Миноски: Македонија функционира по олигархиски модел – државата работи за малкумина, а мнозинството плаќа

t

Поранешниот министер за финансии, Кирил Миноски, во објава на Фејсбук остро реагира за, како што наведува, олигархискиот модел на владеење кој со децении ја разорува државата и економијата.

Миноски потсетува дека уште античките филозофи го препознале олигархискиот систем како облик на владеење во кој мал број луѓе, водени исклучиво од сопствениот интерес и богатство, ја контролираат државата. Повикнувајќи се на Платон и неговото дело „Државата“, тој нагласува дека кога богатството станува единствен критериум за моќ, државата престанува да служи на општото добро и се претвора во алатка на малкумина.

Според него, современата олигархија претставува структура на моќ во која бројчано мала, но економски доминантна група ги контролира институциите, ресурсите и клучните одлуки, со цел зачувување на сопствените привилегии. Таквиот модел, вели Миноски, неизбежно води кон корупција, потиснување на плурализмот, негативна селекција и постепено претворање во автократија.

„Во Македонија олигархијата не се создаде од претприемачки дух, туку од блискост со власта. Транзицијата беше најголемото прераспределување на богатството во нашата историја – општествениот капитал вреден милијарди се претвори во приватни империи за симболични суми“, пишува Миноски, додавајќи дека богатството не било создадено, туку преземено.

Тој оценува дека домашната олигархија е неконкурентна, не инвестира во продуктивна економија и целосно се храни од државата – преку буџетот, јавните набавки и монополи креирани по мерка на малкумина. Парите, наместо да се инвестираат, завршуваат надвор од земјата во форма на депозити, луксуз и хедонизам, додека преку капиталот се контролираат политиката и медиумите.

„Нивниот бизнис модел е едноставен: државата плаќа – тие собираат. Сè што функционира го присвојуваат, а сè што пропаѓа му останува на народот“, наведува поранешниот министер.

Според Миноски, резултатите од ваквиот модел се очигледни: уништени институции, слаба економија, масовна емиграција на младите и општа безнадежност кај граѓаните. Тој нагласува дека државата не ја уништуваат сиромашните или жртвите на транзицијата, туку истиот олигархиски систем кој со децении се репродуцира преку нови актери, но со исти привилегии и злоупотреби.

На крајот, Миноски повикува на суштинска промена и отворање на клучното прашање: „Од каде се парите и каде исчезнаа?“ Според него, Македонија мора да премине од олигархиски кон производствен модел на економија, во кој богатството се создава, а не се извлекува, и државата конечно ќе се врати во рацете на граѓаните.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Британија има околу 940 албански затвореници: Трансферот…

Албанските државјани веќе седум години се најбројната…

Хрватска го проширува системот за рано откривање…

Системот за видео надзор за рано откривање…

Ѓорческа поразена на стартот од квалификациите на…

Македонската тенисерка Лина Ѓорческа не успеа да…

Барнам од Киев: Украина е првата линија…

Британскиот премиер Енди Барнам вети континуирана поддршка…

Муцунски – Саар: Потпишани билатерални документи за…

Во рамките на работната посета на Израел,…