(Фото) Морничаво – еве како се радикализираат младите во Македонија: Спречен е и терористички напад
Додека државата на хартија подготвува нов закон за следење на онлајн просторот, на терен се одвива „тивок лов“ на млади умови. Суптилни форми на регрутација, скриени зад безопасни QR кодови и групи за „поддршка“ на Телеграм, стануваат главното оружје на радикалните структури во земјава. Безбедносните служби веќе пресретнале конкретни планови за терористички акти инспирирани од ИСИС, токму во периодот 2024-2025 година.
На прв поглед делуваат мотивирачки, духовни и безопасни. Но, истражувањата, вклучително и анализите на ISSAT, потврдуваат дека зад оваа фасада се крие добро организирана мрежа, објaви Сител.
„Првиот чекор е токму скенирањето на QR кодот, потоа вклучување во групи на Телеграм и други социјални мрежи. Зад нив се кријат луѓе кои најпрво сакаат да изградат доверба со вас, а потоа да ве регрутираат“, објаснуваат експертите.
Алармантна статистика: Скок на радикализмот во 2024
Податоците на МВР ја потврдуваат сериозноста на состојбата. 2024 година ќе остане запишана како година со рекорден број на регистрирани кривични дела поврзани со омраза и радикализам – вкупно 25, што е двојно повеќе во споредба со претходните години.
Статистика на МВР за дела од омраза и радикализам:
2021: 10 дела
2022: 10 дела
2023: 11 дела
2024: 25 дела (Рекорд)
2025 (до октомври): 16 дела
Најголем пораст има кај делото „предизвикување омраза и раздор“, кое од само 2 случаи годишно, скокнало на 9 во 2024 година.
Трајанов: Спречен е терористички напад
Павле Трајанов, претседател на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам, открива застрашувачки податок – онлајн радикализацијата веќе се прелеала во реалниот свет.
„Kрајот на 2024 и почетокот на 2025 година, разоткриена е група која подготвувала терористички акти базирани на идеологијата на Исламска држава. Службите навреме ги попречија“, открива Трајанов.
Тој најавува дека државата подготвува нов закон кој ќе овозможи следење на онлајн радикализацијата дури и во затворени платформи, како што се „четовите“ во видео игрите, каде што младите се најранливи.
Технологијата побрза од безбедноста
Професорот по безбедносни науки, Методи Хаџи-Јанев, предупредува дека системот доцни. Според него, главниот предизвик е што технологиите направени за комфор, сега се користат како „вектор на закана“.
„Иако е добро што се носат вакви мерки, ние веќе доцниме со овој закон. Сепак, потпирањето само на алгоритми е опасен чекор. Тие мора да бидат тренирани од човечки фактор. Постои сериозен ризик од нарушување на границата помеѓу ефективната борба и загрозувањето на човековите права“, предупредува професорот.
Куманово „плодна почва“, ИВЗ без контрола?
Истражувањето „Разбирање на превенцијата на радикализацијата во Северна Македонија“ мапира уште една критична точка – верските објекти. Алармот е вклучен за Куманово, каде се тврди дека Исламската верска заедница (ИВЗ) нема целосна контрола врз џамиите, што го прави градот „плодна почва“ за регрутирање. До моментот на објавување, ИВЗ не одговори на прашањата за контролата врз објектите и растот на радикалните групи.
За разлика од нив, од МПЦ-ОА излегоа со јасен став дека не препознаваат раст на екстремизам во своите редови.
„Црквата не се обликува според идеолошки координати, туку според евангелската заповед за љубов кон секој човек. Повикот на Црквата не е кон исклучување, туку кон заедништво“, велат од МПЦ.
„Црвено копче“ за спас
Надлежните апелираат до граѓаните да не молчат. Како клучна алатка за превенција се посочува „Red Button“ (Црвено копче) на веб-страницата на МВР, каде може анонимно да се пријави секој сомнителен обид за радикализација, пред „тивкиот повик“ да се претвори во насилство.
Извор: Сител
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Фото) Морничаво – еве како се радикализираат…
Додека државата на хартија подготвува нов закон…
Сточарите до Владата: Или исплата на субвенциите…
„Трпението е потрошено, ножот е дојден до…
Македонија вечерва меѓу топ 10 најзагадени земји…
Македонија е меѓу најлошо рангираните земји во…
Почна зимата
Зимата во земјава и на северната хемисфера…
СДСМ: Каде е милјардата што ја ветуваше…
ДПМНЕ не може да побегне од фактот…