Баџанакот на премиерот Мицкоски доби тендер од струмичкиот буџет за свечен ручек
Набрзо по преземањето на власта во Струмица од страна на градоначалникот Петар Јанков од ВМРО-ДПМНЕ, една од првите јавни набавки, иако мала по вредност, отиде кај „Шалом – Фуд Груп“ ДОО, компанија во сопственост на Јорданчо Јанев, баџанакот на премиерот Христијан Мицкоски и Дончо Карастоев – прв братучед на Јанев.
Компанијата беше единствен понудувач и добитник на тендерот за ресторански услуги за свечениот ручек кој се одржа на 11 декември, по повод локалниот празник „Св. 15 Тивериополски свештеномаченици“. Вкупната вредност на договорот е 400.000 денари со ДДВ, со кој компанијата се обврза да обезбеди традиционален свечен ручек до 250 гости. Свечениот ручек се одржал во ресторанот „Шалом“ во Струмица.
Според финансиската понуда, менито вклучувало пржена пастрмка, посно гравче, посна чорба, посни сарми, салата, баклава, леб, безалкохолни и алкохолни пијалаци (ракија, мастика, пиво, вино), како и кафе и чај.
На одбележувањето на градскиот празник на 11 декември во Струмица присутни беа и црковни лица, директори на институции, министри од владата.
И добитник на тендер и покровител?
Соопштение за одбележувањето во Струмица објави и Комисијата за односи со верските заедници и религиони групи. Сепак, една формулација во соопштението отвора дилема поврзана за улогата на семејството Јаневи.
„На богослужбите присутна беше директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Оливера Трајковска, потпретседателот на македонското собрание Антонио Милошоски, градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков, покровителите на годинашната слава Јорданчо и Стевица Јаневи, советници, директори на институции и голем број на верници“, се наведува во соопштението.
Тврдењето дека Јорданчо и Стевица Јаневи се “покровители” на свеченоста на 11 декември во Струмица е дијаметрално спротивна со тендерот за ресторански услуги доделени од општинскиот буџет на компанијата во која ја делат сопственоста со неговиот братучед Дончо Карастоев, кој е и управител на Шалом – Фуд Груп Струмица.
Терминот “покровител” во принцип имплицира финансиска или каков било друг материјална поддршка – односно семејството Јаневи приватно од свој џеб да ги покријат трошоци за организацијата.
Поратал Икс се обрати до општина Струмица, барајќи објаснување на што конкретно биле покровители семејството Јаневи, ако се има во предвид дека општината од свој буџет спроведе јавна набавка за свечен ручек, тендер кој го доби компанијата „Шалом-Фуд Груп ДООЕЛ“, во која сопственици се Јорданчо Јанев и Дончо Карастоев. До објавување на текстот, одговор не добивме.
За организацијата на настанот реагираа од партијата Левица. Од таму велат дека во време кога многу семејства се соочуваат со сиромаштија, задолженост, намален стандард и секојдневни трошоци, овие енормни суми за елитни настани се неприфатливи.
„Како партија, ние ќе се залагаме за транспарентен и одговорен буџет, каде парите на граѓаните се вложуваат во социјални проекти, образование, здравство и поддршка за најранливите групи, а не за раскошни и “елитни” ручеци. Време е да се стави народот на прво место, а не ексклузивни свечености, особено кога општината се соочува со големи долгови“, реагираат од локалниот огранок на Левица во Струмица.
Роднински врски и опозициски реакции
Јорданчо Јанев и Дончо Карастоев добија видливост во јавноста откако опозициската СДСМ во предизборието ги поврзуваше нивните имиња со семејни шеми на премиерот Христијан Мицкоски со фирми во Бугарија.
СДСМ тврдеше дека Јорданчо Јанев, баџанак на Мицкоски управува со фирмата ДАНО ТРАНС ЕООД во Петрич, каде наводно „вртеле“ до 3 милиони бугарски лева од македонскиот буџет. Карастоев, пак, прв братучед на Јанев и управител на „Инфинити транспорт груп“ со седиште на истата адреса, беше опишан од портпаролката на социјалдемократите Богданка Кузеска како дел од истата коруптивна мрежа за извлекување пари надвор од земјава.
Овие обвинувања доаѓаа од официјални прес-конференции на СДСМ, со ветување за истраги по изборите, но беа демантирани од ВМРО-ДПМНЕ како „лажни вести“.


ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Баџанакот на премиерот Мицкоски доби тендер од…
Набрзо по преземањето на власта во Струмица…
Русија е подготвена да потврди дека нема…
Русија е подготвена да потврди во правно…
Бизнисменот Нефи Усеини, кој тепаше општински советник,…
Фирмата на контроверзниот бизнисмен од Охрид доби…
Владата со „голема желба“, ама нема зголемување…
Сите имаат голема желба за зголемување на…
Гил: ЕУ работи на нов пакет за…
Европската комисија тесно соработува со земјите членки…