Сиљановска-Давкова: Како и во Климентово време и нам ни е потребна повисока цел, околу која ќе градиме односи и ќе премостуваме разлики

t

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, упати честитка по повод државниот празник Свети Климент Охридски.

Во честитката, претседателката потенцира дека пред нас стои задачата да ги обновиме доблестите кои ја одржуваат заедницата.

„Како и во Климентово време, и нам ни е потребна заедничка, повисока цел, околу која ќе градиме односи и ќе премостуваме разлики. Преку владеење на правото, борба против корупцијата, социјална правда и заемна грижа да го обновиме општествениот договор на слободни граѓани, еднакви пред законот и сплотени околу општото добро“, вели Сиљановска-Давкова.

Таа посочува дека споменот за охридскиот светител е дел од колективната меморија не само на македонскиот народ, туку и на целото словенство.

„Како што неговиот лик ги краси нашите храмови, така неговото име го носат многу наши образовни, научни и културни установи. Најголемото наследство на Св. Климент се писменоста и вредностите што им овозможиле на луѓето да ги разберат книгите, а со тоа и себеси, да научат дека не се одговорни само за сопствениот живот, туку и за животот на заедницата“, се наведува во честитката.

Сиљановска-Давкова додава дека под водство на Свети Климент, македонските краишта прераснале во образовен, просветен и културен центар, а охридската книжевна школа и духовното и уметничко богатство оставиле траен печат врз европската цивилизација.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ