Власта удри по џебот на народот: УЈП бара данок на странски исплати за 2020 година
Илјадници граѓани нервозни – добија писмо од УЈП за непријавен данок на доход од странство за 2020 година. Од УЈП велат дека тоа е само почеток, ќе ги чешла сите изминати пет години
Од УЈП велат дека од анализираните податоци, околу 9.000 физички лица во 2020 година имаат остварено доход кој подлежи на оданочување, но не го пријавиле.: DW/P.
Редици пред шалтерите на Управата за јавни приходи и нервозни граѓани што чекаат. Тоа е сликата во ходниците на даночната институција откако на илјадници граѓани им заѕвони поштарот на врата и им врачи „новогодишни“ честитки во вид на опомени за неплатен данок.
„Пред пет години добив 400 долари од странство кои ми стигнаа на мојата банкарска сметка. Едвај се сеќавам на овие пари а сега ми стигна известување дека треба да платам данок. Тоа е нелогично“, вели млада девојка стоејќи во редицата со писмото в рака. Девојката дошла да ги праша даночните службеници зошто треба да плати данок на оваа еднократна сума. Тоа се, додава таа, единствени пари што и стигнале во последните пет години од странство.
Редица за прием чека и момче кое во рацете држи документи. Вели дека се тоа потврди дека данокот на исплатите што ги примил од странска компанија е платен во земјата од каде потекнува исплатата. Тој ни објаснува дека документацијата што ќе ја приложи како доказ е на англиски јазик. „Немам намера да плаќам и за превод, доволно е што ме вознемируваат за данок од 2020 година. Имале време досега да го сторат тоа“, ни изјави тој.
Како данокот од 2020 стигнал за наплата во 2025?
Нашите соговорници се едни од повеќе илјади луѓе кои добија писмо по пошта во кое УЈП ги известува дека не доставиле пресметка на аконтација на данок на доход од странство и затоа Управата ги повикува во рок од 15 дена да пријават електронска пресметка, а доколку тоа не го сторат ќе пристапи кон службено утврдување на данокот.
Зошто дури сега ни бараат пријава на данок за доход во 2020 година, прашуваат засегнатите граѓани. И дали е возможно да ги набавиме потребните потврди од странство дека данокот е платен таму, кога веќе од идната седмица стапуваат божикните празници во повеќето странски држави и многу од компаниите не работат со редовна динамика.
Од Управата за јавни приходи за ДВ не одговорија директно зошто дури сега ги повикуваат граѓаните да платат данок за 2020 година. Велат дека не станува збор за нова регулатива туку за одредби кои се дел од важечките закони како Законот за данок на личен доход, според кои физичките лица, македонски даночни резиденти имаат обврска доходот од странство, кој подлежи на оданочување согласно одредбите од тој закон да го пријават во УЈП преку поднесување на електронска пресметка. Појаснуваат дека УЈП еднаш месечно добива податоци од банките за приливите од странство на сите физички лица.
До сега, околу 1.300 лица доброволно се усогласиле, пријавиле доход во износ од 19 милиони денари и платиле данок од 10 милиони денари.
„Во изминатиот период, Управата започна проверки на овие податоци дали лицата го имаат пријавено доходот преку поднесување на електронска (е-пдд) пресметка. За обврзниците кои немаат поднесено вакви пресметки беа пратени покани со цел нивно усогласување со законските обврски“, велат од УЈП.
Колку граѓани се опфатени и каква е динамиката?
Од УЈП велат дека од анализираните податоци, околу 9.000 физички лица во 2020 година имаат остварено доход кој подлежи на оданочување, но не го пријавиле. До сега, околу 1.300 лица доброволно се усогласиле, пријавиле доход во износ од 19 милиони денари и платиле данок од 10 милиони денари. За 307 лица, УЈП официјално утврди данок од 1,5 милиони денари, кој е веќе наплатен.
Во наредниот период Управата ќе продолжи со оваа постапка и за приливите остварени во следните години сѐ до последно доставените податоци од банките, за месец ноември 2025.
Како да се докаже дека данокот е платен во странство?
На прашањето на ДВ како граѓаните можат да докажат дека веќе е платен данокот во странство кога им се префрлени исплатите, УЈП вели дека за валиден доказ се признава само доказот издаден од надлежниот даночен орган во странство, кој може да биде во вид на уверение, потврда или друг документ за платен данок.
„Сите докази кои обврзниците треба да ги достават било како прилог кон пресметката, или при посета на даночните канцеларии на Управата во постапка на утврдување на фактичката состојба, треба да бидат преведени на службен македонски јазик од страна на овластен судски преведувач“, појаснија од УЈП.
Притоа е важно да се знае, како што потенцираат од УЈП, дека приливите добиени по основ на подарок, семејна поддршка, позајмица или трансфери преку Western Union, Ria, Moneygram и слични сервиси не подлежат на оданочување со данок на личен доход и истите физичките лица немаат обврска да ги пријават во Управата.
Одбегнување на двојно оданочување со 49 земји
Северна Македонија инаку има склучено договори со 49 странски држави за одбегнување на двојно оданочување кое е клучен услов за граѓаните да не подлежат на данок и во државата од каде потекнуваат парите, и во својата матична земја.
„Од овие договори 48 се во примена, додека еден, оној со Арапска Република Египет сѐ уште не е во примена“, посочија од Управата во разговорот со ДВ. На интернет страницата на УЈП инаку има посебен линк на кој граѓаните можат да ја видат листата на држави со кои Северна Македонија има таков договор. Но како што нагласија од УЈП, има многу држави со кои нашата земја нема потпишано вакви договори.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Власта удри по џебот на народот: УЈП…
Илјадници граѓани нервозни - добија писмо од…
Почина радио-водителот Драган Б. Костиќ
На 75-годишна возраст почина еден од најпопуларните…
Минималната синдикална кошничка за декември 65.492 денари,…
По ноемвриското намалување на Синдикалната минимална кошница…
Скопје под сива завеса: Mаглата го гуши…
Скопје од утрово се разбуди под густа…
Се одржа 34. Марш за ангелите –…
Родителите на починатите во пожарот во „Пулс“…