Грција нема да го предаде Аце „Циганот“ на Македонија: гангстерот што ладнокрвно изрешета човек во Скопје сега води бизнис
Аце Боцевски, кој 28 години успеваше да ги избегне органите на прогонот откако уби ривал од подземјето среде улица во центарот на Скопје во 1997 година, нема да биде екстрадиран од Грција во Македонија, објавија грчките медиуми.
Боцевски, кој беше уапсен на крајот на мај годинава во грчкиот град Катерини, нема да биде екстрадиран во земјава поради застареност на случајот, одлучил судот во Солун.
Со отфрлање на барањето за екстрадиција, судиите одлучиле и да му ја укинат мерката притвор.
Кој е Аце „Циганот“?
Инаку, Боцевски, во скопските криминални кругови во 1990-те познат како „Циганот“, во Македонија е осуден на 15 години затвор за бруталното убиство на Сеат Ибраими. Тој исчезна под сомнителни околности додека беше во домашен притвор, исти какви што беа и околностите под кои му беше изречена благата мерка. МВР по него ја има распишано една од најстарите нереализирани потерници.
Убиството што го изврши Боцевски во центарот на Скопје, среде бел ден, беше едно од највпечатливите криминални случувања во Македонија во 1990-те. Во ноември 1997 година, по куса потера со автомобили низ улиците, Боцевски на улицата „11 октомври“ го стигна Ибраими, чијшто автомобил излета од улицата и запре.
Боцевски тогаш излезе од својот автомобил, дојде до жртвата и ладнокрвно, пред десетици сведоци, испука повеќе куршуми од пиштол. По бегството, Боцевски извесно време се криеше во Србија, каде што и јавно се појавуваше пред телевизиските камери заедно со ликови од белградското подземје за време на НАТО-бомбардирањето на земјата во 1999 година.
Аце води бизнис со соби за изнајмување во Грција
Пред солунскиот суд, Боцевски објаснил дека откако бил пуштен од притвор, побегнал и се преселил во Грција и дека сега има бизнис со соби за изнајмување во областа Пиерија.
Тој, преку своите адвокати, изјавил дека во тој период служел во личното обезбедување на тогашниот претседател на државата, Киро Глигоров, и дека бил на мета од политички причини. Според неговите тврдења, бил задржан во притвор 90 дена, по што бил пуштен на слобода, а потоа избегал со пасош издаден од властите на неговата земја и се преселил во Грција.
Со оглед на тоа што изречената казна е пред 20 години, согласно грчкото кривично право е застарена и затоа судиите го отфрлиле барањето за негова екстрадиција во Македонија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Грција нема да го предаде Аце „Циганот“…
Аце Боцевски, кој 28 години успеваше да…
Нема да биде екстрадиран од Грција уапсениот…
Македонскиот државјанин, баран со европска потерница за…
Земјоделците во Грција од 30 ноември ќе…
Блокади низ цела Грција почнувајќи од 30…
Рекордни зголемувања на водостоите во Македонија
Водостоите на речните текови во земјава денеска…
Поплави, свлечишта и прекини на струја и…
Обилните врнежи во западна Грција предизвикаа поплави,…