Писма од Управата за јавни приходи за данок од 2020 година деновиве ги вознемирија граѓаните
Скопјанец деновиве добил известување од УЈП дека треба да плати данок за заработени пари кои ги добил на својата сметка од странство пред пет години. Веста и не би била толку чудна, ако не е тврдењето на скопјанецот, дека данокот за тие пари веќе го платил во земјата од која дошол приливот. Тој вели дека и покрај тоа, морал повторно да поднесува документација и пријава. Скопјанецот, кој не сакаше да го открие својот идентитет, смета дека ваквата постапка создава дополнителен притисок и неизвесност кај граѓаните.
„Ми стигна писмо од УЈП, кога го отворив се изненадив дека се работи за прилив од странство од 2020 година. Во мојот случај се работи за хонорар за кој данокот е веќе платен во странство, но сепак направив пријава. Ме изненади сепак што мој пријател ми кажа дека му стигнало известување за данок кој веќе го платил во УЈП, што укажува дека веројатно праќаат на сите без да погледнат дали веќе е платен данокот што не е во ред, и ќе создаде дупла работа и за граѓаните и за вработените во УЈП.“
Тој е еден од над 9.000 македонски граѓани кои деновиве добија писма од Управата за јавни приходи дека имаат обврска да платат данок за приливи на пари заработени во странство од 2020 година па наваму. Постапката предизвика бурни реакции, особено поради тоа што се работи за приливи од пред пет години. Дел од граѓаните велат дека тешко доаѓаат до стара документација или веќе ги фрлиле доказите за платен данок. Има и нејаснотии околу тоа кои приливи подлежат на оданочување, а кои не. Од УЈП велат дека решенијата се испраќаат, за да не застари обрската и негираат дека тие се носат автоматски. Велат дека известувањата не значат веднаш утврден долг, туку повик за појаснување и доставување документација.
„Постапките што се во тек не претставуваат нова мерка, ниту селективен пристап, туку редовна законска постапка која се спроведува во рамки на законски предвидениот рок за застарување на утврдувањето на даночните обврски од пет години, за која Управата за јавни приходи транспарентно уште на почетокот информираше со соопштение до јавноста на интернет-страницата на УЈП, а изработи и видео-упатства со цел граѓаните на лесен и едноставен начин да ги поднесат и платат пресметките за остварен доход од странство. Во контекст на наведеното, нагласуваме дека секој случај се разгледува поединечно, а решенијата не се носат автоматски, туку врз основа на податоци, законските критериуми како и дополнителните докази кои се доставуваат од обврзниците.“
Од Управата појаснуваат дека не подлежат на оданочување семејните дознаки, алиментацијата и парите испратени од блиски роднини, доколку се соодветно евидентирани и документирани. Данок се утврдува само кога приливите од странство претставуваат доход од работа, хонорар, услуги или друга дејност. Од УЈП апелираат граѓаните навремено да ги исполнуваат обврските и да доставуваат целосна документација, со цел да се избегнат дополнителни пресметки и санкции.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Писма од Управата за јавни приходи за…
Скопјанец деновиве добил известување од УЈП дека…
Доктор Беќаровски советува: Како да се заштитиме…
Во денови кога концентрациите на ПМ 2.5…
Скопје и натаму меѓу најзагадените европски градови…
Аерозагадувањето и сезонскиот грип ја полнат болницата…
Несреќа во Кочани: Повредени четири лица, две…
На 20.12.2025 во 05:35 часот во ОВР…
Власта и опозиција се скараа за загадувањето,…
Бесплатен превоз, пари за филтри, еколошко греење,…