната власт, на целата коалиција, треба да излезат од состојба на длабока контемплација, поради тоа што ова бара сериозна активност и сериозна работа. Никој нема да биде крив, целата одговорност е во владината коалиција на ВМРО- ДПМНЕ, ЗНАМ и на ВЛЕН. Слушаме дека ќе го проширувале владиното мнозинство, сакам да упатам јасна порака до политичките чинители, пратеници кои сакаат да се придржат на оваа коалиција добро да размислат дали ќе го прават тоа, поради тоа што очигледно е дека нема волја оваа коалиција да го продолжи европскиот пат“, рече Филипче.

Во обраќањето на седницата, Филипче додаде дека ченството во ЕУ е стратешка определба на првите влади од независноста на Македонија и гаранција за напредок на државата.

„Граѓаните очекуваат напредок, очекуваат вистински, видливи резултати кои што можат да ги почувствуваат, а не само изговори, теории на заговор или ароганција“, порача Филипче.

За извештајот тој рече дека претставува силна и јасна опомена, но и доказ за катастрофалните политики на владата на Мицкоски.

„Ова е еден од најлошите извештаи кои што државата го добила од Европската Комисија. Полош е само тој во 2015 година, кога сме оценети како заробена држава“, предупреди Филипче.

Според него, иако од 2015 наваму државата вложуваше силни напори да се врати на правиот пат, сегашната влада нема никаков интерес за евроинтегративниот процес и повторно не води кон назадување.

„И сега трендовите не се поразлични, владата се обидува да ги покрие, да врши влијание на сите независни институции кои што се надвор од извршната власт. Најмногу, најсилно, најексплицитно, на судската власт, јавен и јасен притисок што за прв пат предизвика од 1991 година јасна реакција од судската фела. Преседан, би рекол, општествен не само во државата“, истакна Филипче.

Филипче исто така посочи дека наведеното во извештајот не се само за политички формулации во документот, туку реалност која граѓаните ја чувствуваат секој ден.

„За жал во многу области во кои што порано бележавме успеси, сега има, и тоа се дефинира или како ограничен напредок, или нема напредок, или дури на назадување. Ама тоа не е нешто што само стои на хартија, тоа е нешто што граѓаните, посебно бизнис секторот го чувствуваат, секој ден се повеќе и повеќе“, рече Филипче.

Тој исто така предупреди дека Европската унија, која минатата година имаше само еден услов за отворање преговорите, а тоа беше решавањето на спорот со соседите, по ваков извештај може да воведе и нови услови.

„Ако до минатата година имаше само еден услов за почеток на преговорите, а тоа е решавање на билатералниот спор со еден од соседите, после еден таков извештај, не сум сигурен дека понатаму нема да имаме и други услови да се отпочнат преговорите“, предупреди претседателот на СДСМ.

Филипче заклучи дека извештајот е огледало во кое се гледа вистината за власта на Мицкоски кој ја изолира државата, ги блокира реформите и ја оддалечува Македонија од европската перспектива.

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, истакна дека новиот годишен извештај на Европската комисија за Северна Македонија за 2025 година, претставува јасен пресек на досегашните постигнувања и на областите во кои реформите треба да се засилат. Тој нагласи дека државата задржува стабилно и добро ниво на подготвеност во низа клучни поглавја, но дека динамиката на напредокот мора да биде поенергична, особено во сегментот на владеењето на правото.

Муртезани посочи дека оваа Влада влегува со јасна политичка волја да ги конкретизира реформите, да го забрза донесувањето на клучните закони и да ја претвори подготвеноста во реални резултати. Тој додаде дека Реформската агенда, скрининг извештаите и Планот за раст ја даваат целосната архитектура за напредок, а задачата на институциите е да обезбедат јасен ритам и доследна имплементација.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Филипче: По олку лош извештај на ЕК,…

Лидерот на СДСМ и претседавач со Националниот…

Мајстор заврши со модринки по тепачка со…

65-годишен мајстор од село Трубарево, скопско, пријавил…

Ново поскапување на горивата од полноќ

Регулаторната комисија за енергетика денеска ги објави…

Стоилковиќ – Сијаојан: Односите меѓу Македонија и…

Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците,…

Почна пријавувањето за студентски ваучери за електронски…

Од Министерството за дигитална трансформација информираат дека…