На 108 години почина Рејчел Нахмијас – жената која верно го чуваше споменот на битолските Евреи
На 108 години, во Соединетите Американски Држави почина Рејчел Нахмијас, најстарата преживеана Еврејка од Битола од пред Втората светска војна, родена во далечната 1917 година. Рејчел во 1943 година се спасила од нацистичките логори на смртта така што албанскиот конзул во Битола ја скрил во багажникот од неговиот автомобил, пишува „Тера“.
Само два проценти од Евреите во Битола успеале да ја избегнат депортацијата во нацистичките логори. Рејчел таа имала 26 години и избегала во Албанија, каде ја поминала војната. Со албанското семејство на нејзините спасители живеела до 1950 година, а потоа заминала во Бостон, САД.
Веста за смртта на Нахмијас ја соопшти нејзината внука, пејачката Сара Ароесте.
Таа, како што пренесува телевизијата „Тера“, била честа гостинка во Битола и со голема љубов го чувала споменот на нејзиното семејство и времето кога нејзините претци живееле на Широк сокак.
„Со длабока тага објавувам дека овој викенд почина мојата херојска драга братучетка Рејчел, на неверојатни 108 години. Рејчел е родена во 1917 година во Битолско. Таа била сведок на толку многу работи во својот неверојатен живот. Како единствена преживеана од нејзиното семејство по Холокаустот таа беше инспирација за сите што ја познаваа. Оваа фотографија е направена пред само три месеци кога таа сè уште беше целосно активна и споделуваше ладино приказни и песни со мене. Има уште многу што да се сподели за мојата Рејчел која беше вистински благослов за овој свет“ напиша на Фејсбук, популарната пејачка Сара Ароесте.