Се огласи Јанчев: Нема ден да не помислам на сообраќајната несреќа, направив сè што можеше да се направи

t

Пратеникот од Левица, Сашко Јанчев, реагираше по поднесувањето обвинение од Основното јавно обвинителство Скопје против него за сообраќајната несреќа во скопското село Марино, во која загина 16-годишниот М.Д., а тешко беше повредена неговата 13-годишна сопатничка.

Јанчев тврди дека е единствениот легален учесник во сообраќајот во таа несреќа и дека случајот од самиот почеток бил искористен за политичка пресметка против него. Тој ги демантираше и шпекулациите дека бил под дејство на алкохол или дрога, како и наводите дека управувал со скапо возило и возел „бесно“.

„Најпрво жал ми е за сè што се случи таа вечер. Не поминува ден да не помислам на ова. Веднаш по настанот пружив помош и повикав итна медицинска помош. Направив сè што можеше да се направи. Брзата помош ја чекавме цели 50 минути. Морам да истакнам дека јас сум единствениот легален учесник во сообраќајот во таа несреќа“, изјави Јанчев.

Тој додаде дека, според него, власта уште истиот ден започнала со координирани напади преку медиуми, пласирајќи, како што рече, невистини дека бил пијан, дрогиран и дека управувал со „бесен џип“.

„Ништо од тоа не е точно. Моето возило е старо 20 години“, истакна пратеникот.

Реакцијата на Јанчев следува неколку часа откако Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против него за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.

Според обвинението, тој на 13 септември 2025 година, околу 00:50 часот, на крстосницата на улицата 10 во село Марино и сервисната улица, непрописно свртел со возилото без да се увери дека тоа може да го стори без да ги загрози другите учесници во сообраќајот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ